Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку паркирањето е регулирано и прописно, крајно е симптоматично да има поставено дневна паркинг-карта (ДПК) на вашето возило. Тоа е сигнал за аларм, односно мотив да се преземат мерки за евентуален граѓански приговор или консултирање со претпријатието. Доколку паркирањето е уредно платено, зошто некој би поставил ДПК на вашето возило?

Куса анализа на еден нов обид за измама на граѓаните: Лажна дневна паркинг-карта за онлајн плаќање

Лажна дневна паркинг-карта за онлајн плаќање деновиве беше поставена во Општина Центар. Случајот беше пријавен од неколку корисници, кои веднаш ги известиле вработените, кои, пак, констатирале дека лицата што го сториле тоа ги злоупотребиле дизајнот и логото на ЈП ПОЦ, а на дневната паркинг-карта дури поставиле и кјуар-код за скенирање со кој се врши онлајн плаќање.
Било установено дека тој код води кон друга интернет-страница, која немала никаква поврзаност со претпријатието. Целта на измамниците била преку измама да извлечат податоци и парични средства од страна на корисниците на паркиралиштата на Центар.
Информацијата веднаш стана вирална и се прошири на социјалните мрежи, сѐ со цел да се алармираат граѓаните да не наседнат на измамата.
За среќа, измамата брзо е откриена, па нема оштетени. Интернет-страницата употребена во измамата, на која корисниците на ПОЦ требало да извршат плаќања, по само два часа од откривањето на измамата беше изгасната.

Дизајнот на лажната ДПК се разликува од официјалниот на ПОЦ

Но, сепак, се поставува прашањето – како да се заштитиме доколку се најдеме во ваква непријатна ситуација? Неколку насоки што ќе ви помогнат во вакви случаи.
Најпрво, доколку паркирањето е регулирано и прописно, симптоматично е да има поставено дневна паркинг-карта (ДПК) на вашето возило, односно буди сомнеж за евентуален приговор или консултирање со претпријатието. Доколку уредно е платено паркирањето, зошто некој би поставил ДПК на вашето возило?
Од ПОЦ велат дека дизајнот на лажната ДПК е сличен, но сепак се разликува од нивниот официјален во однос на наведените информации.
– Нашите листови се отпечатени на двете страни, а конкретните денешни лажни дневни паркинг-карти беа испечатени со информации само на едната страна. Исклучително важно, секогаш во ќесичката поставуваме слип од термална хартија (како фискалните сметки) на кој од страна на нашиот паркинг-контролор се евидентирани и испечатени податоците за конкретната регистрација на возилото, единствениот број на ДПК, зона, датум и час на издавање итн., што всушност претставува дневна паркинг-карта додека придружниот лист е од информативен карактер – велат од ПОЦ.
Тука немаше испечатен слип, додаваат од јавното претпријатие, туку само лист во димензии на нашиот информативен лист.
– Веб-адресата што беше насочена од кјуар-кодот е со воочливо различен домен од оној на претпријатието. Официјална веб-адреса за онлајн плаќање на дневни паркинг-карти е https://users.poc.mk/PayDpk – информираат од ПОЦ.
За случајот досега не пристигнала пријава во Министерството за внатрешни работи.
– Ве известуваме дека до овој момент во СВР-Скопје нема пријава за ваков случај – информираа од МВР.
За жал, ова не е прв случај на обид за измама на граѓаните во земјава. И претходно имаше обиди за крадење на личните информации од банкарските сметки, а за тоа измамниците злоупотребија банки и други државни институции, вклучувајќи го и самото МВР.


Зачестеноста на измамите изискува граѓаните континуирано да се запознаваат со таквите форми на криминалитет преку јавните гласила

Што е фишинг?

Фишингот е облик на измама што опфаќа збир активности на неовластени корисници преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници на поголем дел од финансиските организации, обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци како што се ЕМБГ, корисничко име, ПИН-броеви и сл. За жал, голем е бројот на корисници што не се запознаени со овој вид измама. Штом еднаш ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или ги продаваат. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб-страници, кои според изгледот целосно одговараат на веб-страниците на легитимните компании (фирми).

Како да препознаете фишинг-порака?

Измамниците често го копираат визуелниот изглед на вистинските веб-страници на банките и на други компании. Во последно време лажните пораки речиси во целост се идентични со оригиналите, меѓутоа постојат одредени детали што ја откриваат измамата:

  • правописни и граматички грешки;
  • се бараат лични податоци;
  • се бара инсталирање програма за која се тврди дека ќе го поправи пронајдениот
  • сигурносен пропуст;
  • лажни линкови и пораки;
  • некористење ССЛ и дигитален сертификат;
  • содржината на пораката е ХТМЛ-образец;
  • нереални ветувања;
  • грешки во предметот на пораката;
  • се бара итен одговор;
  • не гласат на одредена личност.