Перманентни обиди за лакомо загризување на македонската целовитост, интегритет и идентитет
- „Да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност“
- Единаесетти октомври е најсветлата точка во македонската национална историја, како симболичен почеток на Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ. Оваа борба има неколку аспекти, беше насочена против бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, како и против фашизмот како идеологија во целина, но основите беа поставени врз ослободувањето на Македонија и нејзиното оформување како држава, како и обособување на македонската нација
Поради одредени политички цели, изминативе години имаше обиди за релативизирање на 11 Октомври, како и предлози Македонија (како нација, држава и општество) да се откаже од чествувањето на овој историски настан. Дополнително, македонската јавност беше сведок на перманентните обиди за лакомо загризување на македонската целовитост, интегритет и идентитет, со агресивни форми на континуирани обиди за видоизменување на суштината на 11 Октомври, дури и за бришење на светлиот датум како почеток на востанието на Македонија против бугарската окупација и фашизам. Во обидите да се дискредитира 11 Октомври, но и сета Народноослободителна и антифашистичка борба на македонскиот народ, има тврдења дека царска Бугарија не била окупатор на Македонија или дека бугарската армија бил пречекана како ослободител.
Документот „Писмо до Стојана“ ги побива бугарските тврдења
Обидите за релативизирање и дискредитирање на 11 Октомври се сѐ поочигледни. Но во европските архиви постојат многубројни документи и сведоштва што го потврдуваат токму спротивното од тие кукавички обиди за подметнувања и историски ревизии.
Во однос на тврдењата дека царска Бугарија не била окупатор, постои документ од бугарските архиви во кој јасно пишува за окупацијата на Македонија. Конкретно станува збор за документ од бугарското Министерство за војна од 22 април 1941 година во кој се вели: „1/ Шестата пешадиска дивизија од 23 април годинава во утрината да започне со својот фокус на окупацијата на Македонија, како што следува: а/ Петнаесеттиот пешадиски полк да се транспортира преку железнички пружни линии, во согласност со транспортните возни редови, кои ќе се испраќаат посебно, оставајќи по една пешадиска група во Велес, Прилеп и Битола и ќе ја преземе безбедноста на железничката пружна линија – Велес – Прилеп – Битола. Штабот на пешадијата – во Битола; б/ Другите дивизиски единици да одат пешки во две колони по патните правци: Радомир – Ќустендил – Крива Паланка – Куманово – Скопје и Радомир – Дупница – Горна Џумаја – Царево Село – Штип – Велес, формирајќи еден пешадиски полк со артилерија во Скопје и Велес, а другите дивизиски единици – со дистрибуција од командантот на 5-та армија. Штабот на пешадијата – во градот Велес. 2/ За време на пешачкиот марш, на секоја трета транзиција да му се даде едноноќен одмор. 3/ За дневното движење на дивизијата да се донесе одлука во согласност со дадените наредби. 4/ Нарачките за набавка следуваат посебно“.
Прогласот на секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Методија Шаторов–Шарло, еден месец по окупацијата на Македонија, целосно ги прави ирелевантни тврдењата дека бугарската армија била ослободител во Македонија. Станува збор за документ што е познат како „Писмо до Стојана“, во кој се вели: „Безразличието на широките народни маси по одношението на југославјанската држава и правителства, који 23 години плјачкаја и потискаја народите на Југославија… како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и бугарски војски… Ние не видофме нити наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Се што е наше ни се представуе како да е било бугарско… да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ“.
Борба за создавање македонска држава
Историските архиви на најдиректен начин посочуваат дека борбата на македонскиот народ во Втората светска војна била за создавање македонска држава. Од многубројните документи може да се одвои и документот од хрватска провениенција. Конкретно станува збор за извештај на потполковникот Адам Петровиќ, воен пратеник при амбасадата на НДХ во Софија, до Министерството на хрватското домобранство од 21 октомври 1941 година.
Во извештајот на потполковникот Адам Петровиќ се вели: „Внатрешната положба во делот од Македонија што ѝ припадна на Бугарија доста е нејасна. Изразените Македонци покажуваат извесно незадоволство кон новиот режим во Бугарија. Пред извесно време се случи еден инцидент од политички карактер во една ноќна кафеана во Скопје, при што некои германски офицери и подофицери интервенирале. Во истиот локал била отсвирена македонската химна, на што еден бугарски подофицер и ракоплескал. Во исто време на тој подофицер му пристапува еден бугарски офицер и го прашува зошто ракоплеска, на што овој му одговорил: Тоа што е македонско е и бугарско. На овие зборови, бугарскиот офицер му удрил шлаканица… Овој инцидент предизвикал извесно незадоволство кај сите оние што биле присутни, а се воодушевувале од Македонија. Судејќи по сѐ, изгледа дека во бугарска Македонија постои силна струја за ослободување и создавање самостојна Македонија“.
Споменатите документи јасно сведочат дека 11 Октомври е денот кога симболично започна востанието на македонскиот народ против бугарската окупација, востание што постепено со оформи како масовно народноослободително движење на Македонците, кое имаше цел создавање македонска држава и обособување на македонската нација.