За разлика од брат му Јанко, кој беше бек-поентер, Митко беше извонреден во извршувањето на одбранбените задачи. Двајцата беа во „историскиот“ тим на КК Работнички, предводен од големиот кошаркарски маг Лазар Лечиќ

Митко Луковски (1)

Кошаркарскиот клуб Работнички својот подем го доживеа во 60-тите години на минатиот век, кога на кормилото на тимот дојде штотуку завршениот студент на одделот за кошарка на ДИФ во Белград, незаборавниот, за жал неодамна починат, Лазар Лечиќ-Грк. Големиот кошаркарски маг собра околу себе една млада генерација и почна со напорна работа. Желбата му беше од младите момчиња да создаде квалитетни кошаркари, кои во микс со постарите, со својот квалитет ќе им парираат дури и на најдобрите југословенски екипи. Тој успеа во тоа и во почетокот, со голема помош на неговиот професор во Средното фискултурно училиште Стефан Тодоровски- Цефи, кој, пак, беше еден од основоположниците на македонската кошарка, создаде една симпатична и силна екипа, која наеднаш стана хит и се вивна во кошаркарската елита.
Тоа навистина беше така, а за тоа најубаво говори фактот што КК Работнички во 1964 година се избори и за прволигашки статус, што беше големо изненадување за југословенската кошаркарска и воопшто спортска јавност. Кога Работнички зачекори на прволигашката сцена, многумина мислеа оти тоа ќе биде само за еден краток период. Но не беше така. Напротив, скопскиот тим се одржуваше во елитата, а со своите игри секогаш беше интересен за публиката. Заслугата за тоа ја имаа Лазар Лечиќ и борбените кошаркари, кои вложувајќи ги сите сили и играјќи со голем ентузијазам станаа миленици на спортската публика во Македонија. Затоа често знаеме да кажеме оти тоа беше историски тим на Работнички, со кој почна вистинскиот подем на модерната кошарка во Македонија.
– Имав среќа и јас со мојот, за жал покоен, брат Јанко да бидам дел од таа генерација на Работнички. Јанко дојде во клубот во 1962 година, а јас една година подоцна. Тоа беше така зашто јас повеќе бев заинтересиран за фудбал, за кој сметав оти е машки, а кошарката повеќе ми личеше на спорт поблизок за женската популација. Но, кога ги почувствував тежината на кошаркарските мечеви и жестината со која се игра, дури тогаш сфатив дека е ова навистина машки, а не како што мислев дотогаш женски спорт – вели Митко Луковски.

Спортско семејство

Интересно е оти браќата Луковски, кои долг период беа стожери во КК Работнички, потекнуваа од едно дебармаалско спортско семејство. Нивниот татко, популарниот Аџијата, своевремено бил фудбалер, за подоцна да продолжи како тренер. Тој во тренерската работа беше успешен и долг период беше шеф на струката во Работнички, а работеше и во други скопски клубови. Токму поради тоа што тој беше посветен само на фудбалот, многумина беа изненадени кога неговите синови зачекорија на кошаркарскиот терен.
– Но не бевме само ние тројца спортисти во нашето семејство. Сестра ми играше ракомет, а мајка ми во младоста се занимавала со гимнастика. Затоа беше нормално јас и Јанко да тргнеме по нивните патеки и токму поради тоа во Дебар Маало, па и во Скопје, се велеше оти сме вистинско спортско семејство – вели Митко.
Од семејството Луковски, сепак, највисоко се вивнаа Јанко и Митко. Тие станаа врвни кошаркари, препознатливи во кошаркарскиот свет, кои многу години опстанаа на сцената и ги манифестираа своите квалитети.
– Јас и Јанко имавме различни улоги во тимот. Јанко беше класичен бек-поентер, кој располагаше со голема техника. За него немаше проблем мајсторски да изведе некој неочекуван потег и да ги изненади противничките играчи, а истовремено кога се очекуваше оти тој ќе проигра некого се случуваше да бие од голема далечина и да поентира. Јас, пак, за разлика од него повеќе бев определен на извршување на одбранбените задачи. За ваквата поделба на работите во играта најзаслужен беше Лечиќ, кој ги пронајде нашите вистински места – се сеќава Митко.

Настојчивоста на Лечиќ даде резултат

И уште еден момент поврзан со почетоците на кариерата на Митко. Имено, тој не можејќи да прифати оти не е вклучен во фудбалот, туку во кошарката, често се случуваше поради колебливоста што владееше кај него да не биде редовен на тренинзите.
– Тоа го нервираше Лечиќ затоа што беше свесен оти кај мене има кошаркарски квалитети, па затоа често доаѓаше кај нас дома и едноставно инсистираше да не ја напуштам кошарката, зашто има шанси во неа не само да си го најдам своето место, туку да станам и врвен играч. Конечно, пресеков и веќе бев редовен на тренинзите. Сите амбиции од тие моменти ми беа свртени кон кошарката и Работнички. Некако и јас бев уверен дека покрај една генерација во која се наоѓаа Андоновски, Боцевски, Ѓорчевски, Гавровски, Прешова, Тевчев, Димишковски, Герасимовски и брат ми Јанко, нема шанси да не успеам. Подоцна, кога на екипата ѝ се приклучија и Благоја Георгиевски-Буштур, Драган Радосављевиќ и Маринко Ковачевиќ, кој дојде од Херцег Нови, станавме и тим за почит. И не само тоа, на моменти кога формата ќе стигнеше на највисоко ниво, бевме страв и трепет и за најсилните југословенски екипи. Тоа го покажуваат и резултати и победите над една Црвена звезда, Партизан, Цибона, Југопластика, Олимпија, сите врвни екипи со многу поголем прволигашки стаж и со меѓународно искуство – вели тој.
КК Работнички, иако со играчи како што велеа неговите симпатизери со фудбалска, а не кошаркарска височина, сееше страв кај сите.
– Тогаш респектот кон нас беше голем и мораа добро да размислат на кој начин и со каква тактика да ни се спротивстават. Веќе не бевме оној неискусен тим, за кој сметаа оти им е само „топовско месо“, туку бевме тим за респект. Така, полека-полека, со трпелива, но и амбициозна работа, секој од нас почна да го создава својот имиџ, по кој бевме препознатливи во кошаркарскиот свет. Тогаш и резултатите не изостануваа и Работнички, со мали исклучоци, секогаш беше на сигурните места на табелата, иако некогаш се случуваше да бидеме и во зоната за испаѓање. Ако, пак, се случеше да го загубиме прволигашкиот статус, веднаш следната година се враќавме во елитата. Тие турбуленции најчесто се јавуваа откако Лечиќ, под притисок на Управата (!), мораше да го напушти Работнички. Затоа, пак, тој си најде нови патишта, кои му донесоа и убава финансиска корист, за која во Работнички и не можеше да замисли – рече тој.

Другарството нѐ одржуваше

Митко Луковски убаво го опишува и тогашниот живот во популарниот клуб, кој благодарение на своите резултати, и тоа во земјата што во 1970 година ја освои светската титула, беше вистински хит и миленик на целокупната јавност.
– Другарството беше она што нѐ одржуваше во живот. И во моментите кога клубот запаѓаше во финансиска криза, ние бевме тие што не се предаваа, туку храбро чекореа напред. Знаевме оти сѐ ќе помине и работите повторно ќе се средат и ќе дојдат на свое. Затоа во ниту еден момент не се колебавме и не помислувавме на напуштање на средината во која се афирмиравме. Како што се вели, на маката се познаваат јунаците, па затоа и ние, за да покажеме оти навистина сме јунаци, не го напуштавме Работнички. Не ни требаше многу, бевме другари што се почитуваа меѓу себе и се задоволувавме и со малите нешта. Така, големо беше задоволството, кое носеше и ведрина кај нас, кога ќе одевме на пример кај Апче на боза и тулумби или ќе седневме во „Кермес“ или во „Идадија“ на ќебапчиња. Таков беше Работнички тогаш, а таков остана и години подоцна, дури кога и ние поискусните заминавме од него. Интересно е оти кај и да одевме, Работнички секогаш ни беше при срце. Тоа беше нешто неверојатно, но вистинито. Можеби токму во тоа, во другарската атмосфера што со години владееше, беше обезбеден и животот на нашиот Работнички – вели Митко.
За Митко Луковски, кој имаше богата играчка, подоцна и тренерска кариера, ќе имате можност да читате и идната недела. Тогаш, оние што подзаборавиле ќе се присетат оти тој со кадетите успеа да ја донесе Македонија на четвртата позиција во Европа. Тоа беше голем, дури и изненадувачки успех, достоен за почит.


Митко Луковски

Роден: во 1948 година во Скопје
Кариера: КК Работнички, КК МЗТ Скопје, КК Соколи (тој го формира), репрезентација на Македонија
Успеси: Клучен играч во многу мечеви во дресот на Работнички, подоцна и на МЗТ Скопје, како тренер со кадетската репрезентација на Македонија го освои четвртото место на ЕП во Португалија. Беше успешен тренер и во други клубови, а се памети и како основач и тренер на КК Соколи