Фото: ЕПА

Продажбата на автомобили е на најниско ниво во последните три години, со двоцифрен пад во Франција, Германија и во Италија. Раководните лица на „Фолксваген“, симбол на индустриската моќ на Германија, објавија дека имаат намера да ги затворат домашните фабрики за првпат во историјата на компанијата. Недоволните инвестиции и повлекувањето на субвенциите и стимулациите му штетат на европскиот сектор за електрични возила, кој е од витално значење за зелената транзиција на ЕУ, објавува британски „Гардијан“

Европската индустрија за електрични возила се соочува со голем број предизвици

Во обид да ја зголеми побарувачката за електрични возила (ЕВ), владата на францускиот претседател Емануел Макрон неодамна воведе шема за социјален лизинг што им овозможува на помалку богатите да плаќаат прифатлива месечна рата за ново ЕВ. За еден месец, побарувачката порасна до таков степен што шемата беше нагло прекината. Според министрите, француските производители на автомобили не можеле да одржат чекор со ненадејниот пораст на интересот за ЕВ, пишува британски „Гардијан“.
Есенва француските производители на автомобили како „Рено“ и „Пежо“ се соочуваат со поинаков проблем. Владите низ ЕУ ги повлекоа субвенциите и стимулациите и не успеваат да обезбедат задоволителни нивоа на инвестиции во инфраструктурата и капацитетите. Како последица на тоа, продажбата на ЕВ е многу пониска од темпото за постигнување на целите за нулта емисија за 2035 година. Според новите податоци на Европската асоцијација на производители на автомобили, во август е забележан четврти последователен месечен пад на продажбата. Севкупно, продажбата на автомобили е на најниско ниво во последните три години, со двоцифрен пад во Франција, Германија и во Италија. Раководните лица на „Фолксваген“, симбол на индустриската моќ на Германија, објавија дека имаат намера да ги затворат домашните фабрики за првпат во историјата на компанијата.

Остануваат разликите во ставовите помеѓу Брисел и Пекинг

Заедно со кризата поврзана со животниот стандард и трошоците, како и релативно високата цена на електричните возила, предизвик за европските производители претставува и конкуренцијата од Кина. Државните субвенции и пристапот до основните материјали за батерии им овозможуваат на кинеските производители значително да ги подријат европските компании и исто толку важно, да доминираат на нивниот огромен домашен пазар. Влогот не може да биде поголем. Ако не се решат проблемите на водечките национални брендови и економските моќници, како што е „Фолксваген“, десничарските партии ќе добијат дополнителен простор за напад на зелените цели како закана за националниот просперитет. Препознавајќи ја кризата, Европската комисија планира да воведе високи царини за кинеските ЕВ по едногодишна истрага насочена против субвенциите.
Се предвидува дека и оваа одлука ќе создаде дополнителни проблеми, бидејќи трговската војна со Кина неизбежно би имала штетни последици за европските извозници. Затоа Германија се спротивстави на планираните царини. И преземањето акција за да се задржат достапните кинески ЕВ надвор од европскиот пазар нема да придонесе за зголемување на побарувачката на потрошувачите – во пресудниот сектор за зелената транзиција на ЕУ.
Брисел сепак одлучи да воведе големи тарифи до 35,3 отсто на увозот на електрични автомобили од кинеско производство. Претставниците од Пекинг и 27-члениот европски блок неодамна одржаа осум рунди разговори за ова прашање во Брисел.
– Сè уште има големи разлики меѓу двете страни – се вели во соопштението на министерството, додавајќи дека ги поканило преговарачите на ЕУ на понатамошни дискусии во Кина.
Преговарачите „постигнаа важен напредок во некои области“, се вели во соопштението, но „не постигнаа решение прифатливо за двете страни“.
Двете страни се главни економски партнери, но во последниве месеци се спротивставија поради великодушните субвенции на Пекинг за нејзините домашни индустрии.
Брисел тврди дека поддршката го поткопува принципот на слободна конкуренција и помогна да се намалат цените на кинескиот извоз, намалувајќи ги европските конкуренти. Пекинг ги негираше ваквите тврдења и ги осуди тарифите на ЕУ, предупредувајќи дека тие ќе започнат трговска војна.
Кинеското Министерство за трговија ги предупреди преговарачите на ЕУ и против еднострано одредување цени со компании, настрана од разговорите со Пекинг.

Неволјите во европската автомобилска индустрија ќе се продлабочат без
промена на пристапот

При соочување на ЕУ со протести на земјоделците, претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, веќе се повлече од некои од климатските цели што го дефинираа нејзиниот прв мандат.
Брисел и проактивните национални влади треба да го преземат водството преку комбинација на субвенции и инвестиции во обем за да се одржи довербата на индустријата и потрошувачите. Ова е во духот на анализата на економските перспективи на ЕУ на поранешниот претседател на Европската банка, Марио Драги, објавена минатиот месец. Сепак, додека ЕУ повторно воведува строги фискални правила за националните трошења, траекторијата на политиката се определува со кратковидиот фокус на балансирање на сметките. Без промена на пристапот, неволјите на автомобилската индустрија веројатно ќе се продлабочат додека се преговара за транзиција кон зелени цели. Е.Р.


Глобалната продажба на електрични возила се зголеми со успехот на Кина

Глобалната продажба на целосно електрични и хибридни возила се зголеми за 30,5 отсто на годишно ниво во септември, бидејќи Кина ги надмина рекордните бројки забележани во август и Европа продолжи со растот, објави во вторникот фирмата за истражување на пазарот „Ро моушн“, а пренесува „Ројтерс“.
Кинеските производители на автомобили се обидуваат да ја зголемат својата продажба во ЕУ и покрај увозните давачки до 45 отсто и во услови на заладување на глобалната побарувачка за електрични автомобили.
Продажбата на електрични возила, без разлика дали се целосно електрични (БЕВ) или „плаг-ин“ хибриди (ПХЕВ) – достигнаа 1,69 милион во септември, покажаа податоците на „Ро моушн“.
Продажбата во Кина скокна за 47,9 отсто во септември и достигна 1,12 милион возила, додека во САД и Канада е зголемена за 4,3 отсто на 0,15 милиони.
Во Европа, продажбата на ЕВ се зголемила за 4,2 отсто на 0,3 милиони единици, благодарение на скокот од 24 отсто во Обединетото Кралство и добивките во Италија, Германија и во Данска. Е.Р.