Фото: „Нова Македонија“

Нашиот јужен сосед повторно е на првото место меѓу земјите членки на Европската Унија што имаат најголем долг, кога се прави процентуална споредба меѓу задолженоста и учеството во бруто-домашниот производ на земјата. Од друга страна, нашиот источен сосед е земја членка што има најмал долг меѓу државите од европскиот блок, покажуваат податоците на „Евростат“

Јавниот долг во ЕУ продолжува да расте

Соседите на Македонија – Грција и Бугарија – се на врвот, односно на дното според вкупниот долг што го имаат државите. Најновите податоци на европскиот статистички центар откриваат дека Грција и понатаму е лидер, но не во позитивна смисла. Нашиот јужен сосед повторно е на првото место меѓу земјите членки на Европската Унија што имаат најголем долг кога се прави процентуална споредба меѓу задолженоста и учеството во бруто-домашниот производ на земјата. Од друга страна, нашиот источен сосед е земја членка што има најмал долг меѓу државите од европскиот блок.
Во согласност со последните податоци за вториот квартал од 2024 година, бруто-долгот во однос на бруто-домашниот производ (БДП) во еврозоната (EA20) изнесуваше 88,1 отсто и бележи пад во споредба со 87,8 проценти на крајот на првиот квартал од 2024 година. Во ЕУ односот се зголеми од 81,3 на 81,5 отсто.
– Во споредба со вториот квартал од 2023 година, односот на јавниот долг кон БДП се намали во еврозоната од 88,8 на 88,1 отсто. Истото тоа се случи и во ЕУ, каде што од 81,9 спадна на 81,5 отсто. На крајот на вториот квартал од 2024 година долгот на општата влада беше составен од 84 проценти должнички хартии од вредност во еврозоната и 83,6 отсто во ЕУ, 13,4 проценти заеми во еврозоната и 13,9 отсто во ЕУ и 2,5 проценти депозити и во еврозоната и во ЕУ – објаснуваат статистичарите на „Евростат“.

Државниот долг на крајот на вториот квартал од 2024 година по земја членка

„Евростат“ објави дека меѓу државите со најголем задолженост се медитеранските земји, земји што во голема мера зависат од туризмот, како што е нашиот јужен сосед, но и Италија, Франција, Белгија и Шпанија.
– Највисоки стапки на државниот долг кон БДП на крајот на вториот квартал од 2024 година се забележани во Грција со 163,6 отсто, па Италија со 137 проценти, Франција со 112,2 отсто – нагласуваат статистичарите.
Во согласност со објавените податоци, следна на листата најзадолжени земји е Белгија со 108 проценти долг, па Шпанија, каде што долгот достигнува 105,3 проценти од БДП, па Португалија, која има задолжување малку над 100 отсто, односно 100,6 проценти.
Спротивно на нив, земји што имаат најмал процент на задолжување во споредба со БДП се Бугарија, Естонија, Луксембург, Шведска и Данска.
– Најниски стапки на долг се забележани во Бугарија, 22,1 отсто, па во Естонија со 23,8 проценти и во Луксембург со 26,8 отсто од БДП – се наведува во извештајот на „Евростат“.

Долгот расте во Финска, Австрија и во Италија

„Евростат“ утврдил дека вкупното задолжување на сите земјите членки на Унијата се зголемило во текот на годинава, сепак, поединечно секоја земја има своја евиденција, при што кај одредени е забележан раст, додека кај други намалување на долгот.
Имено, во споредба со првиот квартал од 2024 година, девет земји членки забележале зголемување на односот на долгот кон БДП на крајот на вториот квартал од 2024 година, седумнаесет намалување, а на исто ниво останала само Данска.
– Најголеми зголемувања на соодносот се забележани во Финска, каде што долгот се зголемил за два процентни поени, по што следуваат Австрија и Италија, кои забележале раст од 1,8 п.п. По нив следуваат Франција со 1,6 п.п. и Португалија 1,2 п.п. Најголемо намалување е забележано во Кипар, каде што долгот се намалил за 2,1 п.п. И Хрватска има голем пад на задолженоста од 2 п.п., како и Грција, каде што намалувањето е 1,8 п.п. Пад на долгот е регистриран и во Литванија, Шпанија, Чешка, Холандија, Германија и во Романија – прецизираат статистичарите на „Евростат“.
Притоа тие укажуваат дека во споредба со вториот квартал од 2023 година, тринаесет земји членки забележаа зголемување на односот на долгот кон БДП на крајот на вториот квартал од 2024 година, тринаесет земји членки забележаа намалување, а односот остана стабилен во Чешка.
Најголеми зголемувања на соодносот се забележани во Финска, каде што долгот пораснал за 5,2 п.п., по што следуваат Естонија со 4,7 п.п., Летонија и Полска, двете со раст од 4,1 п.п., па Австрија, Белгија, Романија и Словачка. Спротивно од нив, најголемо намалување е забележано во Кипар, каде што има пад на задолженоста од 10 п.п., и Грција со намалување од 8,9 п.п.. Потоа следува Португалија, каде што долгот се намалил за 8,1 п.п., по што следуваат Хрватска, Шпанија, Холандија, Германија и Луксембург. Е.Р.