Минг Ди, кинеско-американска поетеса
Минг Ди е кинеско-американска поетеса и преведувачка родена во Вухан, Кина, која во моментов живее на релацијата Лос Анџелес – Пекинг. Со високо образование се стекнала на Бостонскиот универзитет, каде што подоцна и има предавано кинески јазик пред да се пресели во Калифорнија. Има објавено над триесетина книги, вклучувајќи и седум збирки поезија. Има препеано четири поетски книги од кинески на англиски, како и седум книги од англиски на кинески. Нејзините песни се преведени на дваесетина јазици и објавувани се во разни изданија низ светот. Минг Ди повеќепати има учествувано на „Струшките вечери на поезијата“, а годинава и на Поетската ноќ во Велестово, како и на Македонско-кинеската поетско-преведувачката работилница во Охрид, „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“.
Може да Ве сметаме за редовна гостинка во Македонија. Дали ова Ви помогна да оформите став за македонската поетска сцена и кои се нејзините главни одлики според Вашето мислење?
– Ми претставуваше особена чест што можев да учествувам на книжевни настани во Македонија, земја што претставува спојница на културите и религиите, а наедно, како резултат на ова, и крстосница на литературните традиции. Современата македонска поезија е исклучително динамична и разновидна. Тука има многу интересни поети, кои светот треба да ги открие и преоткрие. Ја имав таа чест и задоволство лично да се сретнам со некои од најзначајните македонски поети, чие творештво ми побудува интерес, како што се: Катица Ќулавкова, Зоран Анчевски и Иван Џепароски. Нивното творештво е едно од подобрите во Европа. Да го спомнам и Владимир Мартиновски, кој има воведено нови концепти и форми во македонската поезија, а тука е и Наташа Сарџоска, која во неа внесува и дијаспорични искуства, но исто и Андреј Ал-Асади, изненадувачки нов глас во пејзажот на македонската поезија. Благодарение на вас што ја организиравте годинашнава Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница добивме можност да работиме со еден ваков брилијантен тим. На неа, низ заемен препев проследен со аналитичко исчитување, можев да добијам увид во сите прекрасни димензии и длабочини на нивната поезија, кои претходно можеби и не сум ги забележувала. Македонија го има не само најстариот поетски фестивал во светот туку и едни од најдобрите поети на светот, кои се засенети од славата на фестивалот и кои нудат уникатна перспектива на човечкото искуство, како и свеж уметнички израз.
Кои се најзначајните претставници на кинеската поезија и со што таа придонесува на светската поетска сцена, отаде простото повикување на егзотичноста?
– Мило ми е што ги имате забележано јазичните разновидности во кинеската литература и поезија. Да, јас се трудам да ги промовирам поетите од националните малцинства во Кина, особено оние помалку познатите и маргинализираните од подалечните и понепристапни региони на земјата. Иако се помалку застапени, нивното творештво е крајно интересно од аспект на уникатноста и богатството на литературната традиција, регионалните култури, инаквите погледи врз историјата и свежината на поетските претстави. Сите тие се билингвални, ползувајќи се и со кинескиот, како и со јазиците на сопствената националност, односно мајчините јазици. Преку своето творештво тие го имаат редефинирано поимот „кинеска поезија“. Јас, исто така, имам собрано и објавено на разни платформи видеа од изведбите на осумдесетина поети на националните малцинства од сите краишта на Кина. Се надевам дека и тие ќе бидат канети на меѓународни поетски фестивали. И тоа не треба да биде со цел да се прикажат нивните „егзотични“ особености, туку да станеме посвесни за книжевните традиции на „другите“, какви што се митолошкиот свет на народот Ји или усната историја содржана во епската поезија, како на пример тибетскиот Еп за кралот Гесар, ојратскиот Еп за Џангар, Епот за Манас на киргискиот народ, Сартскиот еп на југурскиот народ, епот Мауна Џаива за создавањето на светот на народот Џингпо, епот Баеуклоегдоз на народот Чжуанг, кои не само што ја збогатуваат кинеската литература туку и светската. Сите тие се стаписувачки убави!
Како тоа што сте билингвален поет со два литературни дома (Кина и САД) влијае врз поезијата што ја творите? Дали тоа претставува благослов или можеби товар за креативниот процес?
– Постои веќе долга традиција на дијаспорична поезија, а и списокот на поети што имаат живеено во две цивилизации е долг. Не би сакала да се споредувам со големи поети, како што се Чеслав Милош, Адам Загајевски, а да не ги спомнам уште и „тројцата мускетари“ – Јосиф Бродски, Дерек Волкот и Шејмaс Хини, „странските поети“ што живееле во САД без да припаѓаат на кој и да е кружок. Тоа се литературни џинови. Она што го научив од нив е исклучително вредно: тие секогаш на еден или на друг начин биле сврзани со книжевната традиција на својата „татковина“, дури и ако припаѓале на таканаречената светска литература. Да имаш две земји или цивилизации зад себе те прави „побогат“ со тоа што имаш две литературни основи, од кои можеш да се инспирираш, две перспективи за твојот светоглед, секоја од нив наметнувајќи ти го своето влијание. Сакал ти или не, тоа влијание секогаш неизбежно ќе те придружува. Понекогаш водиш двостран дијалог внатре во себе. Другпат се гледаш себеси раздвоен, растргнат помеѓу два животни става. Во мојот случај, честопати по внатрешна борба културата од моето детство преовладува. Идејната мисла се формира во тинејџерските години. Никогаш не е товар, туку благослов е да имаш влијанија од две различни култури во еден ум. Сепак, при пишувањето поезија го исклучувам едното влијание и му дозволувам на другото да ме контролира. Му се препуштам тогаш на едниот од јазиците да ме води. Во оваа, пак, смисла јас не сум билингвален поет. Понекогаш пишувам само на кинески, а понекогаш само на англиски. Немам двојазични верзии на сите мои песни. Некои од песните ги пресоздавам на кинески со цел да ги изведувам на кинески, мојот мајчин јазик. Сакам да пишувам за митолошките фигури од областа на Трите Клисури на реката Јангце, како и за домородните култури на Калифорнија од брегот на Пацификот, кои резонираат со моите корени во реката Јангце.
Веднаш по трагедијата со геноцидни пропорции што се случува во Газа, Вие имате напишано низа песни посветени на Палестина, каква улога треба да има поетот во вакви ситуации?
– Јас ги напишав песните за Газа (секогаш ќе ѝ бидам благодарна на Сара Цветановска за нејзиниот превод на македонски) побудена од чувство на гнев, со оглед на тоа што некои мои колеги поети отворено пројавија дискриминаторски став против муслиманите и не можев повеќе да го толерирам тоа. Морав да напишам нешто, па единствениот начин на кој умеам да се ползувам со јазикот е низ поезијата, а наедно и единствениот начин на кој можев да го изразам мојот гнев е повторно преку поезијата. Првин ги објавив моите песни за Газа на Вичет, а потоа и на Фејсбук. Зборови, а не војни! Оние луѓе што беа против мене се фокусираа само врз еден ден наместо на претходните 76 години. Се обидов да пишувам од историска перспектива, но свесна сум дека никогаш нема да можам да преубедам некого. Која ли е улогата на поетите за време на конфликти? Јас сум песимист. По тоа почнав да молчам и да се мразам себеси што молчам додека децата умираат во Газа. Но можеме ли да промениме нешто? Дали на политичарите воопшто ќе им биде грижа што велат поетите и писателите? Она што ме прави да се чувствувам уште полошо е тоа што мојата втора татковина САД цело време праќа пари и оружје за да се убиваат цивили и деца во Газа и на Западниот Брег. Во својство на даночен обврзник јас гледам како моите пари за данок се употребуваат да се убиваат цивили и деца, и тоа ме разбеснува. Но барем денес е добар ден: американската синеастка од еврејско потекло Сара Фридленд повика на правда за Газа на Венецијанскиот филмски фестивал, а својата награда им ја посвети на Палестинците.
Која би била Вашата сугестија во правец на продлабочување на кинеско-македонските врски и отворање нови линии на книжевна комуникација меѓу двете земји?
– Оваа работилница е со монументално значење, историски настан во литературната размена. Би сакала таа да има и свое второ, трето издание итн., да се одвива во обете земји, повеќе поети и писатели да се посетуваат едни со други, да има повеќе преведени и објавени дела, и тие да станат достапни за пошироката публика. Географски ние сме мошне оддалечени, но духовно сме блиски. Ние заедно имаме долга историја на книжевноста и филозофијата, имаме искусено книжевни премрежиња низ историјата, а сега имаме литературни сцени, кои се драстично различни од древните времиња, со нов живот изразен низ слободен стих, збогатени од естетските и културните различности.
Игор Радев