Несомнено ЕУ е во длабока криза, многу подлабока од она што може да се забележи, а дека тоа е така неодамна потврди и францускиот претседател Емануел Макрон, изјавувајќи децидно дека „Унијата е на умирање“! Слични изјави не доаѓаат само од устата на францускиот претседател туку и од други европски челници, кои можеби не директно, туку индиректно потврдуваат дека „ако што поскоро не се направат внатрешните реформи, тогаш Унијата нема да има светла перспектива“. Тоа го гледаат и повеќе европски земји, кои поаѓајќи од приоритетното становиште на својот национален и државен интерес, односно штитејќи го својот повеќеслоен суверенитет, сѐ поинтензивно водат политики во чиј центар се сопствената држава и домашниот граѓанин
Отстапувањето на Европската Унија од сопствените критериуми почнува да ја вовлекува Унијата во сѐ подлабока внатрешна криза, која се заканува да предизвика дополнителна поделба меѓу земјите членки, што од друга страна влијае врз европските политики надвор, правејќи ја ЕУ слаба и немоќна во справувањето со сите предизвици.
Во исто време, дозволувајќи им на земјите членки да наметнуваат билатерални прашања во процесот на проширување, ЕУ дополнително го изгуби кредибилитетот кај земјите кандидати бидејќи самото проширување го направи маратон без крајна цел.
Македонија е најеклатантниот пример за нефункционалната европска надворешна политика, кога буквално се измеша билатералата со Копенхашките критериуми и веќе никој не знае кои се условите што треба да се исполнат за зачленување, дали оние од Копенхаген или, пак, оние што ќе ги наметне некоја земја членка затоа што не биле задоволени некои нејзини билатерални барања кон земјата кандидат.
Прва почна Грција кога наметна билатерален спор за името на Македонија, а потоа и Бугарија, која прашањата за идентитетот, јазикот и историјата ги трансформираше во европски критериуми, кои Брисел и ден-денес не знае реално да ги објасни, но упорно ја поддржува бугарската позиција.
Таквиот несинхронизиран европски став почна полека да ги поткопува внатрешните кохезивни врски во самата Унија, а дека тоа е така може да се забележи и од активностите на САД и Велика Британија, кои гледајќи ја европската немоќ, самите преземаат акции во насока на одржување во живот на европскиот процес на проширување.
Несомнено ЕУ е во длабока криза, многу подлабока од она што може да се забележи, а дека тоа е така неодамна потврди и францускиот претседател Емануел Макрон, изјавувајќи дека Унијата е на умирање. Слични изјави не доаѓаат само од устата на францускиот претседател туку и од други европски челници, кои можеби не директно, туку индиректно потврдуваат дека ако што поскоро не се направат внатрешните реформи, тогаш Унијата нема перспектива.
Интерес за проширување нема, секој да си гледа во својот двор
Во услови кога светот е на работ на трета светска војна, кога безбедносните предизвици стануваат сѐ поголеми, особено на Балканот, одбивањето на ЕУ да го забрза процесот на проширување говори дека Унијата не е заинтересирана повеќе да се проширува.
Повеќе од јасно е дека во Брисел повеќе нема никаков апетит за вклучување нови држави во европското семејство, а нарацијата за некаква европска перспектива повеќе има цел да ги задржи земјите на европскиот курс за да се спречи какво било друго влијание. Истовремено, за Брисел терминот европска перспектива не подразбира полноправно членство, туку посветеност кон европските вредности и евентуално кон заедничкиот европски пазар, од што повторно најголема полза би имала старата Европа.
Политиката на претходните македонски власти да им се угодува на сите барања од Атина и Софија, замаскирани како европски барања, се покажа крајно погубна за државата, која сега не само што нема европска перспектива туку се најде и во подредена позиција кон соседите, да мора да ги исполнува сите нивни барања и уцени. Затоа и бугарските политичари се чувствуваат толку надмени во целата ситуација, бидејќи со Договорот за пријателство и соработка го добија сето она што не можеа да го добијат назад низ историјата.
Токму затоа, во фонот на изјавите на Макрон за клиничката состојба на Унијата, задача на актуелната македонска власт е што поскоро да ја застане државата на нозе, да го врати загубениот углед и да почне да работи на зачувување на македонските национални интереси.
Дел од аналитичарите, коментирајќи ги изјавите на Макрон за ЕУ, објаснуваат дека францускиот претседател само гласно го говори она што веќе на сите им е јасно, дека Унијата се движи кон самоуништување.
– Фактите што ги посочи војната во Украина укажуваат дека во случајот со Европската Унија таа е чиста геополитичка конструкција, која е потребна како политичко покритие за НАТО во Европа. Европската Унија нема никакви услови за самостоен развој и самостојно дејствување надвор од волјата и каприците на САД, Велика Британија и Русија од друга страна.
Европската Унија е субјект без енергија, без минимален енергетски потенцијал. Голата и сурова вистина е дека Европската Унија нема ниту гас ниту нафта, што е предуслов за одржување на водечките европски економии. Бесмислената политичка одлука да се започне интензивна зелена трансформација на револуционерен начин во време кога зелената технологија сè уште го нема достигнато потребното ниво на развој и кога политиката на водечките европски сили и Брисел не е еден, туку пет чекори пред технолошкиот развој, дополнително ќе ги уништи Европската Унија и квалитетот на животот на нејзините граѓани.
Обидот за прескокнување на јазот помеѓу волјата за раст заедно со волјата за моќ и реалниот недостиг од енергетски потенцијали што се неопходни за ова отвора можност Европската Унија наместо да го прескокне јазот, да падне во него. Алармот што го вклучија повеќе европски автомобилски гиганти дека се пред колапс говори во која насока оди европската економија. Затоа Макрон реагира. Реагира и затоа што е загрозена неговата позиција во Франција по изборите, па се обидува да се наметне како европски лидер и на тој начин да поентира пред европските, кога веќе не можеше пред француските граѓани. Македонија врз свој грб го почувствува тоа негово шефување, кога најпрво ја блокираше земјава на патот кон ЕУ, а потоа ни го подметна и „францускиот предлог“, за уште повеќе да ја донесе земјава во подредена улога – велат аналитичарите.
Македонија да се води од сопствените интереси, а не од европските
Според аналитичарите, кога пристигаат сѐ посилни сигнали дека Европа оди во погрешна насока, задача на македонските власти е да спречат и Македонија да биде повлечена во амбисот.
– Ако Макрон вели дека европската економија е на умирање, тогаш нема што друго да ја движи Унијата. Клучно е новата македонска влада да го задржи европскиот курс, но само во делот на спроведување на Копенхашките критериуми. Тоа за нас е важно бидејќи што и да се случи со Унијата во иднина, ние ќе воспоставиме здрав европски систем дома и како такви утре ќе може полесно да се бориме за нашите интереси. Можеби ЕУ ќе се распадне, може ќе се подели во два-три блока, можеби само Европската политичка заедница ќе остане реалност, така што не смееме да ризикуваме со нови отстапки за некаква неизвесност, туку секој чекор добро да го осмислиме. Ако бараат уставни измени, да ја условиме важноста со членство во ЕУ. Сѐ друго што ќе направиме, а е дел од Копенхашките критериуми како владеење на правото, борба со корупцијата и зајакнување на економијата, тоа е сѐ во наша полза, без оглед дали утре ја имало или не ЕУ. Нашите интереси мора да си ги браниме, наместо да говориме дека нема алтернатива и да јуришаме кон амбис – заклучуваат соговорниците.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во гостувањето на ТВ 24, истакна дека ЕУ не е заинтересирана за нас и дека ние треба да си го гледаме сопствениот пат.
– Ние од Западен Балкан ќе останеме слепото црево или она што се вели гнојарникот на Европа. Тука ќе ни копаат руди, ќе ни носат отпад од Италија да го горат и ние да се труеме, ќе ги носат мигрантите од Италија во Албанија во бегалски кампови и ќе им плаќаат по глава, значи Западен Балкан ќе остане како една енклава и тоа ѝ треба на Европа, да останеме така, за да може сите валкани работи од таму да доаѓаат тука или на таа „градина“ како што ја нарекуваше Борел, потребен ѝ е еден гнојарник и ние така ќе си останеме – вели Апасиев.
Според него, во Македонија се потребни политичари со визија што треба да го проценат геополитичкиот момент, кој не е ист од војната со Украина, и така да ја позиционираат земјава, во светлото на новите геополитички преструктурирања.