Иако филмовите за иднината се сѐ поблиску до нашата реалност, сосема е неверојатно тоа што идните вселенски патници ќе имаат луксуз не само да патуваат туку и да уживаат во удобноста додека ја обиколуваат Земјата. Имено, првата приватна вселенска станица во светот беше претставена пред нејзиното лансирање следната година. Наречена „Хевн-1“, вселенската станица е многу помодерна и попространа, со брачни кревети, врвна вежбалница и внатрешност од јаворово дрво, а смислен е и патент како да се спие во вселената и покрај гравитацијата. „Хевн-1“ е замисла на американската вселенска компанија „Васт“, која се здружи со светски познатиот дизајнер Питер Расел-Кларк.
– Астронаутите што живеат во нулта гравитација претставуваат уникатни дизајнерски предизвици. Сакавме да создадеме средина што е ефикасна, но природна. Внатрешноста има многу меки површини, бидејќи имавме намера да ја прикажеме безбедноста на посетителите и на екипажот – рече Расел-Кларк за „Дејли мејл“.
Во реализацијата на оваа идеја, покрај дизајнерот, важна улога има и ветеранот на НАСА, астронаутот Ендрју Феустел, кој помина повеќе од 225 дена во вселената и одигра клучна улога во советувањето на „Васт“ за вселенската станица.
– Од комуникација и поврзување, преку приватен простор и интеракција со другите на бродот, до унапредување на човечкиот напредок на Земјата и пошироко, секој детаљ е дизајниран со искуството на астронаутите во основата на нашата работа – рече Феустел.
Во оваа вселенска станица има четири приватни простории за екипажот, има и соби за гости, кои се уникатно дизајнирани да овозможат промени, забава, онлајн комуникација со најблиските на Земјата и, што е најважно, добар ноќен одмор. Исто така, има и централна маса на која секој треба да има свои оброци, додека астронаутите ќе можат да гледаат на Земјата преку простран прозорец за набљудување. Во меѓувреме астронаутите ќе можат да останат активни во најсовремена вежбалница, со систем за отпорни ленти.
– Системот на лента за отпор во зглобната област има котви за телото и станица за приспособени рутини за вежбање, кои се насочени кон коскената, мускулната и кардиоваскуларната кондиција – рече претставник на „Васт“.
Иако трошоците за изградбата на „Хевн-1“ не се познати, од „Васт“ велат дека ќе инвестираат околу една милијарда долари до моментот кога станицата ќе почне да работи.