Фото: „Нова Македонија“

Во согласност со актуелните политики на Софија, сосема очекувана беше тезата дека Република Бугарија нема да потпише ниту еден протокол во преговарачката рамка ако не се задоволат нејзините историски апетити, и покрај тврдењата дека нема да има никакви пречки по промената на македонскиот устав, односно внесувањето на бугарската заедница. А досега официјална Софија не се огради од контроверзните искажувања на Ангел Димитров, кој изрази ставови што ги нарушуваат добрососедските односи, но и се спротивни од правилникот за работа на комисијата за историски и образовни прашања, правилник што е заснован на принципите за заемно разбирање и академска заснованост и на позитивни европски искуства

Софија децидна дека нема да мине ниту еден протокол од преговарачката рамка ако не се задоволат нејзините историски апетити

Членството на Македонија во Европската Унија треба да зависи исклучиво од посветеноста на македонската влада во остварувањето на копенхашките критериуми, односно цврсто држење кон истрајна и што поефикасна борба против корупцијата, во пакет со стремежите за владеење на правото или зацврстување на државните институции како гарант за европските и демократските принципи, а не од работата на фамозната комисија за историски и образовни прашања. Споменатата комисија за историски и образовни прашања беше формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа, и нејзина задача е да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори што се базирани на докази“, за продлабочување на заемната доверба. Меѓутоа дека нештата не се одвиваат во тој правец потврдуваат изјавите што пристигнуваат од Софија, како што е искажувањето на Ангел Димитров дека нема бугарски историчар што ќе каже дека Гоце Делчев не е Бугарин. Со други зборови, во историската комисија од бугарска страна се негираат македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Според добро упатени лица во оваа проблематика, решението се наоѓа во Софија, односно во прифаќањето на европските принципи на соработка, пријателство и добрососедство од страна на Република Бугарија, а не во негирањето на македонските национални особености.

Историската комисија се преобрази во сениште на Санстефанска Бугарија!

Неколкупати досега од македонска страна беше укажано дека комисијата за историски и образовни прашања не се занимава со утврдувањето на етничкиот идентитет на личности од историјата, каков што е случајот со Гоце Делчев, како и дека нејзината работа не е менување на историските факти. Македонската страна исто така соопшти дека вистинските проблеми ќе дојдат кога ќе се дискутира за 19 и 20 век, односно за Гоце Делчев, Илинденското востание, Втората светска војна и за холокаустот. Според нашите соговорници, кои се добро упатени, проблемот е во бугарската страна, која ги негира особеностите на македонската историја, односно во ставот дека бугарскиот и македонскиот народ имаат заедничка историја.
– Под заедничка историја бугарската страна подразбира дека тоа е бугарска историја, а македонската историја започнува во 1944 година, кога македонската нација е вештачки создадена. Во таа смила, на македонската преродба и на македонското револуционерно движење се гледа како на бугарска историја – велат нашите соговорници.
Проблем има и во однос на Втората светска војна, односно бугарската страна не сака да се соочи со своето минато и се обидува да ги релативизира македонското народноослободително движење и антифашистичката борба на македонскиот народ. Проблематични се и некои од бугарските ставови за холокаустот и за царска Бугарија, односно негирањето за учеството на Софија во него. Тоа се потврдува и од искажувањето на Ангел Димитров дека Бугарија е единствената земја во Европа што, од една страна, беше сојузник со нацистичка Германија, но не подлегна под нејзиниот притисок и ги спаси сите свои Евреи. Овој став на актуелниот копретседател на историската комисија беше критикуван и од бугарските историчари, како што беше искажувањето на Димитар Атанасов од Институтот за етнологија при Бугарската академија на науките.
– Да се тврди дека институциите се невини кога депортацијата била извршена со потписи на бугарски државници е манифестација на идеолошки мотивирано слепило. Не можеме да кажеме дека тревата не е зелена – рече Димитар Атанасов.
Искажувањето на Димитров во однос на холокаустот е спротивно и од европските вредности. Советот на Европа усвои протокол што го опфаќа негирањето на холокаустот и другите геноциди признаени како такви од меѓународните судови, основани од 1945 година, со релевантни меѓународни правни инструменти. Споменатиот протокол исто така предвидува дека земјата потписник, по негова дискреција, може да го гони насилникот ако делото е извршено со намера да поттикне омраза, дискриминација и насилство. Во него исто така се наведува дека „Европскиот суд за човекови права јасно стави до знаење дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти – како што е холокаустот –… ќе бидат отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права“. Со други зборови, личностите ќе можат кривично да одговараат пред судовите и тоа нема да се смета за нарушување на човековите права, односно нема да се смета за нарушување на слободата на говор.

Дали ставовите на Ангел Димитров се официјални ставови на Софија?

Доколку внимателно се проследат изјавите што пристигнуваат од Софија, како што беше искажувањето на Ангел Димитров дека нема бугарски историчар што ќе каже дека Гоце Делчев не е Бугарин, може да се заклучи дека фамозната комисија за историски и образовни прашања е инструмент за задоволување на бугарските апетити во однос на македонската историја и на македонскиот идентитет.
– Во Бугарија нема да најдат ниту еден историчар што ќе каже дека Самоил не е бугарски владетел, ниту ќе најдат сериозен бугарски историчар, и не само историчар туку и од општествената сфера, што ќе каже дека Гоце Делчев не е Бугарин – изјави Ангел Димитров за бугарските медиуми.
Проблематични се и ставовите во однос на македонскиот јазик, а тоа е особено видливо и во искажувањето на Ангел Димитров за нова јазична конструкција.
– Вистината е дека во 1944-1945 година две комисии се состануваат за да реконструираат, врз основа на две-три локални наречја, една нова јазична конструкција. Изработен е нов систем на пишување што позајмува многу српски букви. Целта на овој комитет е да го разликува јазикот од литературниот бугарски јазик. Некои членови на комисијата се спротивставуваат. Тоа е она што го создава она што се нарекува денешен македонски јазик – изјави Димитров за бугарските медиуми.
Визави тоа, сосема природно се наметнува тезата дека Република Бугарија нема да потпише ниту еден протокол во преговарачката рамка ако не се задоволат нејзините историски апетити и покрај тврдењата дека нема да има никакви пречки по промената на македонскиот устав, односно внесувањето на бугарската заедница. Досега официјална Софија не се огради од контроверзните искажувања на Ангел Димитров, ставови што ги нарушуваат добрососедските односи, но и се спротивни од правилникот за работа на комисијата за историски и образовни прашања, правилник што е заснован на принципите за заемно разбирање и академска заснованост и на позитивни европски искуства.
Според нашите соговорници, официјална Софија треба јасно да каже дали ќе ги потпише или нема да ги потпише протоколите од преговарачката рамка доколку не бидат прифатени ирационалните барања на нејзините претставници во комисијата.

Каде е решението на проблемот?

Според добро упатени лица во оваа проблематика, официјална Софија треба да го преиспита својот став за нова историја и обидите за редефинирање на македонската нација и да прифати еден современ начин за комуникација со соседите. Според нашите соговорници, решението за наметнатиот проблем со Бугарија се наоѓа во Софија, односно во напуштањето на бугарските тенденции за ретуширање и ревизија на историјата.
Доколку не се случи тоа, тогаш официјална Софија ќе остане на своите хегемонистички позиции и обиди за наметнување на својата политичка волја, преку заживување на сеништата од минатото, како што е Санстефанска Бугарија, нешто што ги нарушува нејзините добрососедски односи. Официјална Софија како да заборава дека има нови геополитички настани, а голем дел од бугарскиот естаблишмент како да заборава дека екстремниот национализам, ревизионизам и иредентизам се спротивни од меѓународните принципи и самата суштина на меѓународниот поредок што се базира врз Обединетите нации.
– Најдобро е Република Бугарија да ги прифати европските принципи на соработка, пријателство и добрососедство, а не како досега да ги негира македонските национални особености и да се обидува да ја редефинира македонската нација по свој терк. На великобугарзимот и дериватите на санстефанскиот идеал не им е местото во Европската Унија – велат нашите соговорници. Д.Ст.


Димитар Атанасов, академик: Не можам да очекувам македонските граѓани да му веруваат на бугарскиот политички естаблишмент ако јас не му верувам. Јас сум бугарски граѓанин и имам недоверба кон бугарските политичари

Димитар Атанасов, историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките (БАН), за барањата од Софија до Скопје:

Срамни барања од Софија кон Скопје, кои нема да бидат последни

Димитар Атанасов, историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките (БАН), во интервју за „Слободен печат“ даде исклучително интересни коментари во јавноста за последните случувања во бугарско-македонските односи. Тој оцени дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е „срамно барање, кое нема да има никаков ефект“! Истовремено, академикот лично не верува дека тоа ќе биде последното барање од Софија.
Атанасов е дел од помладата генерација бугарски историчари што се залагаат за еден поинаков пристап во историската наука, а и на бугарската политика.
– Јас имам чувство дека се наоѓаме некаде на почетокот на 70-тите години од минатиот век, во срцето на конфликтот меѓу Бугарија и Југославија. Не можам да очекувам македонските граѓани да му веруваат на бугарскиот политички естаблишмент ако јас не му верувам. Јас сум бугарски граѓанин и имам недоверба кон бугарските политичари. Не можам да очекувам луѓе што живеат надвор од Бугарија да поверуваат на соопштенијата на бугарската политика. Поради тоа, демократизацијата, либерализацијата се нешта што во Бугарија треба конечно да бидат дел од актуелниот живот. Инаку осудени сме да го правиме тоа што го правиме. Вистината е тврда и удирајќи си ја главата во неа, тоа многу боли. П.Р.