Фото: „Нова Македонија“

Европскиот статистички центар Евростат во својот последен извештај насловен „Клучни бројки за европските животни услови“ покажува големи разлики меѓу земјите членки на ЕУ, истакнувајќи дека Бугарија и Грција се меѓу земјите што се помалку развиени и каде што жителите побрзо може да западнат во сиромаштија

Извештај на Евростат за животниот стандард во ЕУ: Бугарија и Грција на дното

Соседите на Македонија што се членки на Европската Унија се меѓу најсиромашните земји во европскиот блок. Источниот сосед Бугарија е на врвот кај земјите со нееднаквата распределба на приходите, а кај нив пораснал и бројот на граѓани со сериозни финансиски проблеми. Европскиот статистички центар Евростат во својот последен извештај насловен „Клучни бројки за европските животни услови“ покажува големи разлики меѓу земјите членки. Нашите соседи се меѓу земјите што се помалку развиени и каде што жителите побрзо може да западнат во сиромаштија.
Во извештајот е нотирано дека Бугарија е прва на листата земји што имаат највисок процент на џини-коефициентот. Имено, џини-коефициентот го дава степенот до кој распределбата на доходот во една земја отстапува од еднаква распределба. Џини-вредност од 100 проценти значи дека само едно лице ги добива сите приходи во земјата, додека џини-вредност од нула отсто значи дека приходот е распределен еднакво низ целото население.
– Во 2023 година, џини-коефициентот за ЕУ беше 29,6 проценти. Меѓу земјите на ЕУ, највисоки евидентирани разлики во приходите има во Бугарија, и тоа 37,2 проценти, и во Литванија – 35,7 отсто. Спротивно на нив, приходите беа најрамномерно распоредени во Словачка, Словенија, Белгија и во Чешка. Сите имаат џини-коефициенти под 25 проценти – се нагласува во анализата на Евростат.
Статистичарите укажуваат дека низ целата Унија има раст на приходите што ги имаат граѓаните за потрошувачка, сепак, и во овој сегмент состојбите кај дел од нашите соседи се влошуваат.
Имено, во споредба со 2010 година, расположливиот приход низ ЕУ беше за 18,5 проценти поголем во 2023 година. Но просечниот приход беше помал во 2023 година отколку во 2010 година во пет земји на ЕУ, и тоа Грција, која бележи пад од 28,4 проценти, потоа Кипар и Франција, кои имаат пад од 1,8 отсто, па Италија со пад од еден отсто и Шпанија, каде што намалувањето е 0,3 отсто. Спротивно на нив, расположливиот приход најмногу се зголемил во Романија, со пораст од 140,4 проценти, како и во балтичките земји, по кои следуваат Полска и Унгарија.

Се намалил бројот на граѓани изложени на ризик од сиромаштија

Статистичарите на Евростат утврдиле дека во текот на 2023 година, дури 94,6 милиони луѓе во ЕУ, што е 21,4 отсто од население, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.
– Бројката е малку намалена во споредба со 2022 година, кога 95,3 милиони граѓани или 21,6 процент од населението биле изложени на ризик од сиромаштија. Во 2023 година, вкупно 71,9 милион луѓе беа изложени на ризик од сиромаштија, додека 5,5 милиони луѓе истовремено се соочиле ризик од сиромаштија, доживување тешка материјална и социјална лишеност и живеење во домаќинство со многу низок интензитет на работа – посочуваат аналитичарите.
Анализите покажале дека низ земјите членки на Европската Унија, речиси една петтина или 18,9 отсто од граѓаните на возраст од 18 години и нагоре, кои биле државјани на земја членка на ЕУ и живееле во неа, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во 2023 година.
Овој удел значително се зголемува ако лицата се граѓани на ЕУ, но живеат во друга земја, не во матичната ЕУ-земја, и уште повеќе за државјани што не се членки на ЕУ, но живеат во некои од европските земји.
– Уделите биле значително повисоки за граѓаните на ЕУ што живеат во друга ЕУ-земја, и тоа 27,9 отсто, и државјани што живеат во држави што не се членки на ЕУ од високи 45,5 проценти. Полска беше единствената земја од ЕУ каде што уделот на возрасните што беа изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост беше повисок за државјаните отколку за граѓаните на ЕУ што живеат таму, како и за граѓани што не се од земја членка на ЕУ. Покрај Полска, уште шест земји од ЕУ, односно нивните државјани се во ризик од сиромаштија повеќе отколку уделот на граѓаните на другите земји на ЕУ. Тоа се: Ирска, Хрватска, Летонија, Унгарија, Португалија и Словачка – истакнуваат статистичарите.
Уште една категорија што ја истражуваат статистичарите, кога се животните стандарди во прашање, е тешката материјална и социјална депривација, и во оваа категорија спаѓаат луѓе што не можат да си дозволат дејствија или задоволства што повеќето граѓани ги сметаат за пожелни, па дури и неопходни за да водат соодветен квалитет на живот. Меѓу нив се и „капацитетот да се соочите со неочекувани трошоци или способноста да се загрее домот адекватно“, но и предмети на индивидуално ниво, како што се редовни активности за одмор или поврзување на интернет.
Во 2023 година, стапката на тешка материјална и социјална лишеност во ЕУ беше 6,8 отсто, маргинално зголемена од 6,7 проценти во 2022 година. Оваа стапка беше повисока кај жените (7,2 отсто) отколку кај мажите (6,5 проценти). Притоа стапката беше највисока за децата на возраст помала од 18 години и опфаќа 8,4 проценти од популацијата, по што следува работоспособна возраст од 18 до 64 години, каде што 6,8 отсто од популацијата се наоѓа во тешка материјална и социјална лишеност, а на крајот со најмала опфатеност се повозрасните граѓани или лицата на возраст од 65 или повеќе години, каде што само 5,5 отсто од популацијата се соочува со социјална лишеност.

Соседите на Македонија меѓу земјите со најголем број сиромашни граѓани

Евростат утврди дека во текот на минатата година нашите соседи членки на Унијата, како и Романија се меѓу земјите со најмногу сиромашни граѓани.
– Во 2023 година, Романија со 19,8 отсто, Бугарија со 18 проценти и Грција со 13,5 отсто забележаа значително повисоки стапки на тешка материјална и социјална депривација отколку другите земји на ЕУ. На спротивната страна, најниската стапка е 2 процента и е регистрирана во Словенија. Просечната стапка за ЕУ беше 6,8 отсто – се појаснува во истражувањето.
Во сите земји, освен во две членки на ЕУ, стапката на тешка материјална и социјална депривација беше повисока кај жените отколку кај мажите. Во Германија, стапката за мажи достигнува 7 проценти, што е само малку повисока од стапката за жени, која достигна 6,8 отсто. Во Словачка стапките за мажи (7 отсто) и жени (6,9) беа уште поблиски. Во релативна смисла, најголемите родови разлики се забележани во Естонија, Чешка, Ирска и во Португалија. Е.Р.