Уставниот суд го укина балансерот, алатка за вработување во државните институции според националната припадност
- Предметот за оцена на уставноста на балансерот во Уставниот суд беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата
- Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја одлуката за укинување на балансерот, рече дека одлуката што ја донеле исклучиво се темели на уставноправна анализа
Уставниот суд на последната 27. седница одлучи да го укине балансерот, алатка за вработување во државните институции според националната припадност на кандидатите. Со примената на оваа алатка во практиката, јавноста и дел од институциите регистрираа низа контроверзии, па и злоупотреби. За истото тоа веќе реагираше и Европската комисија, која побара основен критериум при вработувањето во државната администрација да бидат квалитетот и стручноста, а не етничката припадност.
Уставниот суд ја донесе одлуката да поведе постапка за балансерот на 18 септември, на седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со балансерот се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Истовремено, Уставниот суд ја замрзна употребата на балансерот до донесување на конечната одлука, а Министерството за јавна администрација пред нешто повеќе од една недела донесе насоки за државните институции како да постапуваат при вработувањата. Одлуката за укинување на балансерот нема да важи ретроактивно.
Предметот за оцена на уставноста на балансерот во Уставниот суд беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја одлуката за укинување на балансерот, рече дека одлуката што ја донеле исклучиво се темели на уставноправна анализа.
– Секоја афирмативна акција има привремен карактер додека не се постигне легитимната цел. Кога ќе се постигне легитимната цел, таа почнува да продуцира класична дискриминација. Тоа е случајот со нашиот предмет. Оваа мерка (балансерот) во 2001 е тоа што ние во Уставниот суд го нарекуваме нужно и неопходно затоа што нашиот систем тогаш имал аномалија. Мерката била нужна и неопходна. Но се поставува прашањето дали таа е исцрпена? Многубројните извештаи го покажуваа тоа – рече Костадиновски, кој како пример ги посочи и укажувањата на Европската комисија.
Тој уште додаде дека е неспорно оти правичната застапеност е втемелена во Уставот, но од друга страна, Уставот исто така ги гарантира и слободата на изразување на национална припадност и еднаквите услови за достапност на секое работно место, како и забраната за дискриминација по која било основа.
– Јас како припадник, да речеме на некоја од помалите заедници воопшто немам право да аплицирам за некое работно место. Пример, јас како Влав не можам да конкурирам на конкурс каде што се бара вработување на Турчин. Прашувам, дали јас како граѓанин на оваа држава во која Уставот ми го гарантира тоа право, можам да конкурирам за тоа работно место? Не. А Уставот ми вика секое работно место ми е достапно под исти услови – објасни Костадиновски.
Според него, Уставниот суд не ја донел одлуката по ничија насока и без никакви влијанија.
– Манипулација е дека судот со своето постапување по ова или по кој друг предмет може да ги наруши етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Политичарите не треба да ги етнизираат и политизираат одлуките – порача Костадиновски.
Инаку, претходно одлуката за поведување постапка за балансерот предизвика бурни реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја оценија одлуката како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што, според нив, ќе создаде нови проблеми во меѓуетничките односи и ќе доведе до рушење на основните темели на Охридскиот договор. Сличен став има и Зијадин Села од опозицискиот Европски фронт, кој оцени дека со укинување на балансерот се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.
Од друга страна, пак, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити од коалицијата Вреди, во интервју за ТВ 21, коментирајќи ја одлуката Уставниот суд, изјави дека овој механизам е девалвиран, а неговото време е завршено и дека со евентуално негово укинување Албанците во државава не губат ништо.
Тој уште додаде дека постоел договор меѓу коалициските партнери во Владата балансерот да биде унапреден во закон за соодветно претставување на малцинските заедници. С.Т.