Режисерот Јани Бојаџи ја објави книгата „Гледна точка“

Македонскиот режисер Јани Бојаџи ја објави книгата „Гледна точка“, која во суштина е научен труд и содржи статии за филмот и за уметноста на режијата, објавени во научни списанија во странство. Еден дел е докторската дисертација на авторот. Бојаџи посветил цела една година на пишување на книгата, за таа, како што вели, да може да се чита како белетристика.
Книгата е целосно посветена на инструментите и средствата за работа на режисерот во уметноста на филмот, како што гласи и нејзиниот поднаслов.
– Што работи режисерот? Не знам. И по толку години навистина не знам што работам! Во принцип совршено точно можам да дефинирам што работи сценаристот – пишува сценарио. Каква му е работата на актерот – го изведува карактерот што му е зададен во сценариото според задачите на режисерот. Кинематограферот е лесно да се разбере што работи – го дизајнира светлото и снима со камера сѐ што е договорено со режисерот. Монтажерот е тука на крајот да ги спои, да ги раскаже во една и единствена приказна сите парченца снимени на сет, пак од страна на режисерот. Продуцентот е човекот што ги собира парите, го организира, менаџира и стоички поднесува цел тој, верувајте ми – панаѓур на суети наречен филмски сет! И ете го повторно прашањето: што работи режисерот на филм?! Според мојот внук Андреј: кажува акција и стоп! И толку. Сите други стотина, некогаш и илјада луѓе вршат конкретна и категорична работа, која може да се измери, определи и оцени. Режисерот е сето она што се содржи помеѓу оние два збора – акција и стоп. На повеќе од триста страници „Гледна точка“ е обид да се опише, дефинира и разбере тоа помеѓу – вели Бојаџи.
Според режисерот и автор на книгата, ниту еден филм на овој свет не се снимил според идеја, туку филмовите се снимаат според сценарија, а расказот, новелата или романот не се сценарио за филм, туку само повод за филм.
– Искуството кажува дека за добар филм се потребни три работи: добро сценарио, добро сценарио и добро сценарио! И толку. За сѐ друго и си има уметници, изведувачи, па и режисери. Во суштина сценариото е еден вид архитектонски план во кој сѐ е прецизно нацртано, означено и определено. Ама во архитектонскиот план не се живее. Тоа е само скица, идеја за дом. Значи, сѐ почнува од сценариото за филм, како план. И откако филмот се снима, завршува процесот на продукција – сценариото се фрла во ѓубре! Во принцип, филмот е уметност, која е синкретичка и собира сѐ пред себе. Но филмот е и уништувачка, егоистична, безмалку богомолска уметност во која режисерот влегува во безусловна љубов со сите, посебно со неговите соработници, ги дарува со љубов, дух и посебност, потоа се оплодуваат и на крајот тој – неговото височество режисерот, ги јаде своите најблиски! Прв на списокот за јадење во уметноста на филмот е сценариото и, секако, сценаристот, кој во најчест случај тајно, а понекогаш и јавно се одрекува од тоа да биде напишан во кредитите како автор, затоа што она што останува во филмот од сценариото, едвај дали може да се нарече негово! Во „Гледна точка“, сценариото и сценаристот ги определувам како првото, основното средство за работа на режисерот во уметноста на филмот – вели Бојаџи, охрабрувајќи ги авторите да пишуваат, но и да внимаваат кому му ги раскажуваат своите идеи, затоа што некоја од нив може да заврши на филм. В.Д.