Единаесетти октомври е симболичен почеток на Народноослободителната и антифашистичка борба, која го трасираше патот кон Првото заседание на АСНОМ, кога беа поставени темелите на современата македонска држава, а Македонците конечно беа свои на своето. Тоа е едно значење на 11 Октомври, бидејќи без Народноослободителната и антифашистичка борба, денешната Република Македонија немаше да постои

Одбележување на Денот на народното востание и 83 години од почетокот на антифашистичката борба

Денеска чествуваме 83 година од почетокот на народното и антифашистичко востание во Македонија, како симбол за борбата за сопствена македонска држава и афирмација на македонските национални особености. Единаесетти октомври како симбол на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба е круна на вековната револуционерна дејност. На 11 Октомври, како Ден на востанието на Македонија, македонскиот народ се приклучи кон антифашистичката борба во Втората светска војна и даде свој придонес со повеќе илјади партизански борци. Единаесетти октомври е симбол на антифашистичките определби на македонскиот народ, кои се очигледни од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија, како и од говорот на Панко Брашнаров, кој, меѓу другото, истакнал: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба“.


Од 11 Октомври произлегува и возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ

По капитулацијата на Кралството Италија и соборувањето на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, во Македонија беше создадена слободна територија, која се простираше од Гостивар до Ботун и од Дебар до бугарската окупациска граница. На оваа слободна територија била донесена одлуката за формирање верско поверенство при Главниот штаб за Македонија, а на 15 октомври 1943 година била донесена одлука со која за верски референт бил назначен свештеникот Вељо Манчевски од Дебар. Неизбежен е заклучокот дека 11 Октомври како симболичен почеток на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба го трасираше и патот за возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
По создавањето на современата македонска држава во рамките на Југославија беше поставено и прашањето за создавање самостојна Македонска православна црква. Во март 1945 година беше свикан Првиот црковно-народен собор и беше поставено прашањето за автокефална македонска православна црква. На соборот македонските политички претставници и македонските свештеници позитивно се изјаснија. Како континуитет на оваа одлука, на 4 октомври 1958 година во Охрид започнува Вториот црковно-народен собор и е донесена одлуката за возобновување на Охридската архиепископија, притоа биле избрани епископите и бил донесен Уставот на Македонската православна црква.


Зошто го одбележуваме 11 Октомври?

Денес 11 Октомври со разни свечености и манифестации се одбележува како македонски државен празник. Но како нација, држава и општество не смееме да заборавиме дека 11 Октомври, како Ден на востанието на Македонија, е симбол на македонската Народноослободителната и антифашистичка борба. Оттука 11 Октомври не е само државен празник туку и празник на сите припадници на македонскиот народ без разлика на местото на живеење или раѓање, како и на сите жители на Македонија без разлика на етничката и религиозната припадност.
Единаесетти октомври е симболичен почеток на Народноослободителната и антифашистичка борба, која го трасираше патот кон Првото заседание на АСНОМ, кога беа поставени темелите на современата македонска држава, а Македонците конечно беа свои на своето. Тоа е едно значење на 11 Октомври, бидејќи без Народноослободителната и антифашистичка борба, денешната Република Македонија немаше да постои. Меѓутоа 11 Октомври има уште поголемо суштинско значење за сите Македонци, како во Република Македонија така и за сите припадници на македонскиот народ во соседните држави и низ светот. Со одлуките на Првото заседание на АСНОМ беше обзнанета македонската нација, односно беа кодифицирани македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., а тоа е другото значење на 11 Октомври.
Во овој контекст, проф. д-р Александар Литовски вели дека вооружената антифашистичка националноослободителна војна и револуција на македонскиот народ од 1941 до 1944 година претставува еден од круцијалните настани во автохтониот, долготраен и континуиран процес на конституирање на македонската нација.
Меѓутоа значењето на 11 Октомври како симболичен почеток на Народноослободителната и антифашистичка борба нема да биде комплетно, доколку не се спомене дека преку антифашистичката борба сите македонски жители без разлика на етничката и религиозната припадност добија национални и религиозни прва.
Тоа особено е видливо во „Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија“, во која се вели: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението“.


Куманово: Борбата на Карадачкиот партизански одред

Карадачкиот партизански одред е формиран на 12 октомври 1941 година. Заедно со Козјачкиот партизански одред тој е прв партизански одред од Куманово. По донесувањето на одлуката за почнување вооружено востание, ноќта на 12 октомври 1941, борците на одредот се собрале на зборното место Менкова колиба, четири километри јужно од Куманово. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват. За командант на одредот бил назначен Боро Менков, а за политички комесар Перо Георгиевски-Чичо.
На 12 октомври, некаде пред полноќ, Карадачкиот партизански одред се упатил во правец на теренот Карадах со задача да го разгори востанието во овој дел од Кумановско, чие население претежно било од албанско потекло, и да го започне ослободувањето. Кај Белановската воденица, Карадачкиот партизански одред останал на 13 октомври и до раните утрински часови на 14 октомври, кога бил нападнат од бугарската фашистичка војска и полиција.
Според Миодраг Арсовски-Болто, очигледно било дека Карадачкиот партизански одред бил предаден, опколен и изненаден од непријателот, кој пукал речиси од сите страни со разновидно и многу подобро оружје. Борбата била нерамноправна, бидејќи бугарскиот окупатор бил помногуброен и подобро вооружен.
– Одредот, иако изненаден, ја прифаќа борбата и одговара на непријателскиот оган. Никој од припадниците на одредот не се поколеба, но сето тоа беше недоволно да му се даде отпор на непријателот. Оружјето на одредот беше малобројно, а муницијата во најголем дел влажна и неупотреблива – нагласува Миодраг Арсовски–Болто.
Во борбите загинуваат седуммина борци на одредот, додека другите осум се заробени. Во борбата загинале Боро Менков, Перо Георгиевски-Чичо, Магдалена Антова (прва жена борец од Македонија што загина во НОБ), Киро Бурназовски, Аритон Димковски-Тонко и Бајрам Шабани, а Наце Ивановски-Буѓони е стрелан на самото место. Другите биле затворени.
На 15 октомври 1941 година, затворените борци на Карадачкиот одред се изведени пред бугарскиот Воен суд во Куманово, кој ги осуди на смрт со бесење, а со право на жалба, Евица Георгиевска-Кипра, Благој Думановски-Пецкалија, Бојан Милковски, Коста Јовчевски и Славко Георгиевски, додека Перо Менков и Алириза Јусуфи, како малолетни, ги осуди на 15 години строг затвор. На 30 јануари 1942 година, смртната казна на осудените на смрт им е заменета со доживотна робија.


Прилеп: Нападот врз бугарскиот „полициски участок“

На 11 октомври 1941 година беше нападната бугарската полициска станица во Прилеп, како и затворот, во кој се наоѓале повеќемина политички затвореници и македонски дејци. Овој чин во македонската национална меморија останува запаметен како почеток на востанието на македонскиот народ против бугарската фашистичка окупација.
Нападот врз Прилеп бил извршен од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Пред почетокот на оружената акција на зборното место Црвени Стени cе собрале 36 борци: Борка Талески–Модерното, Трајко Бошкоски–Тарцан, Крсте Црвенкоски–Октомвриски, Мице Козар-Андре, Мице Димески, Коле Чашуле, Пецо Крстески–Даскалот, Благоја Спиркоски, Орде Чопела, Димо Наредникот, Душан Наумоски, Аспарух Јосифоски, Киро Базеркоски, Милан Димоски–Коки, Венда Темелкоска, Драган Спиркоски–Максо, Благоја Јаничо, Гeрa Јаничо, Никола Попоски, Благоја Попоски, Благоја Корубин, Борка Петрески, Киро Ќосески, Душан Ристески, Оцка Михајлоски, Пецо Стојаноски, Павлина Пирганоска, Даница Оровчанец, Димчен Димоски–Екија, Орде Кабецот, Волче Научески, Гиго Менкароски–Менкар, Трајко Конески, Данче Стојчески, Bace Крстеска, Ило Попадинец и Методија Пишманоски.
На Црвени Стени партизаните биле распоредени во борбени групи за напад на Прилеп на 11 октомври 1941 година во 22 часот. Но конечниот распоред бил направен пред тргнувањето за напад, а бил направен од Борка Талески и Трајко Бошкоски-Тарцанот. Со првите истрели што беа испукани од припадниците на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ноќта на 11 октомври 1941 година, при нападот на бугарската полициска станица и затворот, започна востанието на македонскиот народ, чија борба беше крунисана со Првото заседание на АСНОМ.

Подготви: Далибор Станковиќ