Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не е непознат фактот дека честопати тоа наследство не му било припишувано на нашиот народ, ниту пак бил соодветно согледан творечкиот придонес на Македонците во неговото создавање. Светската наука веќе двесте години покажува најголем интерес кон фреските и иконите создавани на тлото на Македонија, од времето на Свети Климент, па до крајот на 19 век. За жал, нашиот придонес кон овој вид наследство во нашата земја не се наоѓа секогаш на задоволително ниво, нагласува академик Вера Битракова-Грозданова

Повод: Десет години од постоењето на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ

Културното наследство е поврзување со предците и културна рамка што им овозможува на поединците и заедниците да го разберат своето место во светот. Од друга страна, културно наследство ги зачувува историските наративи, со што имаме можност да учиме од минатото, но и да ги цениме и негуваме сопствените особености. Токму тоа е улогата на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите, кој одбележа десет години од своето постоење. Од 2014 година споменатиот центар е насочен кон унапредување на научните сознанија во доменот на историјата на уметноста и археологијата, посебно средновековната уметност и уметноста на доцниот среден век и времето на преродбата, како и уметноста и материјалната култура во антиката на тлото на Македонија.
По повод десет години од основањето на Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите се одржа свеченост на која се обрати Живко Попов, претседателот на МАНУ, како и академик Вера Битракова-Грозданова.
Вера Битракова-Грозданова во пригодното обраќање ги соопшти целите и активностите на Центарот, проектите и истражувањата што ги реализира во изминатата деценија, издавачката дејност, меѓу кои е и годишното списание „Монумента“, организирањето летни школи за проучување на фрескоживописите. Грозданова исто така посочи дека исклучиво истражуваат артефакти и уметнички дела што се откриени на територијата на нашата земја. Притоа таа напомена дека до пред шест години во Центарот имало четворица вработени, а денес „се сведени на тројца“, но во реализацијата на проектите вклучуваат академици, научни работници од факултети, од културни институции и научни институти.
Во доменот на историјата на уметноста и археологијата, како што рече, се изучувањата на богатото културно наследство на почвата на Македонија што им припаѓа на претхристијанскиот период, протоисторијата, раната антика, римскиот период, христијанизацијата, византискиот период, како и делата од исламската уметност.

– Во оваа област МАНУ го има дадено својот значаен придонес со обелоденување на Археолошката карта на Македонија, едиција што успеа да поттикне интерес и голем број пофалби во ексјугословенската наука и таа денес е исцрпена. Шеесетина години од постоењето на државните институции во нашата земја, ова непроценливо наследство секогаш не било проучувано и публикувано на ниво како што тоа заслужува. Научното проучување се третира како личен чин на професионалците, макар што се знае дека самото проучување и вреднување на културното наследство имаат круцијална цел не само во проширување на сознанијата на нашата историја, култура и уметност туку и уште повеќе во нејзиното соодветно презентирање во светот – рече Битракова-Грозданова.
Според академик Вера Битракова-Грозданова, Македонија во минатото се проучувала најчесто од страна на организирани институти во европските развиени земји што имаат заслуга во запознавањето на културното наследство од историјата на уметноста, археологијата.
– Меѓутоа, не е непознат фактот дека честопати тоа наследство не му било припишувано на нашиот народ, ниту пак бил соодветно согледан творечкиот придонес на Македонците во неговото создавање. Светската наука веќе двесте години покажува најголем интерес кон фреските и иконите создавани на тлото на Македонија, од времето на Свети Климент, па до крајот на 19 век. За жал, нашиот придонес кон овој вид наследство во нашата земја не се наоѓа секогаш на задоволително ниво – рече Битракова-Грозданова.
Таа го нагласи и успехот за враќање од Албанија на дел од отуѓените икони од македонските цркви, посочувајќи дека ни останува во иднина да продолжиме со борбата за враќање на преостанатиот дел од ова културно наследство, при што искрено се надеваме на помошта и поддршката од Министерството за култура.
На свеченоста се обрати и Аксинија Џурова, академик во Бугарската академија на науките (БАН) и раководителка на Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ од Софија. Таа рече дека Центарот достојно го одбележува својот 10-годишен јубилеј и за време на своето постоење ја докажал својата важност како авторитетна институција посветена на проучување и популаризирање на културното наследство на нашата држава, кое има не само национално туку и општоевропско значење.

– Го поздравуваме најсрдечно десетгодишниот јубилеј на вашиот Центар за културно наследство, кој го носи името на академик Цветан Грозданов – големиот македонски научник и пријател на нашиот патрон, академик Иван Дујчев, како и на генерации бугарски научници. За нас е чест и искрена колегијална радост да присуствуваме со вас на овој ваш празник. И како што нашите патрони Дујчев и Грозданов одржуваа не само научни туку и чисто човечки, пријателски контакти, би сакале и нашите два центра да имаат можност, како што беше и досега, да развиваат заедничка научна и истражувачка дејност, да разменуваат не само изданија и специјалисти туку да споделуваат вредности и идеи во проучувањето на културното наследство во општиот европски дом, за што цврсто веруваме дека без хуманитарното спознание човечките колективи се осудени на духовна смрт – нагласи Џурова.
Во рамките на настанот беа промовирани монографијата „Св. Климент Охридски, 190 портрети“ и нов број од списанието „Монумента“, беше отворена изложбата „Библиските и декоративните мотиви на резбаните иконостаси на Петре Филиповски Гарката“ и беше организиран научен собир „Од антиката до средниот век и преродбата – нови сознанија (археологија, историја и историја на уметноста)“.


Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ е основан во 2014 година. Основна цел на Центарот е унапредување на научните сознанија во доменот на историјата на уметноста и археологијата, особено средновековната уметност и уметноста на доцниот среден век и времето на преродбата, како и уметноста и материјалната култура во антиката. Работата на Истражувачкиот центар започна со формирањето на Советот на Центарот, во состав: акад. Цветан Грозданов, акад. Вера Битракова-Грозданова, акад. Ѓорги Поп-Атанасов, акад. Витомир Митевски, акад. Иван Катарџиев, акад. Глигор Чемерски, проф. д-р Елица Манева, архиепископ г.г. Стефан, митрополит г. Тимотеј и Беџехудин Шехапи.
Во текот на изминатите години во Центарот се реализирани повеќе научноистражувачки проекти: Живописот на Свeта Богородица Перивлепта (Св. Климент) и уметноста на Охридската архиепископија во 13–14 век; Верувањата преку сликата во камен во античко време во Македонија – корпус на споменици. Проекти во рамките на меѓупроектната соработка со БАН: Дебарска и Самоковска зографска школа; Од паганство до христијанство итн.


Цветан Грозданов – еден од најистакнатите македонски византолози и историчари на уметноста

Постоењето на Центарот ќе беше невозможно без Цветан Грозданов, кој останува запаметен како истакнат византолог, историчар на уметноста и академик, но и прв министер за култура на Македонија, претседател на Македонската академија на науките и надворешен член на САНУ. Тој е автор на повеќе од 300 библиографски единици објавени на македонски и други јазици во домашни и странски стручни и научни списанија. Тој има откриено повеќе средновековни ансамбли на фрескоживописот на Македонија и има идентификувано повеќе историски личности претставени во старата уметност на Балканот. Во целокупниот опус на Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски, па до 19 век.
Според проф. д-р Сашо Цветковски, големо поглавје во научниот опус на академик Цветан Грозданов претставува проучувањето на културата и уметноста на 19 век, време на преродбата во Македонија.
– Интересот кон оваа материја во неговото дело се следи уште од студентските денови, но посебно се интензивира во последните дваесетина години, кога настануваат серија студии и прилози за уметноста на доцниот среден век, за портретите на словенските светци и подемот на нивните култови во 18 век. Повеќе текстови за седмочислениците, македонските новомаченици, а над сѐ интересот и резултатите од проучувањата на живописот на Дичо Зограф и син му Аврам. Со овие истражувања Грозданов ги отвори суштинските прашања за дебарската зографска школа (мијачка), највлијателна во балканската уметност од 19 век – нагласува Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ.