Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако Македонија со години се соочува со ситуација во која увозот е поголем од извозот и ова не е нова ситуација, проблематично е што сега извозот е намален и нашиот трговски дефицит е зголемен. Имено, во истиот период минатата година, значи од јануари до август, покриеноста на увозот со извоз достигнала 75,4 проценти. Ова е сигнал што упатува на потреба од „мерки“ за поттикнување на извозот, за јакнење на домашната економија, бидејќи со раст на дефицитот ќе се намалува моќта на нашата економија, но ќе опаѓа и куповната моќ на граѓаните

Стоковна размена на Македонија: Се зголеми разликата меѓу увозот и извозот

Пад на извозот и зголемен трговски дефицит регистрира Државниот завод за статистика (ДЗС) при последниот извештај за стоковната размена на Македонија. Податоците покажаа дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-август 2024 година изнесува 5,19 милијарди евра и наедно има пад од 5,7 отсто во однос на истиот период лани. Од друга страна, вредноста на увeзената стока е 7,34 милијарди евра, што е за 0,6 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Според Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит е 2,15 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз 70,7 отсто.
– Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав, и други моторни возила за превоз на лица – се наведува во соопштението на ДЗС.

Македонија годинава најмногу тргувала со Германија, Британија, Кина…

Во периодот јануари-август годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и со Србија.
Иако Македонија со години се соочува со ситуација во која увозот е поголем од извозот и ова не е нова ситуација, проблематично е што сега извозот е намален и нашиот трговски дефицит е зголемен. Имено, во истиот период минатата година, значи од јануари до август покриеноста на увозот со извоз достигнала 75,4 проценти.
Покриеноста на увозот со извоз во периодот јануари-август 2023 изнесува 75,4 проценти.
Ова е сигнал што упатува на потреба од „мерки“ за поттикнување на извозот, за јакнење на домашната економија, бидејќи со раст на дефицитот ќе се намалува моќта на нашата економија, но ќе опаѓа и куповната моќ на граѓаните.
Статистичките детали откриваат дека во измината година најмногу се извезувале и увезувале хемиски и сродни производи, чиј извоз надминал 93 милиони денари. Во исто време во оваа категорија се увезени производи со вредност што надминува 56 милиони денари. Веднаш зад нив, најголем извоз е направен во категоријата машини и транспортни уреди, чија вредност достигнала 92 милиони денари, но увезени се производи со вредност од над 114 милиони денари.
Што се однесува, пак, до трговските партнери, и понатаму најголем дел од размената се прави со Германија, со која успеваме да оствариме суфицит, односно нашиот извоз да биде поголем од увозот. Имено, во Германија сме извезле производи во вредност од 2.157.328 евра, додека пак увозот достигнал 810.523 евра.
Велика Британија е исто така една од земјите со кои имаме голема трговска размена, но таму увозот е поголем од извозот. Имено, во првите осум месеци од годинава таму сме извезле производи во вредност од 63.306 евра, но сме увезле производи вредни 871.441 евро.
Една од земјите со кои исто така имаме остварено поголем извоз отколку увоз е Унгарија. Иако разликата е симболична, сепак, вреди да се спомене дека во оваа земја сме извезле продукти во вредност од 181.343 евра, додека пак сме увезле производи вредни 142.594 евра.
Меѓу нашите стратегиски партнери каде што успеваме да извеземе поголеми количества и поголема вредност на стока е нашиот северен сосед Косово. Имено, кај нив од почетокот на годината сме извезле стоки вредни 240.845 евра, додека пак сме увезле производи вредни 69.465 евра.
Земја во која извезуваме повеќе е и Чешка, каде што извозот достигнал 186.767 евра, додека пак увозот 109.711 евра. Кон Шпанија исто така имаме остварено поголем извоз, но станува збор за мала разлика. Но, нашиот извоз бил поголем од увозот и кон Словачка, каде што се извезени продукти вредни 131.534 евра, а увезени стоки чија вредност достигнала 53.505 евра.
Белгија е исто така земја во која имаме поголем извоз, кој достигнал вредност од 106 илјади евра, додека пак сме увезле производи вредни 75.198 евра.

Зошто освојувањето нови пазари е загатка?

Освојувањето нови пазари за македонските компании отсекогаш било „дискутабилно“, од една страна поради трошоците што треба да се направат за испитување на навиките на потрошувачите во други земји. Тоа се едни од главните причини зошто нашите компании „се држат“ до традиционалните пазари. Сепак, промените и намалувањето на вредноста на извозот се сигнал за потреба од промени, но и од мерки што ќе го стимулираат извозот.
Ако се погледнат податоците од извештајот на ДЗС за стоковната размена според класификацијата на производите по дејност, ќе се види дека меѓу најтргуваните и најизвезувани продукти од Македонија се производи од преработувачката индустрија. Вредноста на извезените продукти од оваа индустрија достигнува 4,6 милиони евра. Но, од друга страна, и увозот е голем, тој достигнал 6,8 милиони евра.
Кај земјоделските продукти сме извезле стока вредна 228.649 евра, додека пак сме увезле продукти во вредност од 111.935 евра. Во секторот рударство извозот на производи достигнал вредност од 156.022 евра, додека увозот 126.251 евро.
Овие податоци покажуваат дека Македонија има големи потенцијали за извоз, особено во секторите земјоделство и преработувачка индустрија. Преработувачката индустрија е една од гранките што опфаќаат најголем дел од работниците во земјава и претходните години имаше голем раст на извозот. Е.Р.