Фото: ЕПА

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нагласи дека негова крајна цел при промената на рамнотежата на моќта во регионот е да го подрие авторитетот на верското водство во Техеран, односно на Иран како финансиер, обучувач и наводен заштитник на Хамас во Појасот Газа, како и на либанската шиитска милиција Хезболах

Повод: Израелската копнена офанзива врз Либан

Лидерите на Израел веруваат дека имаат ретка можност да го преобликуваат Блискиот Исток, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно го стави до знаење, дури и пред почнувањето на израелската ограничена копнена офанзива врз Либан што следуваше по низата воздушни напади.
Според пишувањето на европското издание на магазинот „Политико“, израелскиот Премиер Нетанјаху инсистира на ставот дека „негова крајна цел при промената на рамнотежата на моќта во регионот е да го подрие авторитетот на верското водство во Техеран, односно на Иран како финансиер, обучувач и наводен заштитник на Хамас во Појасот Газа, како и на либанската шиитска милиција Хезболах“.

Фрлената ракавица кон Техеран

Во обраќањето на англиски јазик во понеделникот, израелскиот премиер Нетанјаху му вети на „благородниот персиски народ“ дека денот кога ќе бидат ослободени од владеењето на „тираните“ и ќе можат да имаат мир со Израел ќе дојде „многу побрзо отколку што мислат луѓето“, додавајќи дека „нема место на Блискиот Исток до кое Израел не може да стигне“.
За Иран, таквото обраќање нема да звучи како празно ветување. Израел не само што се бори против Техеран со разбивање на неговите сојузници – како што се Хезболах во Либан и Хутите во Јемен – туку ја покажува својата надмоќ и во смисла на технологија и разузнавање на иранска територија.
Во април, по силниот ирански ракетен бараж, Израел возврати со уништување радар за противвоздушна одбрана во близината на иранскиот град Исфахан, што нашироко се сметаше за предупредување дека може да ги отстрани иранските нуклеарни постројки по своја волја. Во јули, лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен со ракета истрелана во владина куќа за гости во Техеран. Највисоките ирански команданти загинаа во нападите врз Дамаск и Бејрут. Пораката на Нетанјаху за „досегот“ на Израел е јасна, ограничувајќи го просторот за маневрирање на Иран.
За раководството на Техеран, ваквата ситуација претставува тежок предизвик. Иран проектира моќ низ целиот регион така што се обликува како воена сила што може да ги поддржи своите лојални милиции низ Ирак, Сирија, Либан и низ Јемен. Израел сега директно ја предизвикува таа власт, со убиството на водачот на Хезболах, Хасан Насрала, во петокот, со ракетен напад врз неговиот подземен бункер во Бејрут, што претставува еден од најфлагрантните примери на Нетанјаху за „фрлена ракавица“ кон Техеран.

Израел нема намера да застане со копнената офанзива

Во објава на Икс, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека спроведуваат „локализирани и насочени копнени напади врз основа на прецизни разузнавачки информации против цели и инфраструктура на терористите на Хезболах“ во селата блиску до границата меѓу Израел и Либан.
Планот за упадот во Либан, кој ќе биде поддржан со воздушни напади и артилерија, бил подготвуван со месеци. ИДФ не соопштија детали за тоа колку долго ќе трае офанзивата, но забележливо е оти се повикуваат и резервисти и се насочуваат на север кон израелско-либанската граница.
Наспроти сè погласните меѓународни повици за прекин на огнот, Нетанјаху ќе ја интензивира офанзивата врз Хезболах, изјави пред упадот во Либан, висок израелски функционер, кој сакаше да остане анонимен. Таквите намери, најверојатно, ќе вклучат започнување голем копнен напад, чија цел е да се разбие Хезболах во јужен Либан, принудувајќи го да ги повлече своите сили северно од реката Литани, на 29 километри од израелско-либанската граница, во согласност со резолуцијата на ОН со која беше завршена војната во Либан во 2006 година.
– Ова е нашата шанса да го скршиме Хезболах за никогаш да не може да закрепне и да ја искористи моќта што ја има во Либан – вели израелскиот извор во изјава за „Политико“.
Се смета дека Израел, исто така, ќе продолжи да извршува напади врз магацините за оружје, логистиката и командните центри на Хезболах понатаму на север, додека истовремено продолжува да испраќа мисии за лов и ликвидација на високи команданти на либанската милитантна организација.
Израелските власти користат многу поамбициозни термини во однос на поограничената воена цел да се натера Хезболах да ги прекине своите повеќемесечни прекугранични ракетни напади, за да им се овозможи на околу 80 илјади евакуирани израелски жители да се вратат во нивните домови на северот на Израел.

Иранската т.н. оска на отпорот

Надвор од редовите на сегашната израелска влада, високи и сè уште влијателни поранешни шефови на израелското разузнавање и безбедност, вклучувајќи го и поранешниот шеф на Мосад, Тамир Пардо, јавно бараат да се одржи воена кампања за прекројување на Блискиот Исток.
Зборувајќи за израелските медиуми, Пардо рече дека ударите што Израел му ги зададе на Хезболах во изминатите 12 дена му дадоа на Израел „можност што не смее да се пропушти“. Тој, како и неколкумина други познавачи на состојбите на Блискиот Исток, смета дека најважниот регионален сојузник на Иран, Хезболах, нема да успее да закрепне доволно по акциите на Израел.
– Речиси целото високо раководство на Хезболах, политичко и воено, и илјадници членови и команданти на средно ниво се убиени, елиминирани или борбено неефикасни. Да не зборуваме дека израелските одбранбени сили уништија големи количества стратегиска муниција што можеше да ги загрози израелските градови и цели. Регионот можеби е сведок на почетокот на крајот на иранската оска на отпорот – вели Ахмед Фуад Алхатиб, аналитичар во Атлантскиот совет.
Џулиен Барнс-Дејси од Европскиот совет за надворешни односи, сепак, предупреди на понатамошна ескалација на Израел и ја опиша идејата за создавање нов регионален поредок како „опасна илузија“.
– Израелскиот напад означува значајно тактичко достигнување, но останува одвоен од остварливата стратегиска патека за одржливо решавање на израелските безбедносни потреби и ставање крај на серијата меѓусебно поврзани регионални конфликти – тврди Барнс-Дејси. Р.С.


САД предупредуваат за ирански напад врз Израел

Американските власти веруваат дека израелскиот упад ќе биде ограничен, насочен и не толку обемен, како во 2006 година, што предизвика кратка, но жестока војна што им нанесе штета на двете спротивставени страни – Израел и Либан. Но во Вашингтон остануваат стравувањата од ирански напад врз Израел, поради што некои американски сили беа преместени на Блискиот Исток. Новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан сакаше да ги подобри врските со арапските соседи и исто така правеше увертира кон Западот, навестувајќи дека Техеран е подготвен посериозно да се зафати со нуклеарните разговори. Директно вклучување на Иран во конфликтот ризикува да ги уништи неговите дипломатски цели. Истовремено во САД се загрижени за можно „пречекорување“ при офанзивата на Израел.