Фото: ЕПА

Во неколку наврати од почетокот на новиот мандат на Европскиот парламент, групата на ЕНП ги изневери своите социјалдемократски и либерални историски сојузници и гласаше унисоно заедно со десницата. Некои го гледаат ова како искушение на десницата да се здружи со крајната десница за да наметнат помалку зелена, помалку социјална и построга агенда за имиграцијата…

Како се гледа кон приближувањето на конзервативците и десницата во Европскиот парламент

Земјите членки на Европската Унија на последните избори ги зафати силен десен бран. И крајната десница успеа да забележи високи изборни резултати и победи и веќе владее или е во владините коалиции во некои земји на Европската Унија. Па, и составот на Европскиот парламент на последните европски избори не остана поштеден од тој бран. Тоа се почувствува и на крајот на претходниот состав на ЕП. Засега, Манфред Вебер, претседателот на Европската народна партија (ЕНП), која ги обединува демохристијаните од Стариот Континент, беше задоволен со испраќање сигнали за теми без законодавни последици за ЕУ. Но тие не останаа незабележани од оние што се здружуваат во институциите на заедницата за да ја наметнат својата агенда во Парламентот во Стразбур, стравувајќи од приближување на десницата и крајната десница.
Социјалдемократите (СиД) и либералите на Рењув се особено загрижени за намерите на ЕНП, со кои тие сепак формираат мнозинство во Европскиот парламент, за да ја поддржат акцијата на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен. Во неколку наврати во последно време конзервативците од ЕНП, всушност, гласајќи со крајната десница, избираат алтернативно мнозинство.
Во средата во Стразбур оваа алијанса овозможи усвојување амандман на резолуција за европскиот буџет (без законодавна тежина) со која се бара од ЕУ да ја финансира изградбата на физички граници (ѕидови) на нејзините надворешни граници, за заштита од имиграција.
– Ова е јасен прекин со Санитарниот кордон – инсистира европратеничката од редовите на зелените Мари Тусен.
Така беше и на 10 октомври, кога раководните тела на Европскиот парламент одлучија по кој редослед ќе биде сослушана комесарката Фон дер Лајен за нејзиниот втор мандат, почнувајќи од 1 декември.
Со предвидувањето дека Италијанецот Рафаеле Фито ќе биде првиот од шесте извршни потпретседатели на институцијата што се очекува да се појават пред европратениците, овој распоред ги става под притисок центарот и левицата на Парламентот. Пораката е јасна: доколку не биде избран кандидатот на претседателката на италијанскиот совет Џорџа Мелони и нејзината десничкарска партија Браќа на Италија, неговите социјалистички и либерални колеги, меѓу кои и Шпанката Тереза Рибеира и Французинот Стефан Сежурне, може да бидат загрижени, оценуваат од париски „Ле монд“.

Десницата ги турка своите ставови

Во претходните недели десницата и крајната десница постојано ги наметнуваа своите ставови за прашањата за организацијата на парламентарниот живот. На 19 септември тие заеднички поднесоа – и усвоија, без поддршка на социјалдемократите и Рењув – резолуција за Венецуела.
– ЕНП в понеделник работи со гласање со нас, а в среда со Жордан Бардела (претседател на групата Патриоти за Европа и Националниот собир, РН – н.з.) – вели за „Монд“ европратеникот од редовите на макронистите Паскал Канфин.
Работата на ЕНП ја прокоментира и Натали Лоазо од Хоризонти, од групата Рењув.
– Групата се забавува демонстрирајќи дека има две можни мнозинства. Притоа, таа ја испраќа пораката: се враќаме во благословените денови на семоќната ЕНП – додава Лоазо.
Тоа е факт и прв во историјата на Унијата: од европските избори на 9 јуни, ЕНП, која беше многу напред со 188 од вкупно 720 избрани функционери, може да формира парламентарно мнозинство со популистичките десничари и националистите. Тие не само што добија пратенички места туку се реорганизираа околу три политички групи, ограничувајќи ги ефектите од стерилната дисперзија, и сега тежат повеќе во хемициклот, односно како никогаш досега.
Помеѓу Патриотите за Европа, на кои им се придружија РН на Марин Ле Пен и Фидес на Унгарецот Виктор Орбан, конзервативците и Европските реформисти (ЕЦР), каде што десничарската партија Браќа на Италија на претседателката на италијанскиот совет Џорџа Мелони се „трие“ со полскиот ПиС и пријателите на Марион Марешал и, конечно, малата група на Европа на суверените нации (ЕНС), во кои доминира германската АфД, крајната десница сега има 187 европратеници.
Се разбира, некои од овие сојузи се кревки и може да се распаднат прекуноќ. Но засега тие им служат на проектите на Манфред Вебер, кој сака Европскиот парламент да е што помалку зелен, помалку социјален и построг за имиграцијата од претходниот (2019-2024). Додека ЕНП е во позиција на сила во Европскиот парламент, но и на масата на шефовите на држави и влади и во Комисијата, Баварецот смета дека има средства да ги оствари своите амбиции.
Ако во Стразбур ЕНП го обнови сојузот што го воспостави со СиД и Рењув во 2019 година за заеднички да ја поддржи акцијата на Комисијата со која претседава Урсула фон дер Лајен, таа исто така знае дека овој пат има средства за да им се спротивстави. Од една страна, нејзините сојузници, со оглед на лошиот резултат на Рењув и зелените на 9 јуни, веќе не можат да бараат алтернативно мнозинство на левицата, како што правеа во минатото за одредени текстови, како што е законот за обновување на природата. Од друга страна, ЕНП може без нив со свртување кон крајната десница на хемициклот.
– ЕНП може да се здружи со мнозинство што отиде од крајната левица до Рењув. Денес ситуацијата е поинаква. Социјалистите и либералите откриваат дека мнозинството повеќе не зависи од нивната добра волја. Доколку имаа некакви сомнежи, однесувањето на ЕНП ги отстрани. Денес во редовите и на СиД и на Рењув ние бараме да ја вратиме контролата врз десницата, без многу илузии во оваа фаза – вели европратеникот на републиканците (ЛР, група на ЕНП) Франсоа-Ксавиер Белами во изјава за париски „Ле монд“.
Сослушувањето на Рафаеле Фито може да им овозможи да ги покажат своите мускули, но вежбата е ризична и може да се сврти против нивните комесари. Социјалдемократите и либералите знаат дека немаат интерес да го извадат Италијанецот од игра – во тој случај Џорџа Мелони би се вратила со помалку посакуван кандидат – но сакаат да ја нападнат неговата титула. Всушност, потсетуваат тие, Браќа на Италија не го поддржа повторното назначување на Урсула фон дер Лајен и таа им вети, пред да гласаат да ѝ дадат втор мандат, дека нема да ѝ ја доделат на Италија функцијата извршен потпретседател.

– Ако Фито ја загуби титулата, ЕЦР (групата на која припаѓа партијата Браќа на Италија – н.з.) ќе му наплати на ЕНП – предвидува социјалистичкиот европратеник Кристоф Клерго.
Според него, СиД имаат карта да играат и за време на пленарното гласање на целиот колеџ на крајот на ноември, кое ќе следува по потврдите од избраните претставници на секој од комесарите.
– Патриотите, кои не ја поддржуваат Урсула фон дер Лајен, нема да гласаат за нејзиниот колеџ. За време на ова гласање, ова е единствениот момент кога ја имаат оваа моќ, социјалистите затоа имаат средства да направат или да го скршат мнозинството, бидејќи ЕНП повеќе не може да смета на крајната десница – објаснува Клерго.
Но тоа би го преземало и ризикот од дополнително одложување на стапувањето на функцијата на новата Комисија, во време кога Европејците се соочуваат со многу предизвици.

Загриженост за амбициите и за работата на институциите на ЕУ

По оваа фаза со висок ризик за сите табори, Рењув и СиД не идентификуваа ништо за да ја спречат ЕНП да се здружи со крајната десница. Манфред Вебер знае дека е во позиција на сила и ужива во тоа.
– Победивме на изборите, ќе направиме сѐ за да ги одржиме нашите изборни ветувања – инсистира Баварецот.
И штета ако ова вклучува сојуз со крајната десница.
– Во име на Санитарниот кордон, ЕНП треба да ја смени својата линија кога постои ризик нашите идеи да најдат мнозинство со групи што не се согласуваат со нашите пријатели социјалисти. Тоа е уцена – смета Франсоа-Ксавиер Белами.
Некои од пратениците стравуваат како ќе се одрази зближувањето на десничарските сили врз работата на институциите на ЕУ.
– Оваа стратегија на ЕПП „е деструктивна за Европа“. Затоа што ЕНП и крајната десница може да се пронајдат во тоа да се намалат социјалните и еколошките амбиции на Комисијата. Ова би оневозможило за наредниот мандат да се спроведат големи проекти за Европа – оценува Паскал Канфин за париски „Ле монд“.
Додека мнозинството земји членки го направија приоритет заострувањето на европската политика во оваа област на миграцијата, тие во Европскиот парламент можат да сметаат на десничарско и крајно десничарско мнозинство.
– Ќе биде комплицирано. За сѐ. Секој ден – заклучува Натали Лоазо.
Засега проширувањето на ЕУ останува приоритет на новата комисија, доаѓањето и турнејата на претседателката на Европската комисија се потврда на тоа, зголемените финансиски аранжмани за земјите кандидати исто така. Ова е наметнато, пред сѐ, од општата геополитичка ситуација во светот – војната во Украина, војната на Блискиот Исток, економската доминација на Кина, односно стравот од странските влијанија во регионот. Но доволно е да се земе како пример случајот со Македонија и блокирањето на евроинтегративните процеси на земјата од страна на Бугарија, да се види дека националните интереси на земјите членки на ЕУ се посилни од европските.
Треба да се има и на ум, кога станува збор за проширувањето на ЕУ, дека многу партии од десницата и крајната десница во своите програми за европските избори не беа силни приврзаници на тоа, туку, напротив, тие бараат запирање или наоѓање други форми на сојузи со земјите од блиското соседство.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур