Поседнати збиени на дрвени клупи околу сцената без здив ги одгледавме „Скиците од преданието Каинавелиско“, што наскоро доби култен статус во македонскиот културен, но и политички живот. Особено по т.н. скандал на „Охридско лето“, кога во актерски транс, голиот Ненад Стојановски го изведе чинот на оплодувањето. Притисокот на конзервативната политичка јавност се засили, со остри напади во весниците за „анархолиберализам“ и, конечно, голтарите беа укинати (по десетина години, под истата формулација, бев избркан од работа од МРТВ).
Јаневски, односно уште едно негово дело, неколку години подоцна, силно ме привлече. Во гимназија како лектира, умерено заинтересиран, ги читав неговите „Две Марии“, но кога во Белград, во својата студентска соба, го отворив романот „Тврдоглави“, ме зарази од прва. Веднаш се вклучив во дејството. За јазичното богатство и раскажувачката вештина на Јаневски знаев од порано, но овој роман поседуваше една привлечна смеса на митолошкото со реалното, на драмата со хрониката, што во мојата занесена глава лесно се преобразуваа во филмски слики. Можеби тогаш бев (и сѐ уште сум) под воодушевена импресија од ремек-делото „Андреј Рубљов“ на Тарковски, но и од „Покој, р’тци, јад“ впечатливиот обид за авторска филмска фреска на Кирил Ценевски. Со Јаневски во возот бргу се опуштив. Разговорот се тркалаше на различни теми – патување, возови, градини, книги… Се сеќавам дека долг дел му посветивме на Маркес. Бев, тогаш, читателски обземен со Јужноамериканците, а и тој за нив зборуваше со нескриен интерес.
Дали оттаму подоцна се изроди книжевната поврзаност на Кукулино со Макондо? Пред станицата, вообичаено, ме чекаше мајка ми со „фолксвагенот“. Ги превезовме Јаневски и тетин ми до нивните куќи на Водно. Кога се симнувавме накај дома, мајка ми, како и обично, возејќи концентрирано и гледајќи пред себе, откако ги сослуша моите затрчани импресии, и натаму загледана во сообраќајот пред себе, ми рече: „Да, тој е навистина писател. И тоа работлив писател“.
Мислам дека намерно го нагласи „работлив“, за да ме потсети на доблеста што мора да ја поседувам ако и самиот сакам да станам писател. Мојата средба со Јаневски во ноќниот воз остана единствената подолга, иако го среќавав по групни манифестации и книжевни собири и тој секогаш ме отпоздравуваше со насмевка и со понекој збор. Говорев за одделни книги од неговиот кукулински циклус, за неговата сценаристичка адаптација на „Македонската крвава свадба“, чув дека му се допаднале некои мои раскази, но не ми се даде шанса да направиме асален муабет. Сѐ уште, и ден-денес, мислам дека од „Тврдоглави“ може да се направи многу добар филм.