Ши Чуан, кинески поет

Ши Чуан е еден од најреномираните современи кинески поети. Роден е во 1963 г. во Шјучжоу, провинцијата Џјангсу, а пораснал во Пекинг. Во 1985 г. дипломирал англиска филологија на Пекиншкиот универзитет на тема за преводите на Езра Паунд на кинеската поезија. Работел и на Њујоршкиот универзитет во САД и на Универзитетот на Викторија во Канада. Моментално е професор емеритус на Пекиншкиот нормален универзитет. Тој е еден од најплодните и најпреведувани кинески поети, а освен поезија, пишува и драми, есеи, литературна критика итн. Добитник е на голем број книжевни награди, вклучувајќи ја и најпрестижната литературна награда во Кина – националната книжевна награда „Лу Шјун“ (2001).

Учествувате во Охрид на Македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница и на „Струшките вечери на поезијата“. Доколку е можно вашите впечатоци од Македонија да бидат изразени низ стихови, кои би ги одбрале и зошто?
– Во минатото имам патувано во Словенија, Србија и во Хрватска, меѓутоа ова ми е првпат да дојдам во Македонија. Многу сум среќен што ја имав оваа можност во Македонија, во прекрасниот Охрид да искусам едно поинакво парче од Европа. Македонскиот поет Никола Маџиров во неговата песна суптилно заситена со историски сензибилитет „Пред да се родиме“ вели: „Европа се обединуваше пред да се родиме…“ Мене, како поет дојден од Кина, особено ме интересираше токму тој сензибилитет на Македонците кон сопствената историја, но и сегашноста. Полскиот поет Чеслав Милош своевремено ја има ословено Источна Европа како Другата Европа. Но таа „другост“ во што ли е отелотворена? Учествувајќи на настаните на македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, јас и моите пријатели зедовме да ја преведуваме песната „Бездомник“ на Наташа Сарџоска. Во неа таа вели: „Од јавни говорници се јавувам го барам гласот на татко ми тој клокоти во ехото на далечината нѐ дели само стаклото залепено со здив…“ Оваа слика се врежа во мене, небаре сцена од стар филм, кој како да сум го подзаборавил. Ова навидум се сосема едноставни зборови, но смислата, која ја содржат, е богата. Оттука и ги чувам во сеќавањето.

Живееме во поврзан свет каде што посредник во комуницирањето е англискиот јазик. Оттука, дали е дојдено времето да говориме за постоење на некаква интернационална поетска заедница?
– Во Кина ретко се навраќаме на прашањето поврзано со англискиот јазик како глобален медиум за комуницирање. Сепак, станува збор за говорно подрачје од над милијарда и четиристотини милиони говорители, а тоа се незамисливи димензии. Понекогаш, во отворени дебати меѓу поети се наметнуваат и прашањата поврзани со поетскиот превод и улогата на англискиот јазик, а притоа напати доаѓа и до критики и разногласија. Јас лично имам пропатувано низ многу земји и сум учествувал на голем број настани од областа на книжевната и културната размена. Следствено, длабоко сум запознаен со улогата на јазикот, вклучувајќи го и англискиот како глобално средство за комуникација во обликувањето на современата книжевна и културна сфера. Но од друга страна, благодарение на осознавањето на мојата лична реалност и историската меморија (а особено онаа поврзана со историјата на кинеската литература), како и сопствениот јазички сензибилитет, свесен сум дека моето творештво секогаш ќе биде инакво во однос на она создавано од страна на англојазичните поети. Општествените, политичките, културните и животните проблеми што го побудуваат мојот интерес, но и читателите со кои јас се соочувам, секако дека не се исти како оние со кои се среќаваат поетите од други земји, вклучувајќи ги и тие англојазичните. Помнам како овој пат во Охрид професорот Зоран Анчевски ми посочи на важноста што македонската историска и културна меморија ја има за неговото творештво, а притоа тој е еден исклучителен стручњак за англискиот јазик. Неговите сфаќања се созвучни со моите. Наспроти него, англискиот што јас го знам е „учебнички“ англиски, и по дефиниција е недостаточен да изврши макар и несвесно влијание врз мојот книжевен вкус и јазичен сензибилитет. Секако, среќен сум кога моите дела се преведуваат на англиски и благодарен сум му на преведувачот, кој преку својата работа ми овозможува духовна средба со поетите од светот, на кои им се восхитувам, а кои не се служат со кинескиот јазик.

Како би ја окарактеризирале современата кинеска поетска сцена?
– Денешната кинеска поетска сцена во општи црти може да се подели на три дела: една група на поети се состои од луѓе што пишуваат поезија по древен образец на класичен кинески, според каноните и естетскиот сензибилитет стари повеќе од илјада години; за очекување, меѓу нив речиси нема автори што особено би се истакнувале, но нивниот број, сепак, е доста голем. Друга група ги опфаќа оние поети што пишуваат на современ кинески јазик и наедно сѐ уште се водат од реализмот плус романтизмот, продолжувајќи го идеолошкото наследство од пред повеќе од четириесетина години. Има и трета група автори, кои го имаат прифатено книжевното влијание на модернизмот и постмодернизмот, придружено со една глобална литературна визија, честопати и експериментирајќи со литературата. Јас ѝ припаѓам на оваа последна група. Лично јас ставам акцент врз современоста при пишувањето песни, и покрај тоа што самиот многу ја сакам класичната поезија. Меѓу моите пријатели има секакви: некои кога творат стојат дваесет метри над земја, други стојат по три метри над земјата, трети стојат врз земјата, а има и такви што, кога пишуваат, се наоѓаат дури и под површината на земјата. Ако обопштиме, можам да кажам дека во последниве години кинескојазичната литература повеќе се обраќа кон секојдневниот живот, ползувајќи се притоа со еден понизок регистар на јазикот, но тоа наедно значи дека метафизичките елементи во значајна мера се исфрлени. Некои, пак, како да ги наречам, воајери на поетското пишување излегуваат сега на интернет со слоганот „поезија на далечното“ и со тоа покажуваат дека се тоа што се, просто воајери во оваа сфера. Што се однесува до мене, токму сопството и близината, соседноста, треба да бидат подложени на уште поголемо поетско разработување и осознавање.

Францускиот поет Жан-Пјер Симеон во еден свој есеј од пред некое време истапува со пораката дека „поезијата ќе го спаси светот“. Какво е вашето мислење во однос на ова тврдење?
– Претходно не бев многу запознаен со поезијата на Жан-Пјер Симеон. Пријател што заедно со мене дојде во Македонија ми прати интернет-линк со неговата поезија. Отпосле разбрав дека тој порано ја има посетувано и Кина, учествувајќи на поетски настани во Шангај. Со тоа што вели дека „поезијата ќе го спаси светот“, тој пројавува особена храброст. Овој негов исказ ме натера да се присетам на она што рускиот емигрантски поет во Америка Јосиф Бродски го има своевремено кажано: „Да се спаси светот е предоцна, но можеби уште има време да се спасиме себеси.“

Свесни сме дека е тешко да се зборува за некоја поширока читателска публика, но дали сметате дека македонската поезија до некоја е мера е забележлива во Кина, ако ништо друго, барем меѓу поетите?
– Мислам дека пејзажот на светската поезија во изминативе неколку децении многу се разликува од оној од почетокот на 20 век. Во моментов можеме да определиме четири подрачја каде што многу активно се твори поезија: Северна Америка, Латинска Америка, Источна Европа и Кина. Поезијата на Источна Европа ужива голем углед меѓу читателите во Кина. Јас самиот сум преведувач на мемоарите на Чеслав Милош, а наедно сум и прв што го има покането Томаж Шаламун да учествува на книжевни настани во Кина. Веќе низа години се познавам со поети од поранешна Југославија, како Никола Маџиров, Мирослав Кирин и Алеш Штегер. Се имам и инспирирано од нивното творештво. Може да се забележи голема разлика помеѓу поезијата пишувана на помали јазици во однос на таа пишувана на големи јазици, како што е англискиот. Поетите од помалите говорни подрачја обично се служат со јазични изрази со помала сложеност, но богати со филозофска длабочина и осет за историја. Можеби тоа е оттука што поетите од овие мали говорни подрачја се свесни дека само преку превод тие можат да станат достапни до поширок круг на читатели. Англојазичните поети доста често прават акробации со јазикот, зашто немаат премногу грижа за претходно кажаното. Барем јас така мислам, но не мора да сум во право. Додека англојазичните поети се склони да ја нагласуваат локалноста, поетите од малите говорни подрачја имаат склоност да ја оцртуваат човечката природа во изолација. Тоа е многу интересно.

Игор Радев