Фото: ЕПА

Кус осврт на глобалниот „феномен на дедоларизација“

Уште во јуни минатата година, во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на БРИКС, потврдени и на последниот самит во Казањ, четири точки беа издвоени како фундаментална основа на заедничките политики на членките на споменатиот блок:
1. Поддршка за сеопфатна реформа на Обединетите нации, вклучувајќи го и нивниот Совет за безбедност, со цел да се направи подемократски и „да се зголеми застапеноста на земјите во развој во членството на Советот“.
2. Сериозна загриженост поради континуираното флагрантно непочитување на меѓународното право, Повелбата на ОН, резолуциите на ОН и одлуките на судските институции на меѓународното право.
3. Трето, беа осудени санкциите и протекционизмот, при што се изрази загриженост за употребата на еднострани присилни мерки, кои се некомпатибилни со принципите на Повелбата на ОН и имаат негативни ефекти врз економскиот раст, трговијата, енергијата, здравјето и безбедноста на храната, особено во земјите во развој.
4. Четвртата точка беше „препознавање на потребата од сеопфатна реформа на глобалната финансиска архитектура со цел да се зајакне гласот на земјите во развој и нивната застапеност во меѓународните финансиски институции“.
Токму за оваа четврта точка направивме кус осврт за ракурсот на БРИКС и други земји низ светот за ставот кон доларот како примарно средство во меѓународната трговија и странски девизни резерви, како и на некои карактеристични ставови на официјален Вашингтон и на ММФ во врска со ова прашање.

БРИКС го дијагностицира процесот на оддалечување од доларот како клучно средство кон мултиполарен свет

Деновиве повторно членките на БРИКС, на последниот самит во Казањ, не пропуштија можност да ја нагласат „важноста од подобрената употреба на локалните валути во трговските и финансиските трансакции“.
– Доларизацијата повеќе не е доброволен избор на земјите; тоа е неизбежен одговор на „вооружувањето“ на доларот – нагласи поранешниот потпретседател на Иран, Мохамад Мокбер.
Медиумите пишуваат дека во пракса, Москва и Пекинг веќе речиси целосно престанале да го користат доларот во меѓусебната трговија и дека повеќе од 90 отсто од порамнувањата се вршат во национални две валути, при што трговијата меѓу Русија и Кина пораснала за 26 отсто во 2023 година (за 2024 година сѐ уште нема информација). Слична динамика се одвива меѓу Русија и другите земји членки на БРИКС, пишува Елвира Набиулина, шефица на руската централна банка. Според неа, учеството на трансакциите извршени во национални валути е повеќе од трипати зголемено од почетокот на 2022 година и достигна 85 отсто. На пример, Техеран и Москва вршат 96 отсто од нивната меѓусебна размена во локални валути, додека Москва и Њу Делхи ги удвоија своите плаќања во национални валути од минатата година, додека Индија, третиот увозник на нафта во светот, стана водечки снабдувач на нафта. Натаму, медиумите пишуваат дека 159 ентитети од 20 земји се поврзале со руската алтернатива на СВИФТ, позната како Систем за пренос на финансиски пораки (СПФС). Покрај тоа, шефот на руската централна банка објави дека учеството на земјите од БРИКС во трговскиот биланс на Русија е двојно зголемено од 2021 година и сега е околу 40 отсто.
Во Кина се одвива идентичен процес. Имено, таму јуанот сега го надмина доларот како доминантна валута што се користи во националната трговија, за првпат откако беше воспоставена политиката за реформи и отворање во 1978 година. Овој тренд е во полн замав и само ќе продолжи да се зголемува бидејќи Пекинг ја промовира употребата на јуанот во меѓународните трансакции и воспоставувањето алтернативни финансиски институции, како што се Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата и прекуграничниот меѓубанкарски платен систем, што ѝ овозможува на Кина да ги задржи своите резерви надвор од американска контрола. Пример за тоа е трговијата со Бразил во национални валути.

Дискурсот на земји надвор од БРИКС во врска со дедоларизацијата

Го издвојуваме односот на нашиот сосед Србија во релациите со Кина. Имено, во мајското заедничко соопштение на Белград и Пекинг се посочува дека „двете страни се подготвени да ја промовираат употребата на порамнувања во локална валута во билатералната трговија и инвестиции и да ги поттикнат своите финансиски институции да даваат финансиска поддршка и финансиски услуги за трговска и инвестициска соработка“.
Натаму, на Далечниот Исток, Сингапур и Кина се согласија да соработуваат на пилот-програма користејќи „e-си-ен-уај“, дигиталната валута на кинеската централна банка, за прекугранични трансакции. Оваа програма е дизајнирана да им олесни на патниците од двете земји да плаќаат за време на нивните прекуокеански посети, но исто така има цел да ја прошири соработката во дигиталните финансии и пазарите на капитал меѓу двете нации. Во тек се и разговори меѓу локалните банки во Сингапур и кинеската Јунион пеј интернешнл (UnionPay International) за потенцијална врска меѓу сингапурската Пеј нау (PayNow) и Јунион пеј (UnionPay), што може да доведе до побезбедни, попогодни и исплатливи прекугранични плаќања и дознаки.
Понатаму, на африканскиот континент, високите трошоци за прекугранични плаќања на африканските земји ги натераа владите на повеќе држави во Африка да бараат начини да ги порамнат трговските и другите трансакции во локални валути. Ова доведе до развој на Панафриканскиот систем за плаќања и порамнувања, кој беше официјално лансиран во јануари 2022 година. Основната идеја на системот е, се разбира, да се овозможи решавање на трговијата меѓу африканските земји без потреба од користење на американскиот долар.
На Блискиот Исток, пак, ирачката влада најави низа мерки за зајакнување на домашната валута и намалување на зависноста од доларот. На пример, во мај 2023 година, Ирак ја забрани употребата на американскиот долар за лични и деловни трансакции, а Ирачкиот финансиски комитет повика на продажба на нафта во валути различни од американскиот долар за да се намали влијанието на американските санкции врз банкарскиот систем на Ирак. Во соопштението тие нагласуваат дека санкциите воведени од Министерството за финансии на САД, наводно поради перење пари, ги дестабилизираат ирачките банки и ги попречуваат напорите на Централната банка на Ирак да го стабилизира курсот на доларот. Комитетот, исто така, ги критикуваше санкциите за нивните последици врз економската ситуација на ирачките граѓани и го повтори повикот до владата и Централната банка да ги диверзифицираат девизните резерви и да ја намалат зависноста од американската валута. Изјавата на Комитетот дојде додека Вашингтон врши притисок врз Багдад поактивно да ги запре финансиските текови што им помагаат на фракциите на отпорот поврзани со Иран, при што американските власти очекуваат поголема соработка од Ирак во идентификувањето на тие средства. САД имаат значително влијание врз финансискиот систем на Ирак, вклучувајќи ја и контролата врз приходите од ирачката нафта канализирани преку Банката на федерални резерви на Њујорк, барајќи од Багдад да побара дозвола од Вашингтон за пристап до сопствените средства. Овие трендови на крајот би можеле да го загрозат самиот „петродолар“, неформален договор од 1974 година меѓу САД и Саудиска Арабија, според кој, Саудијците се согласуваат да продаваат нафта само за долари, а Ријад го инвестира вишокот долари во американски државни обврзници. Во тоа време, Саудиска Арабија беше најголемиот светски производител на нафта, а тргувањето исклучиво во долари го обезбеди континуираниот престиж на доларот. За саудискиот режим, оваа блиска врска донесе безбедносни гаранции, знаејќи дека Вашингтон ќе интервенира воено доколку е потребно.
Со развојот на геополитичката реалност, се развива и подготвеноста на Саудиска Арабија да практикува трговија со нафта без долари, што конечно стана јавно изразена политика во јануари 2023 година, кога саудискиот министер за финансии изјави дека „нема проблем со тоа прашање“, бидејќи „Ријад се справува со своите трговски аранжмани, било да е тоа во американски долари, евра, риали“. Токму по таа изјава, Саудијците почнаа да увезуваат рекордни количества мазут од Русија, што дополнително ги зајакна трговските односи меѓу двете земји. Потоа, во ноември 2023 година, Ријад и Пекинг потпишаа договор за размена на валути дизајниран да ја „прошири употребата на локалните валути“.

Фото: ЕПА

ММФ укажува на континуирано постепено намалување на учеството на доларот во издвоените девизни резерви на централните банки и владите

Неодамнешните податоци од ММФ укажуваат на континуирано, постепено намалување на учеството на доларот во издвоените девизни резерви на централните банки и владите. Изненадувачки, намалената улога на американскиот долар во изминатите две децении не се совпаѓа со зголемувањето на учеството на другите валути на „големата четворка“ – еврото, јенот и фунтата, пишува во официјален документ Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
– Во нашиот документ од 2022 година, идентификувавме 46 „активни диверзификатори“, дефинирани како земји со учество на девизните резерви во нетрадиционални валути од најмалку пет проценти на крајот на 2020 година – изјавуваат од ММФ.
Еден таков диверзификатор се членките на блокот АСЕАН (Брунеи, Бурма, Камбоџа, Индонезија, Лаос, Малезија, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам), кои минатиот мај потпишаа договор за промовирање подобро регионално поврзување за плаќања и користење на трансакциите во локални валути. Блокот се надева дека овој потег ќе помогне да се зајакнат регионалната трговија, финансиската отпорност и синџирите на вредност во регионот, истовремено намалувајќи ги ризиците поврзани со доминацијата на доларот. Иницијативата на АСЕАН за подобрување на регионалниот платен систем вклучува и воспоставување систем за плаќање преку кјуар-код меѓу членките, што ќе овозможи директни трансакции без посредник на доларот. Е.Р.


САД – засега – не можат да се соочат со криза во платниот биланс, бидејќи нивниот увоз се купува во сопствена валута. Или, поедноставно кажано, Америка секогаш може само да печати малку повеќе пари за да го шири светскиот вишок на производство, додека работниците од глобалниот југ треба да си го скршат грбот за секој цент, предупреди Ди Донгшенг, продекан на кинескиот универзитет „Ренмин“, посочувајќи дека неговата земја, со оглед на нејзината економска сила, треба да ја намали изложеноста на американските обврзници, кои поради тоа се изложени на низа ризици

Привилегиите на САД со примарната употреба на доларот во меѓународниот платен промет

Според минатогодишните податоци на ММФ, учеството на американскиот долар во глобалните девизни резерви е на надолна траекторија. На крајот на септември, доларот сочинуваше 59,2 отсто од глобално распределените резерви, додека на почетокот на милениумот ова учество беше над 70 отсто. Но доколку вредноста на доларот се приспособи на флуктуациите на девизниот курс и каматните стапки, овој процент се спушта на сегашните 56 отсто.
– Овој тренд е уште поимпресивен со оглед на јачината на доларот, што укажува на тоа дека приватните инвеститори се преселиле во средства што не се долари – сугерира ММФ. Секако, доминацијата на доларот во минатото им обезбеди на САД значителни финансиски предности, овозможувајќи помали трошоци за задолжување и олеснување на финансирањето на буџетските дефицити бидејќи централните банки низ светот ги инвестираа своите резерви во долари и во американски државни обврзници. Исто така, широката употреба на доларот во меѓународната трговија, вклучувајќи ги и пазарите на нафта и други суровини, им донесе корист на американските мултинационални компании со тоа што го направија поповолно нивното задолжување. А колку е корисно за САД да имаат своја валута како глобална резерва, говори и постоењето на концептот на „прекумерни привилегии“. На пример, САД – засега – не можат да се соочат со криза во платниот биланс, бидејќи нивниот увоз се купува во сопствена валута. Или, поедноставно кажано, Америка секогаш може само да печати малку повеќе пари за да го шири светскиот вишок на производство, додека работниците од глобалниот југ треба да си го скршат грбот за секој цент. Токму на тоа предупреди Ди Донгшенг, продекан на кинескиот универзитет „Ренмин“, посочувајќи дека неговата земја, со оглед на нејзината економска сила, треба да ја намали изложеноста на американските обврзници, кои се изложени на ризици од ниски приноси и можни политички манипулации. Ди истакна дека, во случај на зголемени тензии со Вашингтон, Пекинг би можел да стане „заложник“ поради големите инвестиции во овие американски хартии од вредност. Како пример го наведе запленувањето на рускиот имот по почетокот на украинскиот конфликт, како и конфискацијата на германски и јапонски имот за време на светските војни. Во согласност со ова, Пекинг веќе почна да ги намалува резервите на американските трезори, кои паднаа од рекордни 1,316 трилион долари во 2013 година на 767 милијарди долари во март 2024 година. Кина продаде рекорден износ на овие хартии од вредност во првиот квартал од 2024 година, во вкупна вредност од 53,3 милијарди долари.
– Кинеската продажба на американски хартии од вредност би можела да се забрза како што продолжува трговската војна меѓу САД и Кина, особено ако Трамп биде вратен на претседателската функција – рече Стивен Чиу, главен азиски стратег за „Еф екс“ и стапки во „Блумберг“.


САД и трендот на дедоларизација

Дедоларизацијата како феномен се коментира сѐ почесто и кај американските власти.
На пример, американската министерка за финансии Џенет Јелен истакна дека „кога Вашингтон користи финансиски санкции, постои ризик дека со текот на времето тоа може да ја поткопа хегемонијата на доларот“. Таа додаде дека санкциите се „исклучително важна“ и „ефикасна алатка“ што би требало „да се користи разумно“.
Сенаторот Марко Рубио, пак, за феноменот дедоларизација со доза лутина прокоментирал за Бразил и Кина: „Тие отсега ќе тргуваат во сопствените валути, заобиколувајќи го доларот. Ќе создаваат секундарна економија, целосно независна од САД. За пет години нема ни може да зборуваме за санкции бидејќи со оглед на тоа колку земји се оддалечуваат од доларот, воопшто нема да имаме можност да ги казниме“. Е.Р.