Фото: ЕПА

Тоа е приказна за пожртвуваност, храброст, образование, неостварени соништа и инает. Тоа е исто така приказна за возење велосипед во раните утрински часови, солзи од детството, игри со карти и, можеби најнеочекувано, уметност

ФУДБАЛ

Фабијан Хурцелер е млад човек, но работи како фудбалски тренер речиси една деценија и за тоа време сфати дека слушањето и учењето се многу поважни од викањето, пишува британски „Телеграф“.
– Бог ни дал две уши и една уста, повеќе да слушаме отколку да зборуваме – вели тој.
Но, во оваа конкретна пригода, во неговото прво интервју за британските весници, одговорноста на главниот тренер на Брајтон е да го направи најголемиот дел од разговорот, објаснувајќи како синот на забар од Минхен стигна до менаџерска функција во Премиер-лигата на возраст од само 31 година. Тоа е приказна за пожртвуваност, храброст, образование, неостварени соништа и инает. Тоа е исто така приказна за возење велосипед во раните утрински часови, солзи од детството, игри со карти и, можеби најнеочекувано, уметност. Тренерската кариера на Хурцелер почна во пониските лиги на германскиот фудбал, во аматерски клуб во петтото ниво. Тоа не беше со полно работно време и, секако, не беше добро платено. Му требаше повеќе работа, заедно со тренерската работа, и ја најде кај дилер со уметнички дела во Минхен.
Хурцелер е искрен за неговата неефикасност во уметничката индустрија.
– Добив отказ – се смее тој. – Сопственичката беше многу љубезна, но еден ден таа препозна дека гледам фудбал наместо навистина да работам, бидејќи не продававме слики. Кога продадов една слика за еден месец, беше јасно дека сум завршил со тоа. Сега сум искрен, гледав многу фудбалски мечеви во тоа време. Но тоа беше и добар момент за мене. Имаше интересна работа во продажбата на овие слики, бидејќи ако сакате да му продадете нешто на некој човек, треба да се обидете да го убедите. Не можете да кажете: „Погледнете ја оваа слика. Тоа е неверојатна слика од Рој Лихтенштајн или Демиен Хирст. Каков неверојатен уметник…“ Не, ако навистина сакате да продадете нешто, а тоа е слично како да сте тренер, треба да ги разберете потребите и желбите на клиентите. Треба да прашате: Што барате? Кои се вашите потреби? Кои се вашите интереси во животот? Тогаш ја разбирате личноста. Слично е со играчите. Најважно е да се разбере личноста што стои зад играчот – вели Хурцелер.
Хурцелер извесно време беше фудбалер во академијата на Баерн и ја претставуваше Германија на младинско ниво. Стигна до резервите на Баерн и сонуваше да игра за клубот за кој навиваше (неговото прво фудбалско сеќавање е поразот на Баерн во финалето на Лигата на шампионите во 1999 година од Манчестер јунајтед, што му предизвикало солзи на шестгодишна возраст), пишува „Телеграф“. Но набрзо сфати дека никогаш нема да го достигне највисокото ниво како играч. Наместо тоа, одлучи да стигне таму како тренер.
– Нешто недостигаше. Бев паметен играч, но не и најбрз. Не можев да го одбранам сопствениот шеснаесетник и не можев да постигнам гол. Бев навистина искрен со себе – вели тој.
Во Германија, додека тој се искачуваше во тренерските рангови, имаше повремени потсмеви на заднината на Хурцелер, прикриено, дека неговото привилегирано воспитување му обезбедува некаква предност во спортот.
– Моите родители се стоматолози и луѓето велат: „Ох, тој има толку добар живот, тој добива сѐ од неговите родители“. Никој не знае како се образовав. Бев навистина професионален и никој не го знае тоа. Не ми е гајле што мислат луѓето за мојот приватен живот, бидејќи знам како е и како беше. Не пиев алкохол, на пример, до 18 години. Не одев на ниту една забава до 18 години. Имав девојка и ако одеше на забава, велев не. Навистина направив многу жртви во мојот живот за да станам професионален фудбалер – рече Хурцелер.
Од неговите родители Хурцелер доби лекции за дисциплина, работна етика и за конкурентност. Семејните игри со карти со неговите браќа и сестри беа немилосрдно жестоки и секојдневниот живот беше полн со потсетници дека напорната работа е важна.
– Моите родители работеа напорно за да стигнат таму каде што се. Тие не мораа да ми ги кажуваат вредностите што им се важни, ми ги покажаа правејќи го тоа сами. Татко ми одеше со велосипед на работа, без разлика на времето. Никогаш нема да го заборавам тоа. Беше шест часот наутро, врнеше и реков: „Ајде, да го возиме автомобилот“. Тој рече: „Не, одиме со велосипед“ – вели Хурцелер.
Хурцелер имаше 23 години кога беше назначен за играч-менаџер на Пипинсрид, во петтото германско ниво. Тој уживаше во спектакуларен почеток, со промоција во својата прва година, но набрзо ги имаше своите први пречки: во четвртата дивизија, Пипинсрид ги загуби првите седум натпревари.

– Седев во кафуле и медиумите ми се јавија и ми рекоа: „Дали мислиш, ако го загубиш следниот меч, дека, сепак, ќе бидеш тренер? Морав да се занимавам со овој бизнис многу рано. Отидовме во четвртата лига играјќи позициски фудбал, со многу посед. Бев тврдоглав. Си реков: „Ќе продолжам да играм вака, бидејќи тоа е мојот стил на игра, сакам да имам посед“. Но, сѐ тргна сосема погрешно. Секогаш мислев дека треба убаво да ја добиеме средбата, поради мојата кариера во Баерн. Научив дека не станува збор за тоа. Навистина научив – се сеќава тој.
По четири години во Пипинсрид, Хурцелер се пресели во второлигашот Сент Паули како помошник-тренер во 2020 година. Две години подоцна, на 29-годишна возраст, тој стана нивни главен тренер. Во минатата сезона го предводеше тимот до титулата во втората Бундеслига, а неговата работа го привлече вниманието на Брајтон. Премиер-лигата е нов предизвик, а тоа беше храбар потег за Хурцелер, како и за Брајтон.
– Се разбира, имаше рационални аргументи да се остане во Германија. Тоа беше мојата комфорна зона. Но, инстинктот ми рече да излезам од тоа – вели тој.
Неговиот почеток во Брајтон беше импресивен, со клубот на петтото место по осум кола во Премиер-лигата. Н.М.