Промоција на две македонистички изданија на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска напладне. Станува збор за зборници на трудови во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Опера славика Будапестинензија“. Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова.
Зборникот „За македонскиот јазик“ од Блаже Конески е издаден по повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината се вбројуваат предговорот на Златко Панзов и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик“, „Афирмација на македонскиот јазик“ и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици“. Во зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков, а публикацијата содржи фотографии од првите изданија на Граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонцките работи“.
Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“, пак, е сочинет од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески“, „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов“ од Владимир Мартиновски, „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин“ од Иван Антоновски, „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо“ од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија“ од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски.
Златко Панзов е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Дипломирал на групата Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, магистрирал на културологија на Институтот за македонска литература на темата „Исток и запад – осиромашување на човековиот дух во делата на Бела Хамваш“. Докторанд е на Докторската школа за литература при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарски современ роман. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи.

Заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ги приредиле и превеле антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“, зборникот „За македонскиот јазик“ – избор на текстови од Блаже Конески и Крсте Петков Мисирков, објавен по повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески и зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (2023), избор на текстови од реномирани македонски книжевни теоретичари. Од 2019 година ја организира манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта.
Анамарија Цинеге-Панзова (1976, Унгарија) е литературна преведувачка на унгарски и македонски јазик. Во 2002 година дипломирала на факултетот за хуманитарни науки ЕЛТЕ во Будимпешта и се стекнала со звањето професор по унгарски јазик, а во 2003 година на тој факултет се стекнала и со звањето филолог по полски јазик. Работела како лекторка по унгарски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (2011-2016). Докторантка е на Докторската школа за книжевност при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Нејзините научни истражувања се фокусирани на рецепцијата на македонската книжевност во унгарски културен контекст. Добитничка е на почесно Рациново признание за 2024 година за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата. В.Д.