ЕУ без кочници по надолнината по која возат конфронтираните Франција
и Германија (2)
- Времињата кога францускиот претседател Емануел Макрон можеше да запре трговски договор со СМС веројатно поминаа. Најсвеж пример за тоа е спогодбата помеѓу Европската Унија и јужноамериканскиот блок наречена „Меркосур“, која, по ослабнатото влијание на францускиот претседател да ја спречи, повторно излегува на површина
- Земјите што се кандидати за членство во ЕУ со внимание ги следат движењата во блокот и заземаат свои позиции за полесно да се приспособат на својот пат кон ЕУ, наедно штитејќи се себеси да не пропаднат во пукнатините на блокот
Иако изминаа веќе 25 години, Франција останува најсилен противник на „Меркосур“, но веќе ефикасноста на опструкцискиот инструментариум на францускиот претседател силно е ослабнат и алатките за спроведувањето на неговите политики во глобални рамки силно се опаднати.
Во новонастанатите глобални услови, и по драстично намаленото влијание на Макрон во Брисел поради низата политички и изборни неуспеси, францускиот претседател изгледа дека го губи и своето де факто право за вето и од областа на ЕУ-трговијата. Неможноста Макрон повторно да ја стави ад акта спогодбата помеѓу Европската Унија и јужноамериканскиот блок наречена „Меркосур“ е последниот пример на надолниот тренд на влијание на Макроновите политики.
Што е „Меркосур“?
За потсетување, „Меркосур“ (Мercado Común del Sur) е регионален трговски договор помеѓу Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај, формиран во 1991 со договорот од Асунсион, кој подоцна претрпува амандмани во 1994 и станува Договорот од Оуро Прето. Целта на овој договор е да промовира слободна и константна размена на добра, луѓе и пари. Почетоците на „Меркосур“ можат да се лоцираат во 1985 година кога претседателите на Аргентина и на Бразил ја потпишуваат програмата за економска соработка помеѓу Бразил и Аргентина. Во моментов Боливија, Чиле, Колумбија, Еквадор и Перу имаат статус на придружни членки. Многумина од Јужна Америка гледаат на овој договор како шанса за комбинирање на ресурсите и баланс на активностите на другите светски економски велесили, особено на САД и Европската Унија (Франција).
Раскол на Макрон со Урсула фон дер Лајен во врска со спроведувањето на договорот „Меркосур“
Главните преговарачи од ЕУ и „Меркосур“ неделава повторно се среќаваат во Бразилија, Бразил, за да се обидат да подготват навреме договор за претстојниот самит на лидерите на Г20 во Рио де Жанеиро (средина на ноември). Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва веќе изјави дека е подготвен да го потпише договорот, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати низа одоброволувачки изјави кон лидерите на блокот „Меркосур“ за да ги придобие. Тој трговски договор би создал пазар од 800 милиони луѓе, што претставува една петтина од глобалниот БДП и ќе ги укине тарифите за стоки, од говедско месо до автомобили, што претставува главен приоритет за Фон дер Лајен и нејзината матична земја Германија.
Но Фон дер Лајен се соочи со решителен отпор од Макрон, кој се наоѓа под голем притисок од земјоделците и француска јавност, која годинава постојано го казнуваше на гласачките места.
Макрон го загуби влијанието, Фон дер Лајен има одврзани раце
Во јануари, преговорите за „Меркосур“ беа при крај, но на Фон дер Лајен сè уште ѝ беше потребна поддршката на Макрон за да обезбеди втор мандат како шефица на еврокомисијата. Тогаш, СМС на Макрон била доволна за да ги закочи разговорите, како што објави „Политико“, повикувајќи се на свои извори. Сега односот на силите е обратен. Макрон го загуби влијанието во Брисел по поразите на европските и националните избори, додека владата на новиот француски премиер Мишел Барние се соочува со непосреден предизвик да го заузда јавниот долг и во секое време може да биде соборена од Марин Ле Пен од десницата.
Она што го прави расколот меѓу Париз и Берлин уште подлабок, а во целата состојба се компромитира монолитноста на Брисел, јасно се чита од изјавата на француска европратеничка од центристичкиот табор на Макрон, Брисел Мари-Пјер Ведрен, која стравотно го осуди договорот со „Меркосур“ и јавно го етикетира како дел од „германската листа на задачи“ на Фон дер Лајен! Во едни такви околности, конфронтациите внатре во ЕУ продолжуваат и се продлабочуваат, при што драстично се ерозираат доскорешните „резонантни политики на релацијата Париз – Берлин – Брисел“. Во тој контекст е и изјавата на Бенжамин Хадад, новиот помлад француски министер за европски прашања, кој изјави дека Франција „работи на создавање коалиции“ против договорот.
– Ние ќе се спротивставиме на секој договор што не ги почитува овие стандарди и клаузули, кои се основни за интегритетот на ЕУ – рече Хадад.
Франција и Германија разидувајќи се си создаваат свои коалиции за поддршка
Поголем дел од владите на ЕУ, сепак, се во полза од гореспоменатиот договор. Тоа би можело да се покаже одлучувачко бидејќи, ако договорот е структуриран на одреден начин, супермнозинството би можело да ги надмине приговорите на слабото малцинство предводено од Франција. Покрај Германија, Фон дер Лајен може да смета на поддршката од 10 други земји од ЕУ, кои заеднички го повикаа Брисел да ги забрза преговорите.
Но за чувствително прашање како што е договорот „Меркосур“ и заради пропагираните „политики на синергија на Брисел“ во насока на сплотеност кон развојот на новата ЕУ, Брисел би сакал да има едноумие, макар меѓу Париз и Берлин.
За издвојување е дека Брисел, кој ги води трговските преговори од името на ЕУ, има моќ да ги заврши преговорите и да постигне согласност за спогодбата, дури и покрај француското противење. Сега Германија (и Урсула Фон дер Лајен) и Владата на ЕУ (ЕК) гледаат златна можност да ја искористат слабоста на Франција и конечно да го склучат договорот. Со тоа ќе се отвори уште една пукнатина внатре во ЕУ што тешко ќе може брзо да се санира. Земјите што се кандидати за членство во ЕУ со внимание ги следат движењата во блокот и заземаат свои позиции за полесно да се приспособат на својот пат кон ЕУ, наедно штитејќи се себеси да не пропаднат во пукнатините на блокот. П.Р.