Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп

Во големата сала на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп целовечерен концерт одржа ансамблот „Македонија“, кој е репрезент на македонската традиционална култура при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. На концертот насловен „Традицијата патува“, кој е во рамките на одбележувањето на празникот 11 Октомври и е дел од годишната програма за работа на центарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам, беа изведени песни и ора од богатиот репертоар на ансамблот, единствен во државата од ваков тип, во кој членуваат професионалци што се едуцираат низ споменатите институции, а со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционалната игра, традиционалните инструменти и пеење.
Репертоарот на ансамблот „Македонија“ е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики, обработувајќи сценски адаптации од сите игроорни подрачја во Македонија: западно, југозападно, јужно, источно и северно. Орскиот репертоар или традиционалното играње се презентира преку обредната и соборската традиција, како на пример: обредни содржини – Џамалари од Скопска Блатија; Божиќарќе од Гора; Машки обредни поворки за Водици од Мијаци, Мала Река; Лазарице од с. Луке; Лазарки од Дебар; Велигденски игри од Порече; Ѓурѓевен од Азот; Тешкото од Мијаци, Мала Река и друго; соборски содржини – Ораовички собор од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук, Овче Поле; Нашето село од Скопска Црна Гора; Каршијак од Скопска Блатија; Чангулово од Малешевија; Шетнала се Јана од Пијанец; Пустец – Долна Преспа; Буките и Поседница – Воден/Меглен и многу други.
Главно обележје на орскиот и музичкиот репертоар се сценско-уметнички сегменти од традиционалната култура како на Македонците така и на другите етноси во Македонија
– Репертоарот на ансамблот „Македонија“, работејќи во правец на веродостојно афирмирање на македонските традиционални вредности, негува и презентира повеќе музички стилови, и тоа: традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура, ќемане, чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим, плех оркестар од тапан с`с саан, грнета (кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука) – велат од ансамблот.
Изразно средство со голема важност е и вокалниот елемент, без кој играта не може да се замисли и да опстане. Вокалниот репертоар на ансамблот истражува и се интерпретира низ неколку категории негувајќи различни стилски карактеристики: традиционално едногласно, двогласно (бордунско) и трогласно (гртено) пеење, поделено според обредната или соборската практика, како од селската така и од градската музичка традиција. Посебен сценско-естетски белег оставаат и оригиналните облековни елементи – носиите, со повеќе од 5.000 облековни елементи и над 150 комплетни носии од различни етнички предели на Македонија што датираат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век (Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др.)
– Младите функционални сестрани уметници – игроорци, исполнители на народни инструменти и пејачи, достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, она што претставува генетскиот код на еден народ. Основната порака од концертите на македонските културни амбасадори може само да се почувствува и доживее. Ансамблот „Македонија“ е оформен во 2012 година и во краткиот временски период на активно творење реализира голема турнеја во Јапонија во 2013 год, турнеи и гостувања во Холандија, Бугарија, Германија, Србија, Турција, Полска, Литванија, како и голем број концерти во повеќе градови во Македонија. Во изминатите седум години ансамблот има реализирано повеќе од 500 концертни активности низ Македонија и светот – велат од ансамблот „Македонија“, кој е добитник на многу награди и признанија. Ка.М.