Фото: ЕПА

Повикувањето на поранешниот командант на УЧК, Шукри Буја, во Хаг, укажува дека во меѓународниот трибунал (според мислењата на наши извори што имаат директна комуникација со хашкиот трибунал) се интензивира размислувањето за поширок зафат на овластувањата и дејствијата на трибуналот, со цел расчистување на оние воени злосторства во регионот што не застаруваат поради тоа што „претставуваат баласт на потребниот развој на демократските процеси во регионот“. Затоа, токму гореспоменатиот предмет „Шукри Буја“ и неговото повикување пред некој ден од страна на трибуналот претставуваат непосреден повод за да се консултираме со хроничари на тогашните настани, вклучувајќи и со експерти по меѓународното право, со цел да ја информираме јавноста за сегашните активности и планови на Специјалниот суд во Хаг

Се проширува интересот на Специјалниот суд за Косово во Хаг за воените злосторства сторени и вон Косово

Повикувањето на еден од поранешните лидери на т.н. ОВК на подрачјето на Неродимље и поранешен градоначалник на Липљан, Шукри Буја, да се јави пред Специјалниот суд за Косово во холандски Хаг, повторно ги актуализира хашките случаи, не само во Косово туку и во Македонија, односно во регионот. Според соговорниците со кои се консултиравме, заминувањето на Буја во Хаг (како што тој самиот вели – против сопствена волја) укажува дека во тамошниот суд се размислува за пошироко влијание и за проширување на дејствата, со цел расчистување на воените злосторства во регионот што не застаруваат. Овој случај затоа претставува повод за да се консултираме со хроничари на тогашните настани, вклучувајќи и со експерти по меѓународното право, со цел да ја информираме јавноста за сегашните активности и планови на Специјалниот суд во Хаг.

Трибуналот во Хаг има силни индикатори за поврзаност на припадниците на ОВК во Косово и во Македонија

Нашите соговорници посочуваат дека судското тело, во текот на претресот и рочиштата во врска со обвинетите косовски команданти на УЧК (Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи) забележува оти постои поврзаност помеѓу злосторствата во регионот, на територијата на Косово и на Македонија. За време на конфликтот во Косово, од 1998 година, па до завршување на оружените судири, штабот на ОВК за зоната Неродимље се наоѓал во селото Малопољци, општина Штимље.
Посочениот Буја бил водач на три т.н. бригади – 161, 162 и 163, а токму оваа оперативна зона на ОВК се граничи со Македонија и беше искористена за исклучително активна логистичка поддршка во подоцнежниот воен судир на паравоените формации на ОВК (ОНА) на територијата на Македонија (качанички коридор). Може да се заклучи дека Косово и Македонија биле поврзани во т.н. зона на логистика, која се активирала наизменично на двете подрачја во зависност од жариштата на регионалните конфликти.
Судењето на лидерите на ОВК на Косово, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи во Хаг, исто како и повикувањето на Шукри Буја, отвора можност за активирање на правдата за хашките случаи и во Македонија. Актуелниот лидер на партијата ДУИ (практично политички трансформираната ОНА), Али Ахмети, беше повикан како сведок од Специјалниот суд во Косово токму за обвиненијата врз инкриминираната „четворка“ на поранешни косовски лидери. Познавачите на состојбите и на случувањата во Косово, во периодот за кој се судат косовските лидери, наведуваат дека денешниот лидер на ДУИ, Али Ахмети, во тоа време бил близок соработник на Хашим Тачи, кој ривалството и со другите албански политички опции често го решавал со насилство. Судиите со меѓународно искуство велат дека од сведочење пред Специјалниот суд, кој формално е дел од судскиот систем во Косово, но практично работи во Хаг, многу лесно може некои докази од сведок да го направат обвинет. Али Ахмети двапати има давано изјава како сведок пред Специјалниот суд. Во периодот за кој се судат обвинетите поранешни лидери на косовската ОВК, Ахмети исто така бил член на штабот на ОВК на Косово. Според правните експерти, доколку Специјалниот суд за Косово прифати докази како форма, за тоа дека и Ахмети имал некакво учество во предметите за кои се суди косовската група, ќе биде обвинет и суден во Косово, т.е. во Хаг.

Четирите хашки случаи од 2001 година не можат да се затворат со политичка одлука

Во Македонија станува збор за четири предмети („Водство на ОНА“, „Гробница во Непроштено“, „Липковска брана“ и „Мавровски работници“) на извршено злосторство против човештвото во оружениот конфликт од 2001 година. Делата што се предмет на судскиот интерес се однесуваат на: тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП „Маврово“ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА.
Осомничените сторители на овие злосторства што не застаруваат се амнестирани во 2011 година со автентично толкување на македонското собрание на Законот за амнестија од 2002 година. Така изведената правна еквилибристика за избегнување одговорност на личности што во меѓувреме се стекнаа и со политичка моќ, сѐ уште ја носи стигмата на политички опортунизам.
Оттогаш, иако навидум „правно покриени“ и амнестирани, овие случаи претставуваат товар на македонското општество поради фактот што никој нема понесено одговорност за воените злосторства што не застаруваат. Адвокатот Тони Менкиноски е категоричен дека овие предмети за воени злосторства во 2001 година еден ден мора да се обноват, исто како што посочува дека „некој ќе одговара и за секој геноцид врз Македонците“.
– Воените злосторства, како и геноцидот, според стандардите на меѓународното право, никогаш не застаруваат и не можат да бидат заборавени и простени со никаков закон за амнестија. Секако, Обвинителството треба да го активира судското преиспитување на т.н. хашки случаи од 2001 година, врз основа на меѓународните стандарди за незастарување на воените злосторства и геноцидот. Зошто тоа не е сторено во изминативе дваесетина години, одговорот може да се најде во политичкото влијание врз судството, како и во надворешнополитички влијанија од меѓународната заедница. Но еден ден овие предмети мора да се обноват, а за секој геноцид вршен врз Македонците во изминатите години и децении – некој ќе одговара – нагласува Менкиноски.

Меѓународната заедница добива можност да го испочитува игнорираниот „принцип на легалитет“!

Судот во Хаг активно размислува за проширување на дејствата бидејќи увидел дека хашките случаи и нивната неказнивост претставуваат рак-рана за регионот, односно дека без задоволување на правдата нема можност за продолжување на евроинтеграциите, ниту за нормализација на меѓуетничките односи. Испреплетеноста на лица и настани поврзани со ОВК во регионот во 1998, како и потоа во 2001 година, ја поттикнува намерата за реактивирање на случаите за воени злосторства, а можеби и за отворање нов оддел во регионот со слични ингеренции како Специјалниот суд за Косово во Хаг или, пак, за префрлање на четирите „македонски хашки случаи“ за процесирање во македонското правосудство по извршени реформи.
Специјалниот суд за Косово во Хаг всушност треба да расчисти со „опашките од злосторствата“ на ОВК, за да се отстранат аргументите за неспроведена правда и одговорност од Косово, во процесите за позиционирање на оваа земја во меѓународните институции, што е особен предизвик, како и во процесите на евроинтеграција, кои се особено сложени поради односите со Србија.
Сепак, во судењето за воените злосторства и злосторства против човештвото на лидерите на некогашната ОВК од Косово особено е видлив напорот на меѓународната заедница да го „исчисти својот образ“ кога станува збор за правдата, што не може да се каже за досегашниот ангажман околу расчистување на хашките случаи на слични злосторства во Македонија, извршени во 2001 година од „екстензијата“ на ОВК во земјава, наречена ОНА. Н.М.