До 18 октомври во Кинотеката на Македонија ќе се одржува Неделата на романскиот филм, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филма.
Циклусот на романски филмови во Кинотеката на Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ги нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми. Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена. Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотеката.
Вчера беше прикажан „Меѓу револуциите“, документарен филм во режија на Влад Петри. Во 1970-тите, иранска студентка по име Захра се среќава со колешката Марија на Универзитетот во Букурешт. Двете студираат медицина и развиваат длабоко пријателство и восхит една кон друга. Кога избувнува Иранската револуција во 1979 година, Захра се враќа во Иран, трогната од надежта за политичка трансформација, иако брзо следуваат разочарувања. Захра никогаш не сe враќа во Романија… Во својот филм, Влад Петри целосно се потпира на неверојатни и зачудувачки монтирани архивски снимки од Иран и Романија за да ја раскаже приказната за овие две жени на таков начин што границите помеѓу документарецот и фикцијата се заматуваат. Длабоката врска помеѓу овие две жени се користи за да се истражи празното ветување за револуција во имагинативниот, високоефективен документ-хибрид.
Вечерва од 20 часот на програмата е „Мамалија“, игран филм, Романија/Полска/Германија, во режија на Себастијан Михаилеску. „Мамалија“ е морничава и отуѓена комедија за родовите улоги и во надреалистички стил Михаилеску работи со слободни асоцијации, некои од нив толку смешни и вознемирувачки што ги доведуваат во прашање идентитетот и мажественоста, а како што продолжуваат сè понепредвидливите настани, гледачите може да се збунат од тоа колку приказната брутално се спротивставува на нивните ставови за тоа што се очекува од еден маж во општеството. Филмот е снимен на 16-милиметарска филмска лента од Барбу Балашоу, со статични кадри и многу мизансценски движења во кадарот, а користењето на просторот секогаш е многу експресивно. Само неколку од главните ликови се играат од професионални актери. Сите други се натуршчици и придонесуваат за натурализмот на експресивноста на филмот. Некои критичари хуморот на Михаилеску го споредуваат со тој на Рој Андерсон, но и со оној на Ежен Јонеско и Театарот на апсурдот.

В четврток ќе биде прикажан „Арсение, неверојатниот задгробен живот“, документарен филм во режија на Александру Соломон. Арсение Бока е свештеник, теолог и мистик прогонуван од комунистичкиот режим, кој живеел од 1910 до 1989 годинa. Неговиот поглед ги хипнотизира масите и многумина го сметаат за светец. Бока станува многу профитабилен бренд и е на пат да биде прогласен за светец од страна на Романската православна црква. Од овој спој на фикција и факти произлегува слика на еден лик што е далеку од светец (и покрај тоа, верниците во групата остануваат непоколебливи од фактите) и е погодна за експлоатација, како комерцијална така и политичка.
Ревијата на романски филмови завршува со „Не очекувај премногу од крајот на светот“, игран филм, Романија/Хрватска/Франција/Луксембург, во режија на Раду Јуде. Ова е црна комедија од 2023 година, по сценарио и во режија на Раду Јуде, еден од најпознатите и најуспешни современи романски режисери, добитник е на повеќе награди по најголемите светски фестивали. Филмот е необична мешавина од филм есеј, црна комедија, сатира (на современиот живот и еконoмија во Романија), но во суштина е патувачки филм (road movie). Ангела, преморена и недоволно платена асистентка на продукција, вози низ Букурешт за да го снима кастингот за видеото за безбедност на работното место нарачано од една мултинационална компанија. Филмот ја имаше својата премиера на главната конкуренција на Филмскиот фестивал во Локарно во 2023 година каде што доби признание од критиката и специјална награда од жирито, а беше избран и за романски претставник во категоријата за најдобар меѓународен долгометражен филм за 96-то доделување на „оскарите“. В.Д.