Аркан Керим

Македонија може да живее од туризмот, така што и кај нас туризмот може да стане водечка стопанска гранка како што е во Хрватска, Грција и во други земји. Многу работи во туризмот не сме ги искористиле. Недоволно се искористени туристичките потенцијали и убавини на Македонија бидејќи не знаеме како да ги пласираме и продадеме низ светот, вели истакнатиот туристички работник Аркан Керим. Според Керим, со добра стратегија, во текот на следните десет години, Македонија може да заработува и до околу една милијарда евра годишно од туризмот

АРКАН КЕРИМ, ГОЛЕМ АФИРМАТОР И ПРОМОТОР НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТОТ

Македонија е феноменална држава, но не знаеме како да ги пласираме во светот нејзините убавини, вели во интервју за „Нова Македонија“ истакнатиот туристички работник Аркан Керим, кој е голем афирматор и промотор на Македонија во светот. Тој втор мандат (првиот од 2015 до 2019 година, а вториот почна во 2022 година) е претседател на Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори (ССК). По околу две и пол години е потпретседател на ССК – одговорен за меѓународна соработка, и претседател на советот на државната Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Македонија.
Од 2003 година, Керим ја предводи туристичката агенција „Генерал турист“ од Скопје. Пред четири и пол години тој влезе во хотелскиот бизнис со отворањето на „Г хотелс“ во строгиот центар на Скопје, а наскоро планира да отвори вакви хотели и во други делови на Македонија. Керим директно ги промовирал туристичките убавини и потенцијали на Македонија пред многу новинари, во повеќе од триесет земји низ светот, како на пример во: Казахстан, Јапонија, Кореја, Америка, Германија, Турција…
Керим пропатувал на сите континенти, освен на Антарктикот. Во својата професионална кариера направил своевидна контрола, односно ја проучувал нивната успешна работа, во хотели во барем 35 земји што се на повеќе континенти, меѓу кои се и во: САД (Лас Вегас), Индонезија (Бали), Куба, Малезија, Кина, Јапонија, Кореја.. Соработува и со познатиот синџир ресторани „Нусрет“. Тој е присутен, од почетокот на кариерата, на многу еминентни меѓународни туристички собири, како на пример во: ИТБ Берлин, туристичката берза во Лондон, Милано, Утрехт, Истанбул, Белград, ИТБ Сингапур… Многу години Керим соработува со сите светски водечки авиокомпании и водечки светски синџири на хотели.

Со добра стратегија, Македонија може да живее од туризмот

– Македонија може да живее од туризмот, така што и кај нас туризмот може да стане водечка стопанска гранка како што е во Хрватска, Грција и во други земји. Многу работи во туризмот не сме ги искористиле. Недоволно се искористени туристичките потенцијали и убавини на Македонија бидејќи не знаеме како да ги пласираме и продадеме низ светот – ни вели Керим.
Според Керим, со добра стратегија, во текот на следните десет години, Македонија може да почне да заработува и до околу една милијарда евра годишно од туризмот. Тој нагласува дека е за поздравување тоа што новата влада формираше ново Министерство за култура и туризам, под чија капа тој очекува дека во следните месеци би требало да бидат ставени сите институции во туризмот и угостителството.
– Околу десет години нашата фела се залагаше за да се формира министерство за туризам. Постигната е нашата цел со формирањето на новото Министерство за култура и туризам. Во туристичката фела, вклучувајќи и во ТУК при ССК, подготвени сме да дадеме придонес со цел, во најдобар можен ред, што поскоро да се унапреди туризмот во Македонија. Веруваме дека во блиска иднина, штотуку формираното Министерство за култура и туризам ќе ги одреди начините на презентација на убавините на Македонија низ светот и приоритетите во туристичките области – додава Керим.

Потребно е одредување на приоритетите заедно со сите чинители

Тој лично оценува дека е потребно во скоро време, можеби до следниот мај, да се направи нова државна стратегија во туризмот и во следните десет години тимски, заедно и со сите чинители во туризмот, да се одредат приоритетите.
– Во ТУК сме подготвени да учествуваме и да помогнеме во евентуална изработка на таква долгорочна стратегија и во одредување на приоритетите. Така, може, на пример, на државно ниво, за виното да се промовира Тиквешкиот Регион. Опција за популарниот т.н. „сити брејк“ или викенд-туризам е и да се промовира Скопје како мошне интересна и убава дестинација. Посакувам управата на Охрид, во соработка со чинителите на туризмот во овој прекрасен град, да направи нова стратегија како дополнително да се унапреди туризмот бидејќи Охрид е многу битна нишка во нашиот туризам. Треба многу подобро да ги искористиме и препознатливите гастрономски убавини на Македонија. Може, на пример, на секој странски гостин да му се понудат некои од водечките гастрономски македонски убавини, сметам дека некој странски турист како да не бил во Македонија доколку не пробал тавче-гравче, симит-погача и ќебапи – кажува Керим.
Нашиот соговорник одговара дека нема точни податоци колкав е приливот на пари во туризмот во Македонија.
– Процената е дека моментно приливот на пари, од странски туристи, во македонското стопанство е многу помал од достижниот прилив од околу една милијарда евра годишно. Убеден сум дека, ако се направи нова, издржана и применлива десетгодишна стратегија, во текот на следните десет години може и до пет пати да се зголеми бројот на странски туристи во Македонија. Наскоро, на некои од водечките светските медиуми, како што се Си-ен-ен и Евроспорт, би требало да почне промоцијата на туристичките и угостителски убавини и знаменитости на Македонија – додава Керим.

ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ


Сојузот на стопански комори одбележува 20 години постоење

Сојузот на стопански комори, заедно со претседателот и нас потпретседателите, во овие бурни времиња, е многу активен и работи да ги заштити интересите на своите членови – компании, и соодветно да ги застапува во државните институции. Одбележуваме 20 години од постоењето и сме добар мост помеѓу компаниите членки и државните институции. Им благодариме и на медиумите, кои на најубав начин ѝ ги пренесуваат на јавноста нашите ставови – вели Керим во нашиот разговор. Ж.З.


Комората назначи „амбасадори на македонскиот туризам и вино“

Во ТУК при ССК членуваат околу 400 ресторани, хотели, туристички агенции и компании. Комората, вклучувајќи го и Керим, кој притоа ги користи своите многубројни децениски лични и деловни познанства и пријателства, активно придонесува за што подобра презентација на македонските убавини на странскиот пазар.
Неодамна ТУК назначи „амбасадори на македонскиот туризам и вино“ во Хрватска и Словенија, а двете мошне еминентни личности многу години му се лични пријатели на Керим. Во Хрватска тоа е естрадната мегаѕвезда Петар Грашо. Во Словенија тоа е успешниот шеф на рестораните „Мишелин“, Томаж Кавчиќ, кој инаку е и конзул на Србија во Словенија. Наскоро светски мошне славен актер би требало, при една од посетите на Керим во Франција, да биде назначен за ваков амбасадор во Франција. Ж.З.


За еден месец, интервјуа за 35 медиуми во Турција

Аркан Керим е многу присутен и интервјуиран во повеќе познати светски, регионални и национални медиуми. Летоска, само во период од околу еден месец, зборуваше во 35 емисии на познати медиуми во Турција, во кои ги повика гледачите и читателите да ја посетат Македонија и во репортажите, како што прави низ целата професионална кариера, ги промовираше многубројните убавини и потенцијали на Македонија.
– На гостите од Турција најинтересни им се нашите историски знаменитости од османлискиот период, потоа спомен-куќата од училиштето во Битола во која учел основачот на модерната турска република Кемал Ататурк, убавините на Охрид, Камени мост и старата чаршија во Скопје. Сигурен сум дека во оваа година ќе дојдат рекорден број турски туристи во Македонија и дека во следните години ќе се зголеми бројот на туристи не само од Турција туку и од Србија од каде што, по Турција, ни доаѓаат најголем број туристи (во јули околу 8,5 проценти – н.з.) – вели Керим.
Според податоците од Државниот завод за статистика, авторот на овој текст пресмета дека од Турција, во јули дошле дури околу 45 проценти од странските туристи во Македонија.