Во францускиот град Нанси беше свечено отворено првото издание на меѓународниот филмски фестивал „Ај ај синема експрес“, во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од основањето на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси (ФИФН). Во официјалната селекција на ретроспективата на фестивалот се наоѓаат три филма на македонски режисери. Меѓу двата долгометражни филма што беа прикажани е и филмот „Џипси меџик“ на Столе Попов, кој во 2016 година по барање на еден од главните актери на филмот, Мики Манојловиќ, беше повторно преведен и титлуван на француски јазик и повторно ѝ беше прикажан на француската публика, која и му ја додели наградата на публиката. Во селекцијата на фестивалот се наоѓа и краткометражниот филм „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, кој во 2017 година ја доби големата награда на фестивалот за краткометражен филм. Француската публика исто така ќе има можност повторно да го открие и краткометражниот експериментален филм „Kрајот на времето“ на Милчо Манчевски.
Публиката на ФИФН е навикната да гледа македонски филмски продукции, кои редовно се застапени на големиот екран. Па така, минатата година тука беа претставени филмот „До балчак“ и „Џипси меџик“ на Столе Попов, со наградата на публиката, а беа прикажани и филмовите „Пред дождот“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Панкот не е мртов“, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, кој ја доби наградата на публиката, „Годината на мајмунот“ на Владимир Блажевски, како и „Со љубов“ на Илија Цветковски, кој ја доби големата награда на фестивалот во селекцијата на документарни филмови во 2018 година.
„Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска за првпат беше прикажан во Франција на фестивалот во Нанси, како и „До балчак“ на Столе Попов и филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, кој беше и член на жирито на фестивалот, и филмот „Џган“ на Вардан Тозија.
Годинава фестивалот организираше посебен фокус на филмската продукција на земјите од Балканот: Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а во рамките на фестивалот имаше и изложба на фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна од авторот Роберт Јанкулоски.
Со овој „најмакедонски“ филмски фестивал во Франција, волонтерски раководи Тони Гламчевски, новинар и дописник на повеќе македонски медиумски куќи во Франција, кој ја врши функцијата претседател и главен селекционер (уметнички директор) на фестивалот од 2013 година, заедно со неговата сопруга Бландин Брунхес-Гламчевски, директорка на фестивалот.
Филмскиот фестивал од Нанси веќе неколку години соработува со НУ Центар за култура-Битола во организирањето на филмскиот фестивал за млада публика „Мала школа на краткиот филм“, кој годинава се очекува по четврти пат во Битола, и на меѓународниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ во Битола.
Целта на фестивалот во Нанси е надминување на границите и предрасудите. Затоа, програмирање има за цел отворање кон светот.