ПО ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА БАЛАНСЕРОТ
- Наместо да се поправат грешките, со балансерот се отиде уште подалеку. И како тогаш балансерот да се одбрани? Има ли одбрана за еден таков закон што не е уставно заснован?
Уставниот суд, како што обвинува ДУИ, не отиде над Уставот (тој и не може формално да направи такво нешто), туку балансерот е тој што отиде и над и преку Уставот. И токму ова педантно го содржи образложението на Уставниот суд - Се чини прашање на време беше кога ќе падне таканаречениот балансер, кој уставниот принцип (преточен од Охридскиот рамковен договор) за правична застапеност го претвори во масовни моноетнички вработувања, без да се почитуваат критериумите и правилата на компетентност
„9.10.2024: СЕ УКИНУВААТ: членот 19 став 1 алинеја 1 во делот ’припадност на заедница’, од Законот за вработените во јавен сектор; членот 36 став 1 алинеја 1 во делот ’и припадност на заедница’ од Законот за административни службеници; членот 2 став 1 алинеја 8 во делот ’припадноста на заедницата/заедниците’, членот 2 ставови 2 и 3, членот…“
Ова е само кратката најава објавена на интернет-страницата на Уставниот суд на Македонија и таа навидум е само едно административно соопштение во кое со употребува класичен правнички вокабулар како „…член, алинеја, службеници…“, во суштина е претставена една од темелните одлуки на највисокиот суд во земјава, а се однесува на таканаречениот балансер.
Зошто е тоа темелна одлука?
На експертите тоа им е јасно, затоа што одамна Уставниот суд не се изјаснил за едно од прашањата што претставуваат рак-рана на македонското општество и кои ги нагризуваат демократските процеси и ги одведоа во етнонационалистички води. Тоа се прашања што се толкуваат премногу еластично, најмногу од владините претставници, политичари, а најмалку од уставните судии. Но дочекавме Уставниот суд да пресече и да застане во одбрана на Уставот. А, пред Уставот сите се еднакви. За жал, во тие два закона спакувани како балансер, еднаквите се поделија на „еднакви и уште поеднакви“.
Некои политички партии, пред сѐ ДУИ, и по оваа важна и темелна одлука го напаѓаат жестоко Уставниот суд, но и шират перцепција во јавноста дека всушност одлуката е кабинетски донесена во кабинетот на премиерот односно тесно во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Знам.
Поранешниот министер за економија од ДУИ Крешник Бектеши вчера изјави дека се можни тензии по укинувањето на балансерот.
– Јас мислам дека потезите на Мицкоски и на коалицијата Вреди водат кон дестабилизација и тие самите сакаат да дестабилизираат. ДУИ, Ахмети и ние како претседателство на партијата јасно кажавме дека на нашата држава не ѝ треба дестабилизација, туку спротивно, ѝ требаат разговори и треба дијалог каде што сите ќе бидат еднакви во оваа држава – рече тој во интервју за Радио Слободна Европа.
Тензиите и безредијата ДУИ ги најави поодамна, откако стана јасно дека во новата влада ќе нема место за нив. Сега со балансерот, кој правно е мртов, тие само ја креваат дополнително политичката температура и се прави притисок повторно кон уставните судии, кои на маса имаат уште еден закон што излетал од уставни рамки. Токму тој – Законот за употреба на јазиците!
БАЛАНСЕРОТ ГО УРНИСА И РАМКОВНИОТ ДОГОВОР
Корените на балансерот, односно принцип на давање одредена предност на малцинските заедници при вработување, но и генерално за вклучување во општеството, се наоѓаат во Охридскиот рамковен договор. Членот 4 се однесува за принципот недискриминација и правична застапеност. „Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела, истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација“. И токму овој принцип во праксата – не се почитуваше! Работите отидоа дотаму јавноста да реагираа жестоко, понекогаш и да се смее на она што стана „рамковни вработувања“. Тоа значеше и некаде уште значи најчесто Албанци да бидат вработувани, но да немаат работа. Понекогаш и да бидат во странство, а во земјава да ги уживаат сите права како плата, придонеси за здравствено осигурување, пензија… И наместо да се поправат грешките, се отиде уште подалеку со балансерот. Како тој да се одбрани? Има ли одбрана за еден таков закон што не е уставно заснован?
Да заклучиме – Уставниот суд, како што обвинува ДУИ, не отиде над Уставот (тој и не може формално да направи такво нешто), туку балансерот е тој што отиде и над и преку Уставот. Тоа се содржи во образложението на Судот, а тоа го објасни пред јавноста и претседателот Дарко Костадиновски.
ПОЗИТИВНАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА Е ПРИВРЕМЕНА МЕРКА
Европската и светска пракса нѐ учи дека принципот на позитивна дискриминација или афирмативна акција се применува таму каде што треба да се воспостави општествена рамнотежа, односно одредени заедници или групи треба побрзо да се интегрираат во општеството. Балансерот е во тој домен, но притоа треба да се знае дека тие мерки секогаш се од привремен карактер. Дали кај нас е измерено и анализирано до кога ќе важат ваквите општествени практики? Колку време му треба на македонското општество за да се изедначи? Што научивме од 2001 година (изминаа цели 23 години), кога е воведена праксата за правична застапеност, и каде стигнавме? Дали се интегрираме или се дезинтегрираме? Тешко дека некој има одговор на овие прашања?
Клучниот момент во одлуката го изнесе судијата-известител Костадиновски: „Судот утврди дека припадноста на заедница е задолжителен податок што кандидатот во пријавата за вработување има обврска да го наведе. Ниту во Законот за вработените во јавниот сектор ниту во Законот за административни службеници не е пропишано дека податокот за припадност на заедница е општ или посебен услов за вработување, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се прекршува уставно загарантираното право на слободно изразување на националната припадност. Ваквите законски решенија се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот…“. Како резиме ќе додадеме дека балансерот отишол надвор од уставните рамки (законите биле неуставни), па и од границите на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
И што е исто така важно, токму на законите поврзани со балансерот треба да ја научиме лекцијата дека законите не смеат да се носат во скратени постапки, без длабински консултации и скенирања, без размислувања на последиците, без лепење европски знаменца.
Искуството ни дава морално право да критикуваме дека правичната застапеност не смее да се разбере како алтернативна опција за вработување, на барање ухлебие на партиски членови или војници. Тоа е премногу скапо за секоја држава, а за сиромашна како Македонија уште повеќе. Праксата вели дека капацитетот на јавната администрација не е сериозно подобрен, па дури во некои сфери е и уназаден, има затворени шалтери и недостапност за јавноста, бавност во постапките, се прават премногу грешки, а тие ги чинат граѓаните и пари и време и многу други реперкусии, особено од грешките во матичната евиденција. Затоа е потребен многу подобар филтер при примената на правичната застапеност.
Костадиновски: Одлука заснована на правна анализа
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој како судија-известител ја образложи одлуката донесена од неговите колеги, на прес-конференција рече дека одлуката на Судот е исклучиво уставно втемелена како израз и резултат на уставноправна анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или какво било друго расудување. Таа, додаде тој, дури оди и во прилог на припадниците на немнозинските заедници бидејќи со злоупотребите нивните права се засегнати.
– Уставниот суд ќе одолее на каков било обид за влијанија и притисок. Нејасно е како тоа некој замислува дека за своите одлуки Уставниот суд треба да прашува некого, да се консултираме, да правиме компромиси. Кого тоа треба да прашаме? Со индигнација ги отфрлам сите обиди за политизација, етнизација на постапувањето на Уставниот суд.
Јавната администрација е ‘рбетот на државата, дава голем број услуги, а потребата за квалитетни услуги не познава етничка припадност или каква било припадност, на сите ни се потребни стручни, компетентни, квалитетни ефикасни услуги од државата, следствено на тоа и стручни и компетентни службеници. Преминот во зрела демократија подразбира реална а не лажна посветеност кон владеењето на правото, висока политичка и уставноправна култура, почитување на Уставот – потенцираше Костадиновски. Х.И.
Премиерот не сака брзање со нов закон и бара мислење од Венецијанската комисија
Новото законско решение за правична застапеност мора да биде уставно и во согласност со препораките на Венецијанската комисија, изјави македонскиот премиер. По најавите од коалицискиот партнер Вреди дека подготвуваат нов закон со кој ќе биде регулирана етничката припадност, премиерот смета дека е подобро прво да се испрати на мислење во Венецијанска комисија, па потоа во Собранието. Коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Меџити дека со новиот закон за правична застапеност на Уставниот суд не треба да му се даде можност во иднина со просто мнозинство да укинува закони што се донесени со двотретинско, Мицкоски порача дека поставеноста во правниот систем е јасна и нема зошто да се менува, но потребни се кадровски промени. Според него, од ДУИ злоупотребуваат етнички прашања како случајот со балансерот за политички цели и во недостиг од визија и реформи.
Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека Вреди подготвува нов закон за правична застапеност, кој, освен етничката категорија, ќе ги опфаќа „сите маргинализирани групи“.
Венецијанската комисија работи во рамките на Советот на Европа и во неа членуваат независни правни експерти од многу држави. Нивните мислења не се правно обврзувачки, но даваат корисна насока на државите што имаат дилеми за уставноста или целисходноста на одредени законски предлози. За жал, македонските политички експерти честопати се ставале над мислењето на експертите од Венецијанската комисија. Тие игнорирања сега на Македонија ѝ се враќаат како бумеранг. Експертите од Стразбур мошне критички се изјаснија и за Законот за употреба на јазиците, ни дадоа одредени предлози, но повторно домашните политички експерти ги отфрлија тие сугестии. Бумерангот сега лета наназад.
Х.И.