Фото: „Нова Македонија“

Последните анкети објавени во четвртокот сугерираат повторување на веќе виденото сценарио за исходот од изборите – без јасен победник и без очигледни опции за формирање значајна коалиција. Се предвидува дека одзивот на гласачите ќе изнесува околу 30 отсто, односно најнизок од падот на комунизмот

Бугарија утре излегува на избори по седми пат во изминатите четири години

Бугарите утре ќе излезат на гласање на седмите предвремени избори во последните четири години, додека политички партии во земјата се борат да формираат стабилна коалиција, а гласачите стануваат сè поапатични за исходот, објавуваат светските медиуми. Последните анкети објавени во четвртокот сугерираат повторување на веќе виденото сценарио за исходот од изборите – без јасен победник и без очигледни опции за формирање значајна коалиција. Се предвидува дека одзивот на гласачите ќе изнесува околу 30 отсто, односно најнизок од падот на комунизмот.
Најсиромашната членка на Европската Унија и, според мерилата на Брисел, една од нејзините најкорумпирани држави имаше низа краткотрајни влади откако протестите против корупцијата во 2020 година помогнаа да се собори коалицијата предводена од централно-десничарската партија ГЕРБ.
Претседателот Румен Радев ѝ даде мандат на ГЕРБ да формира влада по последните избори во јуни на кои партијата освои најмногу гласови и обезбеди 68 места во парламентот од 240 места. Но ГЕРБ не успеа да формира мнозинска коалиција. Тогаш на другите партии им беше понуден мандатот, но исто така не успеаја, што претставуваше повод за претстојните избори .

Не се очекува излез од длабоката криза на политичкиот систем

Без неочекувано политичко партнерство или ненадејно појавување на обединувачки лидер, повеќето аналитичари очекуваат дека Бугарија повторно ќе одржи нови избори веќе на почетокот на следната година.
– Постои длабока криза на политичкиот систем – вели Огњан Минчев, професор по политички науки на Софискиот универзитет, во изјава за „Ројтерс“.
Дисфункцијата е загрижувачка за Бугарија, која има очајничка потреба за стабилна влада што ќе се задржи на власт за да го забрза протокот на средства во ЕУ, кои би биле вложени во инфраструктурата, а би претставувала и поттик за приклучување кон еврозоната.
Анкетата објавена во четвртокот од „Алфа рисрч“ покажа дека ГЕРБ има најголема поддршка со 26,5 отсто од гласовите. Реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) има 14,9 отсто, а проруската Преродба има 14,2 отсто.
Поделбата во партијата Движење за права и слободи, која главно го претставува големото етничко турско малцинство, дополнително го отежнува градењето коалиција, велат аналитичарите.
Се очекува одзивот да биде помеѓу 30 и 32 отсто, според податоците на „Алфа рисрч“, што е значително намалување во однос на одзивот од околу 50 отсто пред три години.

Политичкиот ќор-сокак ги комплицира односите со Брисел

Дел од западните медиуми, меѓу кои германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и „Фајненшл тајмс“, во анализи во пресрет на изборите укажаа за негативните последици што Бугарија ги трпи поради неможноста да состави стабилна владина коалиција, а се однесуваат и на односите со ЕУ.
Бугарија со години е без државно управување. Партиите подигнаа одбранбени ѕидови меѓу себе. Наскоро во земјата ќе се одржат седмите последователни избори за помалку од четири години. Ова е нов европски рекорд, напиша неодамна германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Дописникот на ФАЦ од Балканот, Мајкл Мартенс, прогнозираше дека и по претстојните парламентарни избори нема да има стабилно мнозинство за формирање редовна влада и оти може да има нови избори веќе следната пролет, бидејќи нема да дојде до прекин на политичкиот ќор-сокак.
Меѓу негативните последици што ги посочува Мартенс, на пример, се отсуството на значајни инвестиции во инфраструктурата, бидејќи не може да се носат важни закони. Таквата ситуација е резултат на тоа што високите владини функционери не сакаат или не можат да преземат одговорност и одбиваат да ги потпишат важните закони, бидејќи техничките преодни влади, кои всушност треба само да ги подготват следните избори, немаат компетентност, овластувања или политичка волја да носат фундаментални одлуки што ќе ја обврзуваат земјата во годините што доаѓаат и затоа што (во оваа несигурна средина) инвеститорите претпочитаат да се воздржат.
Згора, надежите на земјата, поточно на дел од нејзината политичка и особено економска елита, за пристапување на Бугарија во еврозоната и за полноправно членство во шенген-зоната засега остануваат намалени. Ситуацијата едноставно е премногу нестабилна, посочува авторот, кој важи за добар познавач на околностите во Бугарија.
Во исто време, земјата губи пари: бидејќи не се исполнети важни предуслови, не може да се апсорбираат милијарди средства на ЕУ на кои Бугарија има право. На пример, од „Механизмот за закрепнување и одржливост“ Бугарија има право на речиси 6,3 милијарди евра, од кои, сепак, успеа да апсорбира само 22 отсто – во споредба со просечната вредност за ЕУ ​​од 37 отсто, потсетува ФАЦ. А токму неодамна Бугарија конечно се раздели со речиси 100 милиони евра од друг европски финансиски фонд, бидејќи не беа исполнети потребните услови за нивно ослободување.
Бугарскиот политиколог Иван Крастев, пак, во авторски текст за британски „Фајненшл тајмс“ ја нарече Бугарија „замрзната демократија“ што поминува низ „политички долг ковид“, чии ефекти вклучуваат скромен економски раст; низок одзив на гласачите, прекумерен политички цинизам; пролиферација на нови протестни партии, парализирана бирократија и маргинализацијата на Бугарија на европската политичка сцена Р.С.


Рекордна недоверба на Бугарите кон изборите и кон државните институции

Бугарија, државата со 6,7 милиони жители, има долга историја на апатија на гласачите, според анкетата на компанијата „Галуп“, која речиси две децении ја следи стапката на недоверба во изборите низ Европа. Бугарија постојано се наоѓа на дното на листата. По забележаните 36 отсто од Бугарите што истакнале дека имаат доверба во изборите во 2006 година, довербата на тамошните гласачи се намали на 10 отсто, што е рекордно ниско ниво. Бројката изнесува една третина од следната земја со најниска доверба во ЕУ – Романија. Тоа е и шест пати помало од сегашниот просек на ЕУ. Многумина Бугари, меѓу кои реномираниот „Ројтерс“ направи анкета, истакнаа оти немаат намера да гласаат.
Но недовербата не се однесува само на изборите. Недовербата меѓу бугарскиот електорат зафаќа многу јавни институции. Довербата во судството изнесуваше само 17 отсто, помалку од половина од цифрата на следната земја од ЕУ при рангирањето – Малта. Довербата кон ЕУ, исто така, достигна историски минимум од 46 отсто.