Третото издание на „Маалскиот фестивал“ годинава ќе се одржува на 27, 28 и 29 септември. За време на фестивалот, во просториите на КСП „Центар – Јадро“ и во Мобилно-монтажната галерија во Паркот на франкофонијата, ќе бидат изведени голем број улични уметнички акции, а ќе биде одбележан и петгодишниот јубилеј од активирањето на КСП „Центар – Јадро“.
– „Маалскиот фестивал“ нема да е маалски ако не започнеме со поправање на „све и свашта у маалово“. Третото издание на фестивалот започна со работилница предводена од активистот Никола Писарев, кој заедно со група уметници и учесниците на работилницата, најпрво ги мапираат уништените и оштетени елементи на урбаната опрема, па ќе ги обноват клупите, игралиштата, жардиниерите – вели тимот на „Јадро“.
– Оваа година го поттикнуваме и детскиот џагор низ улиците и парковите преку „Сложувалка“, креативната работилница под менторство на интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски. Најмладите учесници заедно со уметникот ќе изработуваат џиновски улични сложувалки наменети за јавниот простор, со што ќе добијат фини моторни вештини – велат организаторите.
Третото издание започна со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“ на која се претставува центарот како приказна што се создава колективно.
– Преку средбите помеѓу уметниците и граѓаните во рамките на многубројните содржини што беа реализирани, сметаме дека не само што направивме храбар обид да ги поврземе овие две групи преку уметноста туку сметаме дека создаваме простор каде што уметноста се обликува според потребите на колективот – посочува тимот.
Во Паркот на франкофонијата, официјалното фестивалско отворање продолжи со настап на дуото Букршлиев-Томевски, македонскиот бенд „Мојра“ и квартетот Спировски/Новковски/Танасковски/Џорлев. Вториот фестивалски ден (сабота) ќе започне и работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти под водство на музичарот Виктор Танасковски и уметникот Владимир Лукаш.
– Во нашиот рецепт за успешен „Маалски фестивал“ инклузивноста е задолжителна состојка. По серијата работилници за македонскиот знаковен јазик – „Знак до знак – почувствувај го знаковниот јазик“ под менторство на Викторија Волак, со неа договоривме уште една дружба. На маалската работилница, која симболично се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик – 23 Септември, ќе се изучуваат основите на македонскиот знаковен јазик, со што присутните ќе придонесат кон намалување на отуѓеноста. На вториот фестивалски ден ќе се одржат и маалски базар и саем на книги во Паркот на франкофонијата. Поддржете ги малите локални бизниси во самоодржливоста и пристапете кон нивните екопрактики. Ќе се одржи и предавањето „Уметноста на слушање музика дома“ со Владимир Симеонов, градител на уникатни хајфај-системи и гитарски засилувачи – велат организаторите.
Во 19 и 30 часот ќе се одржи „Џез во мојот влез“ – настап на аматерскиот џез-хор „Артисан“. Вториот фестивалски ден ќе заврши со проекција на студентски ретрофилмови – „Рани трудови“ на Јане Алтипармаков и Филип Херин. На третиот фестивалски ден (недела) ќе се одржат филмски проекции од „Око – аматерска филмска работилница“ и интернационалната студентска филмска платформа „Хај-фај“. Со почеток во 20 часот во Паркот на франкофонијата ќе настапат повеќе македонски поп-изведувачи. Музичкото дуо Добрила и Доријан ќе донесе експериментален крај на третото издание на фестивалот.