Володимир Зеленски / Фото: ЕПА

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака итна покана за приклучување на неговата земја во Северноатлантската алијанса, но клучни членки на НАТО се противат на таквата можност

Клучни членки на алијансата се противат на давањето покана за членство на Украина

Украинскиот претседателот Володимир Зеленски се соочува со проблем во однос на неговиот таканаречен „победнички план“ заснован на добивање покана за членство на Украина во НАТО, бидејќи некои од клучните членки на алијансата не се заинтересирани да се случи тоа. Германија и САД се меѓу големите сили што го кочат процесот, според четворица функционери и дипломати на САД и НАТО, кои за „Политико“ анонимно ги споделуваат најновите внатрешни дискусии во воениот сојуз.

Зеленски бара покана за време на војната

Украинскиот лидер инсистираше дека е „фундаментално“ за Украина „да добие покана за време на војната“, но клучните членки на алијансата се загрижени дека на тој начин ќе останат заробени во конфликт со Русија. Амбасадорката на САД во НАТО во заминување Џулијан Смит во интервју за „Политико“ ја истакна американската позиција.
– Алијансата до денес не стигна до точка каде што е подготвена да понуди членство или покана за Украина – посочи Смит.
Зеленски призна и дека германскиот канцелар Олаф Шолц нема да даде поддршка за брзата покана за Украина за членство во НАТО, и покрај тоа што Германија е втор најголем снабдувач на Украина со оружје по САД.
– Имам многу добри односи со Шолц. Благодарен сум што Шолц помага. Но факт е дека германската страна е скептична за нашето пристапување во НАТО… Сите ќе треба да работиме многу со германската страна. Но, сепак, САД ќе имаат влијание врз тоа – наведе Зеленски.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден досега зазема став дека приемот на Украина во НАТО ќе се случи по завршување на војната, без да наведе прецизна временска рамка. Во својот „победнички план“, украинскиот претседател побара итна покана, но призна дека пристапувањето на Украина во НАТО ќе биде можно само по завршувањето на војната со Русија.

Германија и САД не се единствени „блокатори“

Отпор даваат и Унгарија и Словачка, но тие имаат поинакви мотиви, бидејќи се смета оти нивните сегашни власти генерално имаат одредени ставови на „линија со Кремљ“, пишува „Политико“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги блокира фондовите на ЕУ за вооружување на Украина и се откажа од програмата на НАТО за испраќање воена помош во Киев. А словачкиот премиер Роберт Фицо претходно предупреди дека дозволувањето на Украина да влезе во НАТО „би било добра основа за трета светска војна“ и вети дека „никогаш нема да се согласи“ на тоа.
Има и други земји што не сакаат брзо изјаснување за барањето на Киев, но засега не ги соопштуваат ставовите јавно.
– Земји како Белгија, Словенија или Шпанија се кријат зад САД и Германија. Тие се противат – тврди извор на „Политико“ од НАТО. Р.С.


Според индустриската стратегија на Европската комисија за одбрана, 27 членки на ЕУ, од кои 23 исто така се во НАТО, поставија цел половина од нивниот буџет за набавки да потрошат исклучиво на оружје што потекнува од ЕУ до 2030 година, цел што ќе се зголеми на 60 проценти до 2035 година, што наиде на противење од САД

Стратегијата на ЕУ за „европски внатрешен пазар за оружје“ не му се допаѓа на Вашингтон

Концептот „европски одбранбен суверенитет“ наидува на отпор од САД

Вашингтон изрази „загриженост“ за потезите на Европската Унија за давање приоритет на купувањето европско оружје, велејќи дека стратегијата честопати нема да го понуди најевтиниот или најбрзиот начин да се дојде до оружје за Украина и за другите држави на кои им е потребно, како што истакна американската амбасадорка во НАТО во заминување, Џулијан Смит.
– Доста е фасцинантно и охрабрувачко што ЕУ се подготвува да преземе поголем дел од товарот кога станува збор за одбраната и безбедноста. Дали САД се загрижени за начините на кои се развиваат некои од тие иницијативи? Секако. Кога Европејците велат дека треба да купуваат одбранбена опрема или оружје само во Европа, ние го поставуваме прашањето: Со оглед на потребите, на решеноста на земјите да ги добијат најдобрите способности и по најдобра цена, дали сакате да им дозволите да бараат каде било, односно каде што можат да ги најдат средствата што им се потребни, во временската рамка што им е потребна, ако таа понекогаш води во земји што се надвор од ЕУ? Не сум сигурна дека ограничувањето на купувањата во ЕУ навистина ќе овозможи снабдување во најкраток временски рок, за нашите пријатели во Украина или за земјите низ алијансата што имаат некој реален недостиг – наведе Смит во интервју за „Политико“. За потсетување, таа во вторникот го заврши својот мандат во НАТО.
Франција е предводничка на намерата за ЕУ да стане воено посамостојна. Според индустриската стратегија на Европската комисија за одбрана, претставена претходно годинава, 27 членки на ЕУ, од кои 23 исто така се во НАТО, поставија цел половина од нивниот буџет за набавки да потрошат исклучиво на оружје што потекнува од ЕУ до 2030 година, цел што ќе се зголеми на 60 проценти до 2035 година.
Повеќе трансатлантски членки на ЕУ, како што се Шведска и Холандија, се противат на таквите цели. Француските критичари сметаат дека Париз ја штити сопствената индустрија за оружје без да може да парира на обемот и брзите испораки на другите земји доставувачи, како што се САД и Јужна Кореја. Р.С.


Зеленски претстави идеја за завршување на „најагресивната фаза“ на војната

Украина и Русија треба да се договорат да престанат да нанесуваат удари врз клучната цивилна, енергетска и прехранбена инфраструктура како прв чекор за прекин на најагресивната фаза од војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Работата на таквата идеја, заедно со можните напори на САД по претседателските избори, може да сигнализира „дека Русија е подготвена да ја заврши војната“, рече Зеленски.
Тоа е дел од поширокиот притисок за завршување на борбите, бидејќи украинскиот претседател го промовира својот „победнички план“ во Вашингтон и низ Европа. Планот се заснова на силна безбедносна гаранција во форма на покана за членство во НАТО, брзо снабдување со оружје, без ограничувања за гаѓање цели во Русија, моќен ненуклеарен пакет за одвраќање, како и меѓународен притисок врз Русија да ја запре војната и да се придржува до меѓународното право.
Барањето за запирање на нападите врз енергетските капацитети е дел од пошироката визија за деескалација што Украина ја промовира уште од глобалниот самит за мир во Швајцарија во јуни. Москва, пак, не отстапува од своите цели да ја принуди Украина на територијални отстапки, да се демилитаризира и да му даде посебни права на рускиот јазик, што е еднакво на капитулација на Киев. Р.С.