Фото: ЕПА

Иран и Израел со децении водат „војна од сенка“, придржувајќи се до политиката „нема војна, нема мир“. Меѓутоа, сега се чини дека оваа ситуација на статус кво завршува. Истовремено има и индикации за промена на тонот и стратегијата на САД, со неможноста да го искористат влијанието за да издејствуваат прекин на огнот на Блискиот Исток

Крајните цели на завојуваните страни ­во регионалниот конфликт остануваат нејасни

Разгорувањето на конфликтот на Блискиот Исток со судирот помеѓу Израел и Хезболах, како и иранскиот ракетен напад врз Израел, го отвора прашањето кои се крајните цели на вмешаните страни во оружените дејства, додека во светската јавност се зголемуваат грижите за понатамошна ескалација.
Се смета дека иранскиот ракетен напад врз Израел ја одразува зголемената загриженост кај иранските лидери дека молкот по нападите на Израел врз Либан ќе ги прикаже како слаби и ранливи, како дома така и во очите на нивните регионални сојузници во таканаречената „оска на отпорот“, која ги вклучува Хезболах и Хамас.
Иран и Израел со децении водат „војна во сенка“, придржувајќи се до политиката „нема војна, нема мир“. Меѓутоа, сега се чини дека оваа ситуација на статус кво завршува.
Израел вети дека ќе одговори остро на иранскиот напад, со што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека „Иран направил голема грешка и ќе плати“. Иран, пак, се закани со „масовно уништување“ во случај на израелски одговор. Истовремено има и индикации за промена на тонот и стратегијата на САД, со неможноста да го искористат влијанието за да издејствуваат прекин на огнот на Блискиот Исток.
Израел навидум ужива во моментален воен и разузнавачки триумф, откако во текот на изминатите две недели го десеткува раководството на Хезболах, ги уништи комуникациски мрежи на либанската милитантна група и го оспори влијанието на нејзиниот главен поддржувач Иран.
Додека израелските копнени трупи маршираа во Либан, Израел со поддршка од САД и другите сојузници одбрани напад од големи размери на ирански балистички ракети. Некои од функционерите во израелската влада очигледно сакаат да одат уште подалеку, гледајќи момент што може да се искористи за преобликување на Блискиот Исток, изразувајќи тврдења дека иранскиот балистички ракетен напад врз Израел ѝ дава на земјата легитимитет да возврати со директен удар, наместо да цели на иранските сојузници во регионот.
Но останува нејасно каде води израелската воена кампања, бидејќи политичкото и военото раководство на Израел премолчено признаа дека не може да го уништи Хезболах, кога ги постави своите ограничени цели за операцијата „Северни стрели“.
Таа воена операција има цел да им овозможи на жителите на северен Израел да се вратат во областите што беа под напад на Хезболах по 7 октомври. Во Појасот Газа, пак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека војната мора да продолжи до „тотална победа“ над Хамас.
– Убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, беше тактичко достигнување што привремено ќе ја онеспособи групата, но нема да ја елиминира заканата за Израел од Либан. Ниту деструктивните почетни напади на Израел против Хезболах нудат каква било гаранција дека би добил подолга војна. Израел има речиси непремостлива предност пред Хезболах и Иран во воздушните напади, напредната технологија и шпионажата. Меѓутоа, сега кога израелските трупи влегуваат во Либан, нивните воени предности може да се намалат. На теренот, милитантната група може да распореди борци зацврснати од повеќегодишната борба во Сирија, кои ископаа мрежи на тунели во ридовите каде што ја познаваат секоја педа од теренот – се наведува во анализата на британски „Гардијан“.
Фокусот на краткорочните тактички цели ја обележи командата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за војната во Појасот Газа, и покрај притисокот од неговиот најблизок сојузник САД и од внатрешноста на Израел.
„Каде оди Израел, кога единствениот хоризонт што го нудат неговите лидери е војната?“, напиша израелскиот весник „Хаарец“.
Додека Израел се подготвуваше за воениот упад во Либан, министерот за надворешни работи на соседниот Јордан, Ајман Сафади, праша дали неговиот сосед бара безбедност или воена превласт.
– Ако Израел не сака решение за две држави, можете ли да ги прашате израелските власти која е нивната крајна игра, освен само војни и војни и војни – праша Сафади во обраќање пред медиумите за време на неодамнешниот самит на Обединетите нации во Њујорк. Р.С.


Иранските нуклеарни капацитети можни воени цели?

Израел ја гледа иранската програма за нуклеарно оружје како егзистенцијална закана, наведуваат некои од светските медиуми. Во извештајот на американскиот весник „Њујорк тајмс“ американските власти истакнуваат дека Израел може да цели на иранските нуклеарни постројки во можно сценарио за одговор на иранскиот ракетен напад, фокусирајќи се на капацитетите за збогатување ураниум во нуклеарната централа „Натанц“. Овој објект се смета за јадро на иранската нуклеарна програма.
За да стигнат до иранските нуклеарни постројки, израелските ракети ќе мора да го преминат воздушниот простор на трети земји како Јордан, Саудиска Арабија или Ирак. Меѓутоа, Израел веќе покажа дека е способен да изврши напади врз далечни цели.
Иран ги прошири своите нуклеарни постројки на голем број локации и изгради некои во подземни бункери, што го отежнува нивното целосно уништување.
Се смета и оти Израел би можел да ги нападне иранските нафтени рафинерии како одмазда за нападот во кој Техеран лансира околу 180 балистички ракети кон Тел Авив и други цели низ земјата.


Иранскиот претседател се заканува со „уште посилен одговор“ кон Израел

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека секоја нова израелска акција ќе добие уште посилен одговор од Иран, по одржаниот состанок со политичките претставници на Хамас во Доха, Катар.
– Ако израелскиот режим направи уште една најмала грешка, ќе добие многу посилен одговор. Западните земји му дадоа лажни ветувања на Иран и го повикаа на воздржаност за постигнување договор за прекин на огнот во Газа. Сепак, продолжувањето на израелските злосторства нè натера да дадеме остар одговор – изјави иранскиот претседател.
Иранскиот претседател истакна дека израелската моќ во голема мера зависи од поддршката на САД и на Европа. Р.С.