Добитници на Нобеловите награди и интересни прашања што се отворија со чинот на доделувањето на признанијата на лауреатите
- Вештачката интелигенција (АИ) неделава влезе во повисоките ешалони на научни достигнувања, како составен дел од Нобеловите награди за физика и за хемија, отворајќи јавна дебата за нејзиното влијание при важните научни откритија. Наградите го истакнуваат влијанието што технологијата го има во секој аспект од секојдневниот живот, но исто така предизвикаа дебата, па дури и одредено незадоволство кај дел од научната заедница за тоа како вештачката интелигенција е поврзана со овие научни дисциплини
- Премногу е рано да се зборува дека вештачката интелигенција е вклучена во сите награди. Човечката генијалност доаѓа на прво место, поставувајќи го прашањето, развивајќи ја хипотезата…, а системите за вештачка интелигенција не можат да направат ништо од тоа
Нобеловата награда обично се доделува за повеќедецениско истражување, откако може да се оцени дека неговото влијание има „најголема корист за човештвото“.
Еден од таканаречените кумови на вештачката интелигенција Џефри Хинтон и професорот и физичар Џон Хопфилд беа наградени со Нобеловата награда за физика за нивната работа што започна во 1980-тите, потпирајќи се на концептите на физиката за да измислат вештачки невронски мрежи што влијаеја на развојот на вештачката интелигенција.
– Јас сум без зборови. Ми се допаѓаат машинското учење и вештачките невронски мрежи исто како и на секого, но тешко е да се види дека ова е физичко откритие. Нобелот веројатно беше погоден од фамата за вештачката интелигенција – напиша Џонатан Причард, астрофизичар од Империјалниот колеџ во Лондон, на социјалната мрежа Икс.
Вештачката интелигенција повторно се најде на насловните страници на вестите поврзани со Нобеловата награда откако директорите на „Гугл дипмајнд“, Демис Хасабис и Џон Џампер, како и професорот од Универзитетот во Вашингтон, Дејвид Бејкер, заедно ја добија наградата за хемија за нивната работа во областа на протеините.
Бејкер беше издвоен за неговата работа на алатката за предвидување протеини управувана од вештачка интелигенција наречена „РоузТТАФолд“ и за неговата работа на развивање нови протеини. Во меѓувреме, Хасабис и Џампер развија систем на вештачка интелигенција што го реши 50-годишниот проблем за предвидување на структурата на протеинот.
– Премногу е рано да се зборува дека вештачката интелигенција е вклучена во сите награди. Човечката генијалност доаѓа на прво место, поставувајќи го прашањето, развивајќи ја хипотезата…, а системите за вештачка интелигенција не можат да направат ништо од тоа. АИ на некој начин само ги анализира податоците во моментов – рече Хасабис на прес-конференција.
Можеби е време да се модернизираат Нобеловите награди за да се признае дека навистина важните откритија веќе се надвор од традиционалната поделба во дисциплини.
Американските научници Виктор Амброуз и Гери Рувку се добитници на годинашната Нобелова награда за медицина за откривањето на микроРНК, односно за фундаменталниот принцип што ја регулира активноста на гените.
· Добитник на Нобеловата награда за мир е јапонската организација преживеаните од атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки „Нихон Хиданкјо“ за нејзиниот активизам против нуклеарното оружје. „Нихон Хиданкјо“ е добитник на признанието како предупредување од разорните конфликти низ светот, особено на Блиски Исток, Украина и Судан.
· Нобеловата награда за литература ја доби јужнокорејската писателка Хан Канг. Хан (53), која пишува на корејски јазик е добитничка на повеќе признанија, меѓу кои и меѓународната награда „букер“ за романот „Вегетаријанка“. Таа е прва авторка од Азија добитничка на Нобеловата награда за литература.
· Нобеловиот комитет ги награди и тројцата научници Дарон Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон за научно фундираното објаснување за тоа „зошто општествата со слабо владеење на правото и институции што го експлоатираат населението не генерираат раст или промени на подобро“.