Штом најголем дел од бугарските историчари тврдат дека ние
Македонците сме имале „бугарски етнички корени“, тогаш логично е да ги погледнеме тие нивни корени за да видиме дали се тоа и „наши“ корени, пишува историчарот Александар Донски во обемна анализа чија цел е да даде убедлив одговор за потеклото на Бугарите. Тој се осврнува на тврдењата на официјалната бугарска историографија за потеклото на Бугарите и на бугарскиот јазик, истовремено разбивајќи ја со аргументирани заклучоци бугарската пропаганда насочена против Македонија, вклучувајќи и забележани нелогичности во бугарската етногенеза и историја. „Нова Македонија“ во целост ќе го објави неговиот авторски текст во неколку продолженија
5. Ако денешните Бугари се „Словени“, зошто тогаш ги слават туркомонголските етнички Бугари како свои крвни предци? Ханот Аспарух во Бугарија е прогласен за најзначаен Бугарин на сите времиња, а и денес таму се величат туркомонголските ханови и цареви како „бугарски предци“. (Патем мала дигресија: Каква врска имаме ние Македонците со бугарските туркомонголски предци? Најголем дел од нив немале ниту стапнато во Македонија, освен кога доаѓале овде повремено да ограбуваат. Ханот Кубрат, кој во склад со монголската традиција имал бричена глава, немал ни слушнато за Македонија ниту пак имал стапнато на тлото на Европа, а камоли да биде „крвен предок“ на Македонците. Оттаму, ние Македонците, и да сакаме, не можеме да бидеме „Бугари“ затоа што немаме бугарска крв – туркомонголските Бугари НИКОГАШ не се населиле во Македонија за да бидат наши „крвни предци“.)
6. Постојат повеќе древни извори од тоа време што зборуваат за војна и непријателство помеѓу Македонците и Бугарите, и тоа уште од средниот век. Од многубројните примери, во интерес на просторот овде ќе го спомнеме само туркомонголскиот бугарски цар (со крстено име) Симеон. Византискиот историчар Лав Ѓакон за пустошењата на цар Симеон во Македонија во своето дело „Историја“ запишал: „Во септември, втор индикт, Симеон Бугаринот повторно настапил со својата војска против Цариград. Притоа ги опљачкал Тракија и Македонија, каде што сѐ опустошил и разурнал“. Византискиот историчар Симеон Логотет, за разурнувањата на нашата земја од бугарскиот цар Симеон, го напишал следното (цитат): „Во септември бугарскиот кнез Симеон со целата своја војска дојде до Цариград и притоа ги оплени Тракија и Македонија. Таму тие разурнаа и запалија сѐ и ги исекоа овошките“.
Овде сами по себе се поставуваат прашањата: Чија земја уништувал туркомонголскиот Бугарин (со крстено име) Симеон и каков народ ограбувала неговата војска? Зарем си ги ограбувале сопствените „сонародници“ доколку наводно Македонците биле етнички Бугари? (Сведоштва за уништувања во Македонија има и за други бугарски ханови и цареви, но во интерес на просторот ќе ги оставиме за друга пригода.)
7. Притиснати од нелогичностите во сопствената етногенеза и историја (од кои најважните ги изнесуваме во овој текст), некои бугарски автори очајнички почнаа да тврдат дека туркомонголските Бугари не припаѓале на жолтата, туку припаѓале на белата раса (со целата почит кон сите раси и народи). Но и овде доживеаја пораз. Врз основа на черепите од гробните наоди на туркомонголските Бугари можат да се реконструираат нивните ликови. Како еден од примерите објавувам илустрација со ликот на бугарскиот војсководец Мостич (кој поради тоа што бил војсководец во времето на цар Симеон и на неговиот син Петар можеби бил и најголемиот бугарски војсководец на сите времиња). Тој живеел во 10 век, а неговиот лик е реконструиран врз основа на неговиот череп (откриен во 1952 година во Велики Преслав) од страна на врвниот бугарски антрополог академик Јордан Јорданов. Јасно се гледа на која раса припаѓал Мостич, а така е и со ликовите на другите Бугари чии гробови се откриени во североисточна Бугарија и чии ликови можат да се реконструираат врз основа на нивните черепи. Па, повторно прашувам: Ова ли е крвниот предок на денешните Бугари? Ова ли е предокот и на денешните Македонци? Зарем може некој нормален да тврди такво нешто? А токму Мостич и неговите сонародници ги претставуваат најдлабоките „бугарските корени“ со кои ние Македонците очигледно немаме никаква допирна точка. Понатаму, се знае дека дел од туркомонголските Бугари не заминале со ханот Аспарух, туку си останале во својата татковина Азија (на границата со Европа).
Општо е познато дека нивните денешни потомци се Татарите од руската република Татарсан, кои со текот на времето го загубиле бугарското етничко име и (поради одредени историски околности поврзани со Русија) го прифатиле етнонимот Татари. Меѓутоа, денес кај Татарите постои силно преродбеничко движење, предводено од организацијата „Булгар ал џадид“ (во превод од бугарски: „Нови Бугари“), кои инсистираат на тоа дека тие не се Татари, туку дека се Бугари (потомци на ханот Кубрат). Вредни податоци за ова дава татарскиот историчар Халиков во неговата книга „Што сме ние: Бугари или Татари?“ (Казан, 1992). И не случајно поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов ги канеше бугарските здруженија од Татарстан на прославите организирани во Бугарија. Па, дали ова значи дека денешните Бугари се ист народ со Татарите од Татарстан? И зарем на нас Македонците ни се роднини Татарите (со целата почит кон овој убав и паметен народ)? Овде не можам а да не забележам уште една трагикомична ситуација. Денешните потомци на Словените и на славните Тракијци во Бугарија себеси се декларираат со туркомонголскиот етноним „Бугари“ (иако не се тоа), а вистинските Бугари од Азија се декларираат со туѓото етничко име Татари, кое им било наметнато низ историјата (иако токму тие се вистинските Бугари). И сето ова се случило главно под влијание на Русија.
8. Најголем „аргумент“ на бугарската историографија и пропаганда против Македонците е декларирањето на одделни наши преродбеници и егзархиски воспитувани револуционери како „Бугари“. Меѓутоа добро знаеме дека декларирањето на поединци не може да биде фактор за нечија етничка припадност (човек во животот може различно да се декларира и по неколкупати, тоа не значи дека постојано ќе си ја менува и етничката припадност), туку тоа е етногенезата (етничкото потекло). Доколку декларирањето е единствениот фактор што определува нечие етничко потекло, тогаш голем дел припадници на сиромашните народи од Африка денес себеси ќе се декларираат како „етнички Швеѓани“ со цел да добијат работа и живеалиште во Шведска. Понатаму, доколку декларирањето е фактор за нечие етничко потекло, дали тогаш денешните Бугари се „Срби“ само затоа што дури и во 19 век голем број жители на денешна Бугарија себеси се декларирале како „Срби“ (како што забележал патописецот Вилијам Макмајкл, кој во 1818 година ја посетил Бугарија)? Дека во Бугарија живеат Срби тврдел и францускиот дипломат Бузбек, но и други. Постојат и значајни Бугари што имале српска етничка свест, па дури и заземале видни функции во Србија (како што бил Никола Пашиќ од Тетевен). Или можеби денешните Бугари имаат „грчки етнички корени“ само затоа што мнозина нивни сонародници од 19 век се декларирале како „Грци“, а тоа го тврделе и странски патописци што ја посетиле денешната територија на Бугарија? Така, на пример, патописецот Адам Нил запишал дека во Разград живеат „Грци, Евреи и Турци“ (ни трага од Бугари), а Џон Галт во 1811 година запишал дека во Софија живеат „Грци“ (секако поради таквото декларирање на жителите на овој град). Впрочем, за жителите на Бугарија постојат дури 14 различни етнички детерминирања низ историјата.
А кога сме кај Бугарската егзархија добро е познато дека таа, злоупотребувајќи ги религиозните потреби на Македонците, до секоја црква отворала и училишта во кои македонските деца биле лажани дека се „Бугари“, па така се воспитувале и голем број македонски револуционери, иако некои од нив сосема добро знаеле дека не се Бугари. Денешната бугарска историографија тврди дека во тоа време немало Македонци, па затоа Турците само на Бугарите им дозволиле да отворат своја црква (егзархија). Но вистината е сосема поинаква. Како прво имало значајни иницијативи од Македонци за отворање своја црква во Отоманското Царство, но сите биле одбиени. Наместо тоа, била прифатена иницијативата на бугарските дејци (предводени од Чомаков и отец Авериј) за отворање Бугарска црква (егзархија). Па, зошто се случило ова? Одговорот е едноставен. Турците ги сметале Бугарите за свои крвни браќа и затоа ним им дозволиле да отворат црква, а не и на Македонците. Позната е изјавата на високиот турски претставник Али-паша, кој во преговорите што ги водел со истакнатите бугарски дејци Чомаков и отец Авериј околу формирањето на Бугарската егзархија (околу 1865 година) на Бугарите им рекол (цитат): „Вие добро знаете дека ние Турците и вие Бугарите имаме иста крв и дека и ние, а и вие, не сме Словени… Од вашата способност зависи дали ќе успеете сѐ да побугарите… за да станете наши наследници во Европа“.
Впрочем, и самиот Чомаков сметал дека Бугарите се со туркотатарска крв и дека словенскиот јазик им е само надворешно обележје. Тој бил предводник на туркофилската струја во Бугарија, која (поради своите убедувања дека Бугарите се Турки) барала поблиски односи со Турција. И не случајно Бугарија била единствениот балкански сојузник на Османлиите уште за време на нивното навлегување на Балканскиот Полуостров во 14 век.
Александар Донски
продолжува