Сѐ поголема веројатност Бугарија да не добие милијарди евра од финансиските фондови на ЕУ за зелената транзиција
Деновиве бугарскиот парламент се обидуваше да ја одржи последната закажана седница пред општите избори, на кои требаше да ги усвои долгоочекуваните измени на Европската комисија за одредени закони во пакетот за т.н. климатска неутралност. Меѓутоа, тоа не се случи, бидејќи пратениците на партиите Преродба и Има таков народ го претворија парламентот во поле на физичко насилство, окупирајќи ја парламентарната говорница и „откачувајќи ги каблите на озвучувањето“. Така, Бугарија ја пропушти (прет)последната можност да добие повеќе од две милијарди лева (една милијарда евра), според т.н. бугарски план за закрепнување.
Пратениците одбиваат да ги затворат националните енергетски ресурси на базична енергија од јаглен
Бугарија е единствената земја од ЕУ што доби само една исплата според планот за закрепнување – 1,7 милијарда евра од 5,7 милијарди евра што ѝ следуваат на официјална Софија. Парите се блокирани затоа што бугарскиот парламент две години не го усвои новиот „патоказ за климатска неутралност“, поточно „распоредот за постепено укинување на електроцентралите на јаглен до 2038 година и воведување капацитети за обновливи извори на енергија во регионите со јаглен“.
Привремената министерка за финансии на земјата Људмила Петкова беше децидна по ова прашање, изјавувајќи за јавноста дека „поради неусвојувањето на овие закони поврзани со отстранување на изворите на користење на базичната енергија (јаглен) и воведување обновливи извори на енергија, Брисел блокира за Бугарија средства во висина од 266 милиони евра – 30 отсто од втората исплата според планот за закрепнување“, изјави таа. Според министерката, „штетата на Бугарија од неприфатените реформи најпрво ќе ја почувствуваат рударите и енергетските работници во државните рудници ’Марица Исток’ и термоцентралата ’Марица Исток 2’, кои се соочуваат со финансиски колапс“. Имено, за 2023 година рудниците пријавиле загуба од 70 милиони евра, додека добивката на ТЕ е само 28 милиони евра.
Бугарија е единствената земја од ЕУ без план „РепауерЕУ“ (REPowerEU), според кој очекува да добие 480 милиони евра. Планот „РепауерЕУ“ има цел да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година и да постигне климатска неутралност на ЕУ до 2050 година.
Ако Бугарија не сака да ги загуби парите од ЕУ за зелена транзиција, решение е вонредна седница на парламентот
Ако Бугарија не сака да ги загуби парите за зелена транзиција, парламентот би можел да се состане на вонредна седница – и покрај тековната изборна кампања – да гласа за амандманите и да ги испрати до Европската комисија на усвојување најдоцна до 15-20 октомври.
Згора на тоа, неисполнување на директивите на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод и постигнување климатска неутралност води кон финансиски казни кон Софија. Имено, Бугарија може да се соочи со сериозни правни последици, вклучувајќи и правна постапка пред Судот на правдата на ЕУ. Р.С.