Фото: „Нова Македонија“

Според соговорниците, агресивните реакции и закани што доаѓаат пред сѐ од раководствата на политичките партии на Албанците во Македонија, повеќе претставуваат „тест на јавноста и на државноста за процесите што следуваат, со оглед дека просторот што е создаден со укинувањето на балансерот треба да се пополни со најавениот закон, кој ќе ја обезбеди уставно загарантираната рамноправна застапеност на сите граѓани, а која често била користена за преференцијален статус на едно малцинство, а и за политичко, партиско и лично профитерство“

Воената агресија во 2001 година и Охридскиот договор изродија политички модели за тоа како едно малцинство да го мајоризира мнозинството

До нова криза и приближна на онаа од 2001 година, која до ден-денес не е дефинирано дали беше воен конфликт, судир или граѓанска војна со комбинација на балкански судир, заради укинувањето на балансерот во Македонија – тешко дека ќе дојде! Тоа е дециден став на повеќе професори на универзитети, аналитичари и дипломати, како и искусни новинари што долго време ја следат и анализираат политичко-безбедносната проблематика.

Заканите за дестабилизација претставуваат тест на јавноста и на државноста за процесите што следуваат

Според соговорниците, агресивните реакции и закани што доаѓаат пред сѐ од раководствата на политичките партии на Албанците во Македонија повеќе претставуваат „тест на јавноста и на државноста за процесите што следуваат, со оглед дека просторот што е создаден со укинувањето на балансерот треба да се пополни со најавениот закон, кој ќе ја обезбеди уставно загарантираната рамноправна застапеност на сите граѓани, а која често била користена за преференцијален статус на едно малцинство, а и за политичко, партиско и лично профитерство“.
– Радикалните и провокативни политички реакции за масовни протести, демонстрации и дури и некаква нова локална мини-војна, како онаа во 2001 година, која ја предизвикаа истите политички субјекти, поединци и партии, претставени и денес во ДУИ и коалицијата Европски фронт, како и од поединци од составот на Влен, иако звучат „атрактивно“, во старт се непромислени и неиздржани и далеку од опцијата реално да се случат, освен како блеф и дури и очигледна уплашеност на нивните актери – тврдат повеќето наши соговорници.
Најсилен аргумент за тоа е делот од Охридскиот рамковен договор во кој е прецизно утврдено дека спроведувањето на спогодбата е во надлежност и под надзор на ЕУ и на Америка и НАТО, потсетуваат соговорниците, додавајќи една интересна забелешка дека „сѐ уште јавно е недообјаснета странската улога во воениот конфликт во 2001 година, како и други страни што беа присутни во целата криза“.
– Во меѓународна констелација на војните во Украина и Израел и сѐ покомплицираниот контекст на Западен Балкан и на ЕУ, НАТО и Америка најмалку би требало да си дозволат и зачеток на каква било воена криза внатре во границите на Алијансата, внатре во рамките на Македонија. Тоа може да стане и регионален проблем. НАТО и САД веќе го направија превентивниот чекор и во Македонија и на Косово и активираа безбедносни тимови што треба да обезбедат информации и лоцирање субјекти, центри или поединци што би можеле да ги загрозат безбедноста на државата и на регионот и националните американски интереси, без разлика од каде доаѓаат, поради што веќе видените блефови со политички закани со нова воена криза се беспредметни и не заслужуваат големо внимание – подвлекуваат соговорниците.

Актерите од 2001 година вознемирени заради сопствената заштита

Според соговорниците со кои се консултиравме, многу е битно да се потенцира дека „реакциите и заканите за укинувањето на балансерот доаѓаат од мали групи на ДУИ и коалицијата Европски фронт, како и некои поединци од Влен, кои беа и актери во 2001 година“. Некои од нив, дел од локалната албанска популација ги квалификува и како „воени профитери“, а домашната експертска јавност од областа на правото (и некои релевантни меѓународноправни експерти, вклучувајќи ја и Дуња Мијатовиќ, која беше комесарка за човекови права при Советот на Европа) ги реактивира прашањата за констатираните воени злосторства што не застаруваат и кои сѐ уште може да бидат реактивирани во меѓународниот суд во Хаг.
Имено, тие радикални структури, според нашите соговорници, „се вознемирени, не заради рамноправната застапеност, правната држава или основните човечки права на граѓаните, туку за своја заштита и заради организираниот криминал, кој е резултат токму на злоупотребите во структурата на методот на балансерот на сите нивоа во државниот апарат, и хоризонтално и вертикално, во практикувањето на власта во која тие учествуваа“.
За крај соговорниците заклучуваат дека „сепак станува збор за уставна материја, која сега не може да се избрише и заборави, бидејќи се работи за уставен принцип што функционирал со години, а кој треба да се замени со стабилно и долгорочно решение, настрана што за негативните последици и злоупотребите допрва следува политичка, правна и судска разврска, особено во делот на високиот степен на организиран криминал, кој се повикува токму на балансерот како правно, законско оправдување“, тврдат со полна одговорност повеќето наши релевантни соговорници интелектуалци. Р.Н.М.