Крсте Мисирков се појавува во вистинско време, во време на самоосознавање на Македонците. Во своето најзначајно дело, книгата „За македонцките работи“, ќе истакне дека околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик, истакна директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, претставувајќи го Мисирков како еден од најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво
Продолжува одбележувањето на 150 години од раѓањето на патронот на Институтот за македонски јазик – Крсте Петков Мисирков и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик
Значењето на македонскиот јазик како обележје со кое се штити македонскиот идентитет, заложбите за негување и понатамошна афирмација, како и улогата на Крсте Петков Мисирков во кодификацијата на јазикот во вистински миг, во време на самоосознавањето на Македонците, беа истакнати на почетокот на манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик ’Крсте Мисирков’“, која се одржува неделава во Скопје.
– Македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме – нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на манифестацијата, додавајќи дека Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик.
Таа наведе и дека образованието обезбедува јазикот да остане жив, да го збогатува нашето културно ткиво и да го јакне националниот идентитет, додека науката ја документира еволуцијата на јазикот преку негово истражување и развива ресурси за негово унапредување.
– Ќе продолжиме со активните политики за стипендирање студенти на програмите по македонски јазик и книжевност, работиме на проширување на можностите за финансирање на научната работа и отворени сме за соработка со сите релевантни чинители за унапредување на образовно-научните можности поврзани со македонскиот јазик – нагласи Јаневска.
Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, истакна дека Крсте Мисирков е еден од најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.
– Тој се појавува во вистинско време – во времето на самоосознавањето на Македонците. Во своето најзначајно дело, книгата „За македонцките работи“, во петтата статија во врска со основата за македонскиот литературен јазик ќе истакне дека околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик – рече Јованова-Грујовска.
На манифестацијата се обрати и академик Катица Ќулавкова, која говореше за историјата на македонскиот јазик.
Отворените денови денеска ќе продолжат со дводневната деветта меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. На отворањето денеска ќе биде промовиран зборникот од минатогодишната, осма конференција.
Во рамките на „Отворените денови“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, годинава ќе бидат одбележани и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, додека вчера беше предвидено одржување трибина насловена „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“.
Годинава манифестацијата е во знакот на два големи јубилеја: 150 години од раѓањето на патронот на Институтот за македонски јазик – Крсте Петков Мисирков и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и од Првото заседание на АСНОМ.
Институтот за македонски јазик е основан во 1953 година, со цел сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и стручните работници во него. Во актуелниот современ геополитички контекст, исполнет со предизвици за македонскиот национален идентитет, постоењето и работата на Институтот за македонски јазик треба да претставуваат извориште на научната аргументација за милениумската посебност и автентичност на македонскиот јазик, како на глобален лингвистички план така и во своето семејство на словенски јазици. Македонскиот јазик како еден од елементарните атрибути на македонското народносно постоење е носечкиот столб на македонскиот национален идентитет. Постоењето и работата на Институтот за македонски јазик претставуваат една современа отсечка на стандардизирано битисување на македонскиот јазик во долгата линија на временски континуитет, која се протега до времињата на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, во 9 век, од сесловенските просветители Кирил и Методиј. Н.М.