Четвртото издание на фестивалот „Мала школа за краток филм“ ќе се одржува во Битола од денеска до 1 ноември, во рамките на програмата за одбележување на 80-годишнината од денот на ослободувањето на градот Битола. Организатор на фестивалот е здружението „Aye aye VO“ од Нанси, претставено во Битола од Тони и Бландин Гламчевски, како носители на проектот поддржан од Општина Битола, Францускиот институт и Француската алијанса, која го организира Меѓународниот филмски фестивал во Нанси на кој се прикажани речиси сите најнови македонски филмски остварувања во последните десетина години. Акцијата во Битола се потпира и на несебичното ангажирање на Вера Соклевска, која беше и иницијаторка за доаѓањето на фестивалот во Битола и особено со почетокот во нејзиното одделение во училиштето во С. Гермијам.
Здружението од Нанси веќе 20 години организира фестивал за училиштата (од градинка до трето одделение), Фестивал на школски филм за краток филм, кој годинава треба да пречека повеќе од илјада деца во Нанси и 242 деца во Везелизе. И по четврти пат придобивки од овој детски фестивал ќе имаат и децата од Македонија, особено од Битола и околните села, со значителен ангажман на Центарот за култура во Битола, кој е коорганизатор и домаќин на фестивалот. Првото издание се одржа во 2019 година, но поради пандемијата второто издание се одржа дури во 2022 година, а потоа следуваше изданието во 2023 година.
Фестивалот ќе започне со проекции во училиштето „Славко Лумбарковски“ во Новаци. Свеченото отворање во Битола ќе биде придружено со специјална програма на кратки филмови наменети за децата во четири различни возрасти. Организаторите предвидоа и работилница со наставниците од битолските училишта на која децата ќе бидат запознаени со начинот на правење краток филм. Овој настан е наменет за најмладите и тинејџерите, со програми приспособени на возраста на публиката. Целта е да се запознаат децата со светот на кинематографијата од друг агол од оној на платформите, социјалните мрежи и телевизијата и да им се помогне да развијат критичко размислување. Децата всушност се охрабруваат да разговараат на крајот од проекциите. Овие размени ги поттикнуваат луѓето да зборуваат, да ги слушаат другите, да даваат свои мислења, да ги споделат своите чувства и емоции. Прикажаните филмови се внимателно одбрани од членовите на програмскиот тим на Здружението на кратки филмови, кои аплицираат за Меѓународниот филмски фестивал во Нанси. Има четири програми и за првпат децата од Македонија ќе гласаат за победниците на филмовите во четирите категории заедно со нивните врсници од Франција.
Сите проекции на фестивалот за краток филм „Мала школа за краток филм“ се бесплатни.