И Достоевски и Орвел, поттикнати од емотивниот копнеж за „братство“, чувствуваат огорченост од капиталистичката експлоатација, но и од радикалниот догматизам. Ставот на Достоевски кон можноста за „Царството Божје на земјата“ се чини дека го навестува ставот на Орвел за социјализмот – во 1947 година Орвел ќе напише: „Нашите активности како социјалисти имаат значење само ако претпоставиме дека социјализмот може да се воспостави, но ако престанеме да размислуваме што веројатно ќе се случи, тогаш мораме да признаеме, мислам, дека шансите се против нас“. Колку е два и два: четири или пет? И покрај нивната заедничка улога како бунтовни индивидуалисти, подземниот човек на Достоевски и Винстон Смит на Орвел се чини дека заземаат дијаметрално спротивни позиции во идеолошкиот спектар. Додека подземниот човек се бунтува против диктатурата на разумот (2+2=4) во име на ирационалната слобода (2+2=5), Винстон Смит се бунтува против ирационализмот (2+2=5) во име на разумот (2+2=4)
Во „Come Together“, „Битлси“ пеат „еден и еден и еден е три“, но колку се два и два и два по два? Доказот на тврдењето „1+1=2“, од кое произлегуваат тврдењата „2+2=4“ и „2×2=4“, Вајтхед и Расел го завршуваат во вториот том (1912 г.) на тритомната книга „Принципи на математиката“, коментирајќи дека тврдењето е „повремено корисно“. Меѓутоа, за уметниците резултатот можеби е пет: „два по два прават пет е исто така прекрасна ситница“ („Записи од подземјето“, Достоевски), додека во „1984“ на Орвел среќаваме: „Ти бавно учиш, Винстон…. понекогаш, Винстон, понекогаш, два и два е пет“.
Романот „Записи од подземјето“ за многу мислители е „веројатно најважниот единствен извор на модерната дистопија“. Неговиот херој, анонимниот „подземен човек“, доби статус на книжевен архетип, симбол на отуѓување во угнетувачки нормативен свет. Воден од неговиот порив за ирационална слобода, подземниот човек, иако свесен за апсурдноста на неговиот револт, ги отфрла математичките формули: „два пати два е математички закон… само обидете се да го побиете… што ми е гајле за законите на природата и аритметиката, кога поради некоја причина не ми се допаѓаат тие закони и фактот дека два пати по два прави четири?“. Романот „Ние“ на Замјатин – роман што содржи мноштво алузии на творештвото на Достоевски, се смета за прототип на „1984“. Д-503 на Замјатин и Винстон Смит на Орвел споделуваат некои суштински карактеристики: и двајцата се интелектуалци од средно ниво во служба на тоталитарната држава, обајцата водат таен дневник и стануваат бунтовници преку еротска врска со жена дисидент, а и двајцата успешно се вратени во јатото со драстичната интервенција на органите на државната безбедност.
Во октомври (од латински и грчки ôctō што значи „осум“) или во листопад – време кога паѓаат лисјата, десеттиот месец според грегоријанскиот календар, во Македонија се одбележуваат неколку важни настани. Во денешниов текст ќе проговорам за два настана. Првиот настан е Денот на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври, за што неодамна пишував во „Нова Македонија“. Востанието, со кое започнува ослободувањето на македонскиот народ од фашистичката окупација, претставува камен-темелник, меѓа во борбата за самобитност и самостојност на Македонците. Денес, за жал, сме сведоци на негирање на овој настан, негирање на постоењето на македонскиот народ, и ослободителниот и антифашистичкиот карактер на востанието.
Два непобитни факта се поврзани со овој настан. Првиот е дека државата Бугарија, не бугарската нација, била во определен период фашистичка држава. Историски факт е дека Бугарија била фашистичка држава во периодот од април 1941 година до септември 1944 година. Вториот факт е дека, прво, современата македонска држава е помлада од македонскиот народ и, второ, дека повеќето од населението на Вардарска бановина, на денот на окупацијата од фашистичка Бугарија, се чувствувале како Македонци. Така, 11 Октомври е востание против ропството на Македонците од фашистичка Бугарија. Иако ова се непобитни и познати работи за кои и други пишувале, сепак, мислам, дека, во оваа пригода, треба уште еднаш да се проговори за ирационалниот и злогласен Протокол, во кој, помеѓу другото, Европа, инспирирана од Орвел, нè обврзува со Бугарија да формираме заедничко министерство на вистината. Да се потсетиме, во „1984“ Винстон Смит – член на партијата, работи во Министерството за вистина, каде што ги препишува историските записи за да се усогласи со верзијата на историјата на државата што постојано се менува. Винстон ги ревидира минатите изданија на „Тајмс“, додека оригиналните документи се уништуваат откако ќе бидат фрлени во канали познати како мемориски дупки, кои водат до огромна печка. Тој тајно се спротивставува на владеењето на партијата и сонува за бунт, и покрај тоа што знае дека веќе е „мисловен злосторник“ и веројатно ќе биде фатен еден ден. Еве го траурниот факт, којшто во Протоколот повикува на формирање министерство на вистината: „Државите ја потврдуваат обврската за преземање мерки против секој вид на говор на омраза… и заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор… и ќе создадат… и брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи… за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти… кои би наштетиле на нивните односи“.
Вториот настан е поврзан со 28 октомври 1902 година – ден кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, настан што симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Така, ако оваа година го прославиме, на 9 октомври, 57-от роденден на МАНУ, предлагам, практика воспоставена во САНУ и БАН, веќе наредната година, значи во 2025 година, на 28 октомври да го одбележиме 123-от роденден на МАНУ. Кои се историските основи на МАНУ? Во книгата со наслов „Историските основи на Македонската академија на науките и уметностите“ од академик Блаже Ристовски, која е издадена по повод 50 години од формирањето на МАНУ, е даден одговорот на ова прашање.
Во книгата, на околу 400 страници, која опфаќа период од речиси сто и педесет години, со архивски документи и научни сознанија, се зборува за појавата на македонството како национална идеја на македонскиот народ, за неговата етничка самобитност, за неговиот јазик, култура и традиции што го разликуваат од другите балкански народи. Во книгата се спомнати повеќе македонски мислители, во оваа пригода ќе спомнам само неколкумина. Учителот Венијамин Мачуковски, на 18 септември 1872 година, во весникот „Право“ пишува за подготвената граматика „на македонското наречје“. Војводата Ѓорѓија Пулевски, во тријазичниот речник од 1875 година, пишува: „…и Македонците се народ и местово нивно е Македонија“. Во Разловечкото востание од 1876 година Димитрија Беровски на знамето напиша: „Македонија“ и под лавот од македонскиот земски грб повика: „Елате да ве ослободам“. Три години подоцна тој Кресненското востание го нарече македонско востание, а востаниците Македонска војска. Во „Правилата – Уставот на Македонскиот востанички комитет“ јасно се определува: „Нашата цел, на македонското востание, не е никаква тајна, таа е ослободувањето на Македонија… Во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија, кои се чувствуваат Македонци“. Во книгата се зборува и за Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ. Парадоксално, дел од овие права ги загубивме во изминатите триесетина години, оттука, време е за национален консензус по сите овие прашања, започнувајќи со прогласување на периодот кога Македонија ги потпиша нееднаквите и неправедните договори за период на понижување.
И Достоевски и Орвел, поттикнати од емотивниот копнеж за „братство“, чувствуваат огорченост од капиталистичката експлоатација, но и од радикалниот догматизам. Ставот на Достоевски кон можноста за „Царството Божје на земјата“ се чини дека го навестува ставот на Орвел за социјализмот – во 1947 година Орвел ќе напише: „Нашите активности како социјалисти имаат значење само ако претпоставиме дека социјализмот може да се воспостави, но ако престанеме да размислуваме што веројатно ќе се случи, тогаш мораме да признаеме, мислам, дека шансите се против нас“. Колку е два и два: четири или пет? И покрај нивната заедничка улога како бунтовни индивидуалисти, подземниот човек на Достоевски и Винстон Смит на Орвел се чини дека заземаат дијаметрално спротивни позиции во идеолошкиот спектар. Додека подземниот човек се бунтува против диктатурата на разумот (2+2=4) во име на ирационалната слобода (2+2=5), Винстон Смит се бунтува против ирационализмот (2+2=5) во име на разумот (2+2=4). Се надевам дека ќе најдеме сили да излеземе од состојбата во која се наоѓа македонскиот народ – поделеност, разнебитеност и разочараност, со цел достојно да продолжиме во Европа, но не по секоја цена, што подразбира, без разлика на позициите на Достоевски и Орвел, да не дозволиме формирање министерство на вистината или да спречиме Комисијата за историски и образовни прашања да се трансформира во министерство на вистината.