Василевска беше рекордерка на Македонија и прва наша атлетичарка што делницата од 100 метри ја истрча побрзо од 13 секунди. Нејзината доминација траеше сѐ до појавата на битолчанката Вера Велјановска. Покрај атлетиката, Мирјана беше и успешна гимнастичарка, а победуваше и во повеќебој

Мирјана Василевска-Ташковска (1)

Во светот има многу познати спортисти што покрај спортот преку кој доживеале афирмација се занимавале и со други спортови. Кај нас таков е примерот со своевремено најбрзата Македонка Мирјана Василевска-Ташковска, која освен во атлетиката, беше истакната гимнастичарка, особено успешна во повеќебој, дисциплина што во минатото беше многу популарна и која даваше можност за масовна рекреација. Популарната Мира, како што ја нарекуваа нејзините клупски другари во АК Вардар, како и сите ние што некогаш бевме и активни атлетичари, имаше богата кариера. Впрочем, самиот факт што неколку години беше најбрза во Македонија, а беше и првата жена што најкратката делница и тоа на земјена патека ја истрча побрзо од 13 секунди, најубаво говори за нејзиното место во македонската атлетика. Таа исто така долго време беше супериорна и на патеката од 200 метри, а што е интересно и вреди да се спомене дека и овде таа беше прва атлетичарка кај нас што успеа да ја симне границата под 26 секунди.
– Уште од пионерските денови, кога учествував на оние вообичаени училишни кросови, ја засакав атлетиката и си реков дека кога ќе поодраснам, ќе се занимавам со овој спорт. И навистина, не се изневерив самата себеси, туку кога почувствував оти е дојдено времето за активно занимавање со кралицата на спортовите се зачленив во АК Вардар. Тоа се случи кон средината на 60-тите години на минатиот век. Тогаш почнав со редовни тренинзи и сето тоа траеше близу десетина години. Во тој временски интервал неколкупати ги соборував македонските рекорди на 100 и на 200 метри. Мојата доминација на најкратките патеки траеше околу шест сезони, сѐ до оној момент кога на патеката не се појави феноменалната битолчанка Вера Велјановска. Таа стана неприкосновена владетелка во спринтот и никоја од нас, меѓу кои, покрај мене, имаше атлетичарки со подолго искуство, какви што беа Жане (Андоновска), Фетка (Шаревска) и уште неколку девојки, не можеше да ѝ се спротивстави – вели Мира.

Мемо Сулејманов го откри мојот талент

Со почетоците на атлетската кариера на Мира е поврзан и еден настан што не го заборава и секогаш се сеќава на него.
– По еден училиштен крос на кој триумфирав, веднаш по трката ми пријде познатиот долгопругаш и маратонец Мемо Сулејманов, кој работеше и како тренер, и ме праша дали сакам да се занимавам со атлетика. Му одговорив оти тоа би било добро, но каде треба да се јавам за да се зачленам. Тоа е најмал проблем, ми одговори легендарниот Мемо и ми рече: „Еве, уште утре дојди на Градскиот стадион во Скопје, таму е соблекувалната на АК Вардар, таму ќе бидат и другите атлетичари и тренери, па ќе можеш, се разбира ако ти дозволат и родителите, да почнеш да се занимаваш со атлетика“. Дома немав проблеми, родителите дури и посакуваа да се занимавам со некој спорт – се сеќава на таа средба Мира.
Во тоа време во македонската атлетика имаше повеќе познати имиња. Тоа беа атлетичари и атлетичарки што имаа солидни постигнувања во своите дисциплини и беа конкурентни и на југословенската сцена.
– Во оваа пригода да ги споменам, според мене, најдобрите четири во тие години. Елица Змејкова беше шампионка на поранешната држава во крос, а беше шеста и на Балканијадата во крос во Истанбул, потоа Нада Павлова, која беше извонредна на кратките патеки, Аница Пупиновска, слично како Змејкова беше како родена за средните патеки, а во Прилеп, каде што работеше неуморниот тренер и педагог Ѓорѓи Гешоски, се појавија неколку девојки, меѓу кои најмногу се истакнуваше Славица Конеска. Впрочем, таа своите квалитети најдобро ги презентираше на еден крос во Мезидон, Франција, каде што се пласира на второто место, веднаш зад познатата Французинка Колет Бесон. Тоа беше четворката на која ѝ се приклучив и јас. Во машка конкуренција, исто така, во Вардар и во Работнички, вечните ривали, имаше неколку квалитетни атлетичари и атлетичарки. Да ги споменам Љубиша Трбоевски, кој беше на залез на кариерата, потоа Сотир Гавриловски, кој еден период со Драго Жунтар и Дане Корица беа најдобри југословенски атлетичари на долги патеки. Исто така, со своите резултати се одделуваа и Зоран Тасевски, Љупчо Апостоловски, Сефо Амети, Љупчо Трајчев, Карер, Николовски и уште неколкумина, кои заедно со атлетичарите од Битола, Прилеп, Тетово, Охрид, Велес и од Штип, беа атлетичарите што ги бранеа и боите на Македонија на традиционалниот тримеч со Србија и Црна Гора, како и на младинските купови на републиките и покраините. Во едно такво друштво, опкружена со асови, некако беше нормално и јас, со оглед на тоа што имав предиспозиции за атлетиката, да им се приклучам и да почнам да го остварувам мојот спортски сон – вели таа.

Убаво е чувството кога се победува

Оној што се занимавал со некој од поединечните спортови, најубаво ги има почувствувано возбудата и гордоста по победите.
– Токму таа убавина што ја доживував по првите победи, кои почнав да ги остварувам само по шест месеци откако почнав активно да се занимавам со атлетиката, ме одржуваше и ме стимулираше да одам натаму. „Кралицата“ потоа стана мое секојдневие, па и покрај училишните обврски, настојував да не испуштам ниту еден тренинг. Особено зачестија тренинзите откако во АК Вардар за тренер дојде познатиот бугарски стручњак Ѓорѓи Нечев, кој дотогаш беше тренер на многу познати бугарски атлетичари, меѓу кои имаше и десетина балкански прваци. Неговите квалитети беа неоспорни и веднаш се почувствува оти е тренер од висока класа. Впрочем, откако го заврши престојот во Скопје и се врати дома, веднаш беше ангажиран за кондициски тренер на бугарската фудбалска репрезентација. Додека работеше кај нас, со него беше и неговата сопруга, која, пак, имаше тренерска лиценца за одбојка и работеше како тренерка во ОК Вардар. Со еден збор, тоа беше период кога имаше еден голем раст и подем во македонската атлетика. Можеби и тие резултати што ги постигнуваа ме мотивираа не само мене туку и другите, без оглед дали беа членови на Вардар или на Работнички. Сите ние бевме како едно семејство и секој се радуваше на постигнувањата дури и на оние што ни беа конкуренти – рече таа.

Преку трките до врвна форма

За да ја одржува својата форма, на секој спортист му се потребни многу натпревари. На тој начин не само што се стекнува искуство туку преку честите настапи се одржува и формата.
– Во поранешната држава имавме еден разработен и добар систем на натпревари. Почнувајќи од оние на клупско ниво, кога требаше да се избориме за место во екипата, потоа преку републичките првенства и куп-натпревари во сите категории, па до настапите на првенствата и куповите на Југославија, преку сите тие натпревари ја одржувавме и ја подобрувавме формата. На тој начин се доближувавме до оние резултати што го отвораа и патот кон државната репрезентација, што беше сон на секој од нас. Јас само еднаш имав чест да се појавам во државниот дрес, во една штафетна трка 4×100 метри на „Средбата на солидарноста“ во Скопје – вели Мира.
Во времето кога беше во најголема форма кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години, Мира Василевска-Ташковска речиси редовно ги освојуваше титулите на најкратките патеки и ги подобруваше македонските рекорди.
– Во овој период успеав на „стотка“ да ја спуштам границата под 13 секунди, а брзо се доближував и до 12 секунди. Ако за денешни услови тоа не е којзнае какво постигнување, за тоа време тоа беше резултат што ги задоволуваше југословенските, па и балканските критериуми. Токму во времето кога го доживеав својот зенит и го одржував нивото на кое се искачив на трките во претходните години, на сцена во Македонија се појави една феноменална атлетичарка, битолчанката Вера Велјановска. Таа потоа го презеде приматот на 100 и на 200 метри и не само што стана најдобра Македонка и републичка рекордерка туку застана рамо до рамо со најбрзите Југословенки. Верче своите врвни квалитети ги покажа и на младинската Балканијада во Измир, кога победи со нови балкански младински рекорди на 100 и на 200 метри. Тоа беше голем успех за неа и за сите нас што ѝ бевме ривалки, а беше и еден од најголемите резултати на Македонија постигнат на меѓународната сцена – вели Мира.
За тоа како течеше понатаму не само спортската туку и животната кариера на Мира Василевска-Ташковска, која паралелно со спортувањето заврши и два факултета, Филозофскиот (историја) и Факултетот за физичка култура, како и за нејзините победи во комбинираниот спортски повеќебој, ќе читате идната недела.


Мирјана Василевска-Ташковска

Родена: во 1950 година во Скопје
Кариера: Атлетски клуб Вардар, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија, ДТВ Партизан
Успеси: Прва македонска спринтерка со време побрзо од 13 секунди на 100 метри, повеќекратна шампионка на 100 и на 200 метри, успешна гимнастичарка и двапати победничка во комбинираниот спортски повеќебој на ниво на поранешна Југославија, долгогодишна претседателка на ДТВ Партизан од Ѓорче Петров