Концерт насловен „Озвучени емоции“, на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Лука Дебарг од Франција, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Фредерик Шопен, Симфонијата во три става и оркестарската суита од балетот „Жар птица“ од Игор Стравински. Диригентка е маестра Бар Авни од Израел, лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз.
– Не се појавил пијанист што предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва, во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот „Чајковски“ – ќе напише „Хафингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода што ги импресионира и критичарите и публиката“. Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика. „Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампионите меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“. „Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни…“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал својата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја, на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и да магистрира) во нејзината класа на престижната академија „Екол Нормал“ во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Лука Дебарг, како што самиот вели, црпи инспирација од литературата, сликарството, филмот, од џез-музиката и мошне внимателно го избира репертоарот во кој се наоѓаат и дела на помалку познати композитори. Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз во 2024 година, награда што ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“… Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендистка на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со голем број светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на филхармонијата „Бајер“, позиција на која е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Следните сезони маестра Авни ќе диригира со Националниот оркестар на Лил, Националниот оркестар на Бордо, Државниот младински оркестар на Хамбург, Радио-симфонискиот оркестар на Штутгарт…, а ќе биде и на позиција асистентка на врвниот Клаус Мекела во Париз и со Франсоа-Завие Рот во Келн. Инаку, маестра Бар Авни студирала перкусии и настапувала како перкусионистка во својата земја, но желбата за диригирање ќе ја однесе во Тел Авив, каде што студирала со Јоав Талми, а подоцна станала негова асистентка на Израелскиот камерен оркестар. Потоа ги продолжила студиите во Грац и во Хамбург, а во 2021 година станала најмладата добитничка на награда и стипендист на Меѓународниот институт „Курт Мазур“. В.Д.
Роденденска сезона на Македонската филхармонија
Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.
Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов, кој наедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева – Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025 ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во Це-мол од Моцарт.