Фото: Пиксабеј

Експертите успеаја да создадат невронска мрежа способна да ги имитира сложените процеси на перцепција на различни вкусови, што е повеќе од јазикот како орган. Научниците успеаја да создадат нов „електронски јазик“ – систем што користи вештачка интелигенција (ВИ) за откривање и анализа на прашањата за свежината и безбедноста на храната. Тоа е уред што може, на пример, да прави разлика помеѓу различни мешавини на кафе, но и да процени кога течноста или пијалакот се блиску до расипување.
„Електронскиот јазик“ се заснова на транзисторен сензор чувствителен на јони и способен да ги детектира. Тој собира информации за јоните на течноста и ги претвора во електронски сигнал, кој компјутерот потоа може да го обработи. Сензорот е тој што овде функционира како јазик, а вештачката интелигенција како „густаторен кортекс“ задолжен за анализа и интерпретација на вкусот („густаторниот кортекс“ е структурата на мозокот одговорна за перцепцијата на вкусот кај луѓето).
Истражувачки тим од Државниот универзитет во Пенсилванија го поврза својот сензор со вештачка невронска мрежа и создаде систем што благодарение на програмата за машинско учење го имитира начинот на кој човечкиот мозок ги обработува информациите.
– Целта на овој проект не беше само создавање „вештачки јазик“ туку обид да се имитираат сложените процеси на перцепција на различната храна, односно вкусовите, што е повеќе од јазикот како орган – нагласува лидерот на експертскиот тим, професор Саптарши Дас.
Истражувачкиот тим најпрво ѝ дал на невронската мрежа збир на параметри за да се дефинира киселоста на течноста. Со тие параметри, невронската мрежа постигнала точност од околу 91 отсто. Меѓутоа, кога системот доби слобода да ги дефинира сопствените параметри за анализа на киселоста, точноста што ја постигна се зголеми на над 95 проценти. Така, „електронскиот јазик“ докажа дека може сам да се приспособи и да научи како да ги подобри своите перформанси.
„Електронскиот јазик“ потоа бил тестиран на различни видови пијалаци, што ја покажало неговата способност да прави разлика помеѓу слични безалкохолни пијалаци или мешавини од кафе. Тој дури може да открие дали млекото е разредено, да каже кога овошниот сок се расипал и да открие штетни хемикалии во водата.