Фото: Петар Милошевиќ

Црквата „Свети Димитриј“ е подигната во 1830 година, на местото на некогашниот стар параклис од 1726 година, кој изгорел во пожар. Внатрешноста на оваа црква е богато разиграна со импозантни галерии на катот, резбан владичин трон, двокатен иконостас во плитка резба и амвон

„Свети великомаченик Димитриј Солунски“ претставува православна црква во Битола. Изградена со посебно одобрение на турските власти, црквата требало да биде скромна и неугледна градба, пониска од околните џамии. Поради тоа, таа е вкопана во земја и е изградена за само четири месеци со доброволни прилози од битолските христијани.
Внатрешноста на оваа црква е богато разиграна со импозантни галерии на катот, резбан владичин трон, двокатен иконостас во плитка резба и амвон. Иконостасот потекнува од средината на 19 век и е изработен во плитка резба, а подоцна е гипсиран и позлатен. Камбанаријата е од 1936 година и е дело на Александар Дероко.
Градена е во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Целиот иконостас е изработен во позлатен рез од вештите раце на непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Во 2005 година конзерваторите од Битолскиот завод и музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата откриле дотогаш непозната фреска со претстава на Исус Седржител. Фреската е на централниот дел од сводот на црквата, кој повеќе од еден век бил покриен со црнила од горењето на свеќи, така што долго време вредните историски уникати биле непознати.
Денес „Св. Димитриј“ е централна црква во Битола и во неа се одржуваат најголем број венчавки и крштевки, а наедно е и централно место за сите поважни христијански празници. Д.Ст.

Фото: Рашо мк