Безброј конкретни примери покажуваат дека политичките претставници на албанското малцинство во земјава, но и некои од граѓаните Албанци што од политикантските игри се донесени во заблуда, во ниту еден момент не покажаа ниту малку желба да се интегрираат во рамките на македонската држава. Тезите дека постојано биле игнорирани нивните барања воопшто не држат вода бидејќи Македонија како држава е вброена во државите со највисок степен на заштита на малцинските права. А кога станува збор за Албанците во земјава, тие во суштина секогаш ги уживале истите права како и Македонците и не биле третирани како малцинство, туку, напротив, како рамноправен партнер. И покрај тоа, нивното одбивање да прифатат дека се дел од македонската држава беше причини постојано да настапуваат ултимативно и радикално
За постапките што ги откриваат вистинските намери на одредени политички лидери на македонските Албанци
Лојалноста кон една држава се покажува така што активно се учествува во изградбата на државноста, се почитуваат нејзините симболи, територијалниот интегритет и суверенитет, но и се работи на општествена кохезија преку која заеднички ќе се артикулираат сите национални интереси.
Деновиве претставници на албанските опозициски партии во земјава, кои до пред само четири месеци ја практикуваа власта, почнаа да се жалат дека Албанците во Македонија се угнетени, отфрлени и дека некој намерно сака да ги претстави како дезинтегрирачки елементи во државата. Во исто време, зад говорницата од каде што ги упатуваат ваквите поплаки го нема македонското државно знаме, не се интонира македонската химна на големите настани што ги организираат, а со самото споменување на македонскиот народ и јазик, следува салва од исвиркувања и негодувања.
Низ сите тие примери од секојдневието може јасно да се заклучи дека нелојалноста кон сопствената држава е континуиран процес со однапред смислено сценарио, преку мек облик на сецесија да се реализира големоалбанската идеја на Балканот.
Потсетување на првите елементи на паралелниот институционализам
Повеќе од извесно е дека одбивноста кон суверена и самостојна држава Македонија постои одамна, а јавна манифестација доживеа веднаш по прогласувањето на македонската независност во 1991 година.
Имено, во деновите пред референдумот што се одржа на 8 септември, беа упатени повици до сите политички водачи и до граѓаните да одат да го дадат својот глас „за“ независна и суверена Република Македонија. Повикот беше прифатен од сите, освен од партиите на албанската националност, кои повикаа на бојкот, тврдејќи дека Албанците се обесправен народ. Поради тоа граѓаните од албанска националност го бојкотираа овој референдум.
Потоа следуваше гласањето за новиот македонски устав во Собранието, каде што пратениците Албанци повторно не гласаа, без оглед што македонскиот устав од страна на Бадентеровата комисија беше оценет како современ, демократски и граѓански.
Наместо интегрирање во новата македонска држава, албанското малцинство во земјава повторно испрати порака дека тие не ја гледаат Македонија како своја држава, туку дека имаат друга повисока цел.
Во насока на остварување на таквите големодржавни цели, на 11 и 12 јануари 1992 година беше одржан нелегален референдум со прашањето „Дали сте за политичко територијална автономија на Албанците во Македонија“, по што врз основа на резултатите беше прогласена таканаречена „Република Илирида“, која требаше да опфаќа неколку општини со околини, како Куманово, некои општини во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга.
Откако ваквите нелегални иницијативи не поминаа и откако реагираше и меѓународната заедница со барање да не се нарушува унитарниот карактер на државата, манифестациите на нелојалност од страна на албанското малцинство во Македонија продолжија со несмален интензитет.
На 4 јуни 1994 година без дозвола на државата, во Тетово беше отворен Универзитет на албански јазик, со што почна воспоставувањето паралелни институции во високото образование, смислено да се спречи понатамошна интеграција на етничките Албанци во македонскиот образовен систем.
Ситуацијата ескалира во јули 1997 година, кога тогашните градоначалници на Гостивар, Руфи Османи, и на Тетово, Алајдин Демири, и покрај тоа што со Уставот на Република Македонија е забрането истакнување знамиња на туѓи држави на територијата на Република Македонија, го истакнаа државното знаме на Република Албанија пред општинските згради. Формирањето своја парамилитарна албанска полиција со црни униформи, кои потсетуваа на албанските сили на оската во Втората светска војна, беше следниот чекор што идентификуваше уште еден елемент на дезинтеграција и сецесија.
Терористички упад за освојување територии
Сите овие настани беа вовед во воениот конфликт во Македонија во 2001 година, кога занемарувајќи ја хуманоста на Македонија искажана кон илјадниците косовски бегалци, кои беа згрижени во земјава бегајќи од војната на Косово, терористички групи од поранешната српска покраина, потпомогнати од вооружени групи во Македонија, ги нападнаа македонските безбедносни сили, во обид да ги материјализираат териториите поставени во плановите на таканаречената „Република Илирида“. Тоа резултираше со крвав конфликт, кој подоцна, со помош и интервенција на меѓународната заедница, се трансформира во некаква борба за малцински права, што резултираше со потпишување на Охридскиот рамковен договор, со што им се стави крај на оружените дејства. Без оглед што со овој договор целосно се обезличи македонската држава, политичките претставници на албанското малцинство повторно не покажаа никаква лојалност и желба да се интегрираат во Македонија, туку вршеа отворен притисок да се усвои новиот закон за територијална поделба, со кој де факто ги добија под административна управа сите територии што ги опфаќа таканаречениот проект „Република Илирида“.
По конфликтот, за сето време албанското малцинство одбива да дозволи спроведување попис на територијата на државата, па Македонија стана единствена европска држава без спроведен попис повеќе од 20 години. Бојкотот беше со намера да не се дозволи откривање на реалниот процент на албанско население во земјава, кој беше многу помал од она што го истакнуваа албанските политички лидери во земјава.
Потоа следуваше и континуираното неприфаќање на државните симболи, па по градовите и населените места низ западна Македонија постојано се веат знамињата на Република Албанија, во службените простории е присутно само албанското знаме, а во голем број од училиштата често може да се забележат карти на голема Албанија.
Уште една потврда за намерата на Албанците во Македонија да не се интегрираат во државата е носењето на Законот за јазиците, кој и покрај забелешките на Венецијанската комисија, се донесе под силен притисок на албанскиот политички фактор во земјава и со закана за растурање на владината коалиција. Со овој закон, наместо македонскиот јазик како единствен официјален, се предвидуваат два официјални јазици, македонскиот и албанскиот.
Дека работите се движат во дезинтегрирачка насока говорат постојаните консултации и платформи што се подготвуваат во Тирана и во Приштина, од каде што директно се координираат сите политики што треба да ги спроведуваат албанските политички фактори во земјава. Таква една платформа беше тиранската, која имаше цел уште повеќе да ги дезавуира македонските институции и да создаде услови за институционален паралелизам, како крајно скалило што ќе води кон федерализација на Македонија и скоро одвојување на нејзиниот западен дел и припојување кон Албанија, во пакет со Косово.
Тука треба да се бараат причините за жестоката дипломатска офанзива од страна на министрите на ДУИ, кои злоупотребувајќи ја позицијата во македонската влада, отворено работеа за интересите на Косово и на Албанија од една страна, а од друга страна втурнувајќи ја Македонија во ќор-сокак со Бугарија, откако претходно широко ги отворија вратите за идентитетски инженеринг врз македонскиот народ со поддршката на Преспанската спогодба.
Ваквите свои амбиции албанските политичари во земјава веќе не ги ни кријат, па на билбордите во Тетово, Скопје и други градови, пред секоја посета на политичар од соседна Албанија или од Косово, осамнуваат пораки за добредојде како за домашен, а не за странски политичар. Голем број спортисти од Македонија, наместо за својата земја, отидоа да ги бранат боите на Албанија и на Косово, со што уште еднаш јасно демонстрираа која е нивната кауза.
На патот кон повисоката цел, Македонија е само камче во мозаикот?!
Сите овие примери покажуваат дека албанското малцинство и неговите политички претставници во земјава во ниту еден момент не покажаа ниту малку желба да се интегрираат во рамките на македонската држава. Тезите дека постојано биле игнорирани нивните барања воопшто не држат вода бидејќи Македонија како држава е пионер во заштитата на малцинските права, а кога станува збор за Албанците во земјава, тие во суштина секогаш ги уживале истите права како и Македонците и не биле третирани како малцинство, туку, напротив, како рамноправен партнер. И покрај тоа, нивното одбивање да прифатат дека се дел од македонската држава беше причини постојано ултимативно и радикално да настапуваат, не оставајќи простор за дијалог и наоѓање решенија во интерес на сите граѓани.
Очигледно на патот кон повисоката цел кон која тежнеат ја нема ваквата унитарна Македонија, туку само нејзини делови што треба да станат дел од некаква идна голема селабанска творба на Балканот. Затоа е таквата индигнација од страна на Албанците и кон македонското знаме, химна, јазик, симболи, кои за нив секогаш ќе останат туѓи, без оглед на подадената рака. Зарем не? П.Р.