Изборот на облека има многу подлабоки последици отколку што мислиме. Иако на прв поглед не изгледа опасно, носењето облека од синтетички материјали како полиестер претставува сериозен ризик за нашето здравје и животната средина. Полиестерот, еден од најпопуларните текстилни материјали во модерната индустрија, всушност е синтетичко влакно произведено од нафта и може да се класифицира како пластика. Овој материјал не е биоразградлив, што значи дека не се распаѓа во природата, туку остава долготрајна трага на околината и потенцијално на нашиот организам. Иако полиестерот и другите синтетички ткаенини станаа дел од нашата секојдневна гардероба поради нивната достапност и леснотијата на одржување, опасностите не можат да се игнорираат.
Микропластиката, токсичните хемикалии и потенцијалните проблеми со репродуктивното здравје се само некои од причините зошто треба да ги избегнуваме полиестерските и синтетичките ткаенини и да избираме природни материјали. Иако полиестерот стана популарен во 1970-тите, кога беше прогласен за „чудотворно влакно“ поради неговата лесна употреба и лесно одржување, набрзо стана јасно дека има сериозни здравствени ризици поврзани со носењето на овој вид ткаенина. Полиестерската облека е во мода, почна масовно да се произведува, а човечкото тело без многу свесност за тоа почна да трпи последици.
Студијата од 1993 година, иако била спроведена на животни, открила вознемирувачки ефекти од носењето облека од полиестер врз репродуктивното здравје, како намалување на квалитетот на спермата и проблеми со плодноста. Во експериментот, истражувачите облекле група машки кучиња во полиестерска долна облека, додека други кучиња носеле памучна долна облека. По две години следење, било забележано дека кучињата што носеле полиестер доживеале значителна дегенерација на тестисите и пад на бројот на сперматозоиди, додека кучињата што носеле памучна облека немале репродуктивни проблеми.
Облеката од полиестер исто така може да биде лоша за кожата. Полиестерот не „дише“, што значи дека не дозволува кожата нормално да ја елиминира топлината, создавајќи затворена средина што може да придонесе за развој на кожни состојби како што се дерматитис или исип. Синтетичките ткаенини често се третираат со хемикалии за време на производството, вклучувајќи формалдехид, бои и други хемиски агенси што може да предизвикаат иритација или да бидат токсични со долготрајна изложеност.