Ова е емотивна приказна за почетоците и пионерските искуства во процесот на социјална инклузија на учениците со попречености во локалната и пошироката општествена средина
МОЈ СТАВ: СОЊА ГАВРИЛОВА, ПСИХОЛОГ ВО ОУРЦ „МАЦА Ѓ. ОВЧАРОВА“ – ВЕЛЕС
Со овој мој текст се враќам наназад низ времепловот на мојата професија – психолог, а со тоа повторно ги чувствувам емоциите од првиот социјално-инклузивен јавен настап на ритмичката секција со која раководев, некаде три години по моето вработување. Сѐ се случуваше пред 34 години, во салата на „Пионерскиот дом“ во Велес, каде што настапија ритмички секции од сите основни училишта од градот. Ова е емотивна приказна за почетоците и пионерските искуства во процесот на социјална инклузија на учениците со попречености во локалната и пошироката општествена средина.
Разгледувајќи ги старите фотографии, од 1989-та, три години по моето вработување во СОУ „Маца Овчарова“ во Велес, тогашниот назив на училиштето беше специјално основно училиште, наидов на фотографија од настап на ритмичката секција во која со задоволство членуваа неколку ученички. Со нив вежбавме и подготвувавме кореографии на забавни песни за настап на приредби и други културни поводи и манифестации.
Како да беше вчера, повторно ме совлада возбуда, со наплив на емоции, од оние незаборавни што предизвикуваат топлина во срцето, и солзи радосници. А како и нема, стануваше збор за прво професионално искуство макар и преку слободни ученички активности, преку кои се обидувавме да ги инклузираме нашите ученици во културните настани во локалната средина и да ги намалиме бариерите и стигмата, која ја следеше популацијата дечиња со лесна ментална ретардација. Во тоа време во училиштето се школуваа ученици со наведениот степен и вид пречки во психофизичкиот развој.
„Извини наставничке, баба ми не ме пушташе да дојдам“
Но да ве вратам во салата на „Пионерскиот дом“ во Велес, каде што се одржуваше ревијален натпревар на ритмички групи од основните училишта од Велес.
Прв настап, пред публика од ученици од сите основни училишта, наставници, родители, преполна сала, уште 10 минути до почетокот на програмата, а јас со нецелосна група, една од ученичките од ритмичката секција сѐ уште не беше пристигната… замена немав! Во мислите страв и паника, да не се случило нешто со неа додека доаѓала кон Пионерскиот дом? Како ќе настапиме, кореографијата беше со шест ученички со кои два месеца упорно вежбавме?! Се обидував пред моите ученички да останам смирена. За две минути требаше да ги оставам сами да завршат со пресоблекувањето и да се упатам кон просторијата од каде што се пушташе музиката од аудиокасета. Очите почнаа да ми се навлажнуваат од потиснатите солзи, но во тој миг задишана ученичката влезе со зборовите: „Извини наставничке, баба ми не ме пушташе да дојдам, ама јас ѝ реков дека вие ме чекате, исто како и директорката, која ќе биде во публика да нѐ гледа! Плачев… ја гушкав баба ми и упорно ѝ кажував – јас морам да одам, нема да се смирам ако не ме пуштиш! И така баба ми се согласи и ме донесе тука, па сега е во публиката, ќе ме гледа како играм“.
Лицето ѝ заблеска од среќа и радост. Во тој момент и мене како да ми се симна камен од срцево, ја прегрнав и на сите им посакав среќен настап со зборовите:
„Вие многу добро играте, само слушајте ја музиката и исто како на училиште и на пробите да играте, без трема, знам дека нема да згрешите. Вашава облека за настап е многу убава и вие прекрасно изгледате, се гордеам со вас. Јас ќе ве гледам од собата од каде што ќе се пушта музиката, морам таму да бидам“!
Девојчињата со насмевка како во хор одговорија:
„Не грижи се наставничке, убаво ќе играме“.
Наскоро почна настанот. Со моите игроорки ја подготвивме кореографијата на песната „Ленка“ во изведба на Зафир Хаџиманов. За оваа кореографија, девојчињата носеа специјално шиени сукњички со модел на ламбада во златеста боја и ленти за импровизација на листови од тутун во согласност со ритмичката изведба. Сѐ беше подготвено за настапот, но, неочекувано, повторно следуваа голема вознемиреност и возбуда кога водителот ги најави кореографијата и нашите ученички од „Маца Овчарова“.
Прво исмејување, па аплауз
Во публиката се слушнаа детски извици на негодување, исмејување и исвиркување. Така ги пречекаа нашите ученички кога излегоа на сцената. Овој пат бидејќи никој не ме гледаше, потиснатите солзи сами потекоа, но мислата – тие можат, ќе успеат моите мали игроорки, полека но сигурно ме смири, несвесно и импулсивно ги стегнав цврсто дланките за да им држам среќа. Салата ја исполнија звуците на песната „Ленка“, прекрасна балада, и девојчињата започнаа да играат, без ниту една грешка. Наеднаш во салата замолкнаа сите звуци, освен песната, рефлекторите и прекрасната изведба на ритмичката група. Како да не дишев, ме преплавија емоции на радост и задоволство. Краток молк по завршувањето на песната и поклонувањето пред публиката, а потоа, потоа тишината ја раскршија огромниот аплауз и овации, детски, но и на сите присутни во салата. Сѐ уште ги паметам среќните и весели лица на девојчињата, нашите прегратки, пофалбите и честитките од директорката, родителите и колешките од другите училишта. Следните денови добивавме честитки и позитивни коментари и од деца и од колеги од другите училишта што беа присутни на оваа културна манифестација. Докажавме дека знаеме, можеме и умееме и ние, од специјалното основно училиште „Маца Овчарова“. Прво, тоа беше убаво искуство, но не и единствено, ритмичката секција продолжи да гостува со своите успешни настапи на разни културно-уметнички настани и манифестации, на општинско и национално ниво.
Оттогаш до денес поминаа повеќе од триесет години во кои полека, но сигурно, ги рушевме бариерите, влијаевме на јавната свест за прифаќање, разбирање и социјална инклузија на нашите ученици, во многубројни културни, спортски и разни забавно-рекреативни настани и работилници на локално, национално и на меѓународно ниво.