Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на 21 век, пишува Венко Андоновски во поговорот
Од 23 до 27 октомври во Македонија ќе гостува современиот руски писател Владислав Отрошенко заради промоција на македонското издание на неговиот роман „Додаток за фотоалбум“, кој неодамна го публикуваше „Македоника литера“. Со присуство и учество на авторот, промоција на романот ќе се одржи во Скопје и во Битола – на 24 октомври (четврток), со почеток во 19.19 часот, во „Салонот 19,19“ при Културно-информативниот центар во Скопје, а на 25 октомври (петок, со почеток во 19 часот) во Културниот и информативен центар во Битола (Офицерски дом). Промотор ќе биде Венко Андоновски, кој е автор и на поговорот во романот.
Романот претставува фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, со двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“. Без класичен динамичен заплет, без ненадејна серија на настани, но и без ниту една излишна слика или детаљ, авторот со својот специфичен наративен пристап и со динамичниот и жив јазик создава мошне јасна слика за една парадоксална безвременска реалност, но притоа остава простор и за личната фантазија на читателот. Нестандардниот магичен реализам или поточно магичниот постмодернизам го прави романот да „изгледа како магична кутија исполнета со изненадувања и авантури“, но и како еден повеќедимензионален и мистичен свет.
– Отрошенко пародира не само наративни конвенции туку и цели откршоци од културни текстови, семиотички мрежи од цели култури! Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на 21 век! Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана стварност што ја викаме – роман. Во прашање е една суптилна расправа за еден интермедијален однос (збор-слика) која се води невидливо секаде каде што авторот се занимава со коментирање на некоја од малобројните фотографии што му останале како единствен материјал за романот. Сè на сè, ова е сјаен роман. Роман-тест за можностите на романот денес. Роман што понесува, заведува, обвинува, поставува најсериозни и непријатни прашања, роман кој сака да знае. И сето тоа испишано со незамисливо лесниот, а тежок за постигање стил на мајсторот на современа руска прозна реч, Владислав Отрошенко. Книжевниот козак на светот, во 21 век – пишува Венко Андоновски во поговорот.
За македонското издание авторот напиша предговор, во кој дава појаснувања за приказната на романот, но истовремено и свои биографски податоци што се поврзани со таа приказна и кои се дури и фрапантни и брутално искрени за неговото потекло од „земјата на Козаците“ и на семејната историја.
Владислав Олегович Отрошенко (1959 година, Новочеркаск, Руска Федерација) дипломирал на Факултетот за новинарство на Московскиот државен универзитет. Член е на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“. Според овој роман, во 2021 година, во Русија беше снимен игран филм.