Apoptosis Macedonicus

Во денешниов есеј ќе го воведам терминот „Apoptosis Macedonicus“ – македонска апоптоза, за да ја означам програмираната смрт на македонскиот народ – политички чекори што се прават за да изумре македонскиот народ, процес што некои народи го користат за да се ослободат од „непотребниот“ македонски народ – единствениот народ во светот што систематски страда и треба да изумре поради тоа што се идентификува како „македонски“

Апоптоза (старогрчки ἀπόπτωσις – во буквален превод „паѓање“) е процес на програмирана клеточна смрт – молекуларни чекори што доведуваат до нејзина смрт, процес што телото го користи за да се ослободи од непотребни или абнормални клетки. Во денешниов есеј ќе го воведам терминот „Apoptosis Macedonicus“ – македонска апоптоза, за да ја означам програмираната смрт на македонскиот народ – политички чекори што се прават за да изумре македонскиот народ, процес што некои народи го користат за да се ослободат од „непотребниот“ македонски народ – единствениот народ во светот што систематски страда и треба да изумре поради тоа што се идентификува како „македонски“. Всушност, „стереотипот на Македонија како ‘јаболко на раздорот’ се актуализира во сите периоди кога се отвора ‘македонското прашање’ на идентитетот, а имплицитно се осуетува постоењето на самостојна македонска држава“ (Катица Ќулавкова) – таквото осуетување секогаш се реализира преку процесот македонска апоптоза.
Основните чекори на процесот македонска апоптоза се реализирани во последните триесетина години – а во денешниов текст ќе се осврнам само на тој период, кој, според моето мислење, ги вклучува настаните/документите: на 13 септември 1995 година, Владата на СДСМ се откажа од Македонците во Грција, на 22 февруари 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Македонците во Бугарија, додека, пак, договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година претставуваат продолжение на веќе претходно договорените односи по прашањето за Македонците во Бугарија и во Грција, за конечно – очекувано, нели!, на 18 јули 2022 година Владата на СДСМ да се откаже и од Македонците во Македонија прифаќајќи ја Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги придружните протоколи и заклучоците. Ќе ги потсетам читателите на „Нова Македонија“ на почетоците на македонската апоптоза: македонско-грчката Привремена согласност и македонско-бугарската Заедничка декларација, во кои постои идентичен став (разликата е единствено во тоа што првиот документ се однесува на Првата и Втората страна, додека вториот станува збор за Република Бугарија и Република Македонија): „Втората страна/Република Македониjа изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Втората стана/Република Македониjа во внатрешните работи на Првата страна (Република Грција во првиот документ, а Република Бугарија во вториот документ) со цел да го заштити статусот и правата на лицата кои не се државјани на Втората страна/Република Македониjа“. За Преговарачката рамка и понижувачкиот и геноциден втор билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 г., видете го, на пример, текстот „ЕУ се милитаризира, Македонија се мобилизира“ од Христо Ивановски.

Што се однесува до гаранцијата што се „бара преку институциите на Европската Унија… којашто ќе има сериозна посветеност не само кон нас туку и кон регионот“ ќе ги потсетам барателите на мислењето на Чомски за гаранцијата на претседателот Џорџ В. Буш дадена на тогашниот советски претседател Михаил Горбачов дека НАТО нема да се помести „ни педа на исток“: „Тој (Горбачов) го прифати џентлменскиот договор, што не е толку невообичаено во дипломатијата. Ракување и даден збор… Договорите на хартија постојано се кинат“. Меѓутоа, тоа што се случи последните дваесетина година на геополитичката сцена потврдува дека ниту писмените ниту усните гаранции се почитуваат. Всушност, според Чомски, САД се подготвени да жртвуваат многу повеќе, вклучувајќи ги „животите на Украинците, Азијците и Африканците, иднината на цивилизацијата“ – ќе додадам и македонскиот идентитет, само „за да се ослаби Русија, да се увериме дека таа претрпела доволно“, заклучувајќи дека ако „ги земеме предвид сите ризици, гледаме дека луѓето што држат предавања за одбрана на принципите, всушност, се морални имбецили“. Оттука, добивањето писмена (или усна) гаранција дека уставните измени се последен услов за ЕУ-интеграцијата на Македонија е бесмислен документ/став и нема никого да обврзе. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ, всушност, потврдуваат дека Македонците никогаш нема да бидат дел од ЕУ-семејството, за разлика од државата Македонија, којашто, можеби, во некоја многу далечна иднина, ќе биде, но без Македонци – тогаш конечно процесот македонска апоптоза ќе заврши: „непотребниот“ македонски народ ќе биде засекогаш избришан од заедницата на народите.
Клучната теза на Хабермас во книгата „Структурна трансформација на јавната сфера“ (1962 година) е јасна: „Демократијата не може да се сведе на слободни и фер избори; суштински важен предуслов за постоење на демократија се отворените процеси на формирање јавно мислење“. Недостигот од јавно мислење за македонството и декларативното, но не суштинско и обврзувачко прифаќање, за што сум пишувал често во изминатите години, на Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година, е извор на сите македонски проблеми. Меѓутоа, во ерата на поствистината, на ехо-коморите и меурите, на монополите на незнаење, во светот без чувари, сѐ потешко гласот за македонството наоѓа пат до граѓаните во Македонците, но и во светот.
Ако „секоја култура има потреба од точна, снажна и автентична приказна, а културата е токму таа точна снажна и автентична приказна“ (Горан Стефановски), тогаш која е „нашата приказна“? Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик (https://makedonski.gov.mk/) нуди почетно размислување за можниот одговор на ова прашање. Така, во речникот ќе прочитаме: „Европеизација. Прифаќање на европската култура и на европскиот начин на живот. Европеизацијата на Балканот е подолг процес“ и „Балканизација. Пренесување обележја, карактеристични за животот, обичаите и јазиците на балканските народи. Да не дозволиме балканизација на Африка!“.

Како понатаму? За воопшто да можеме да ја кажеме македонската приказна – точната, снажна и автентична приказна за која
се залага Горан Стефановски, веднаш треба да ја прекинеме македонската апоптоза – тоа значи да го раскинеме договорот со Бугарија и потоа, пркосејќи им на ехо-коморите, на монополите на незнаење, на центрите на моќ и на изворите на македонската апоптоза, да овозможиме македонството, под што се подразбира прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, и второ, македонскиот национален супстрат што го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет да се рашири во Македонија и во светот

Двете определби во речникот содржат стереотипи наметнати од западниот светоглед. Балкан е подрачје што „подолго време е ’колепка/лулка на цивилизации’ одошто ‘буре барут’, и во иднина би можело да се развива според неговиот внатрешен, инхерентен цивилизациски код“ (Катица Ќулавкова). Меѓутоа, денес, поттикнат од хегемонистичките амбиции за доминација над Балканот, Западот, користејќи го терминот балканизација – пејоративен термин што во меѓународните односи означува фрагментација, поделба и заострување на конфликтите – оттука, на пример, „да не дозволиме балканизација на Африка“, им наметна на жителите на Балканот понижувачки светоглед – чувство на помала вредност, што треба самите да се обидат да го сменат. Во речникот постои зборот европеизација, но не и зборовите што би значеле прифаќање на начинот на живот на другите континенти, освен за Америка (меѓутоа, терминот американизација се однесува исклучиво на САД). Ваквиот пристап, повторно, е наметнат од Западот, меѓутоа книгите „Ориентализам“ (1978 г.) на Едвард Саид и „Евроцентризам“ (1988) на Самир Амин нудат сознанија за расистичките дискурси коишто ги создаваат и одржуваат европските империи и за евроцентризмот како поларизирачки и идеолошки глобален проект што ги зајакнува империјализмот и системските нееднаквости со легитимирање на системот којшто експроприра ресурси и ги експлоатира луѓето во глобален југ. Овие сознанија, подоцна – во 2021 година, се емпириски потврдени: помеѓу 1960 и 2018 година глобалниот север присвои околу 62 трилиони долари од глобалниот југ, при што интензитетот на експлоатација и скалата на нееднаква размена значително се зголемуваат од 1980-тите и 1990-тите. Западниот пристап на терминот европеизација се среќава и во македонскиот дигитален речник, иако, за многу европски мислители, европеизацијата подразбира ограничен, лажно демократски, ксенофобичен, империјалистички, експлоататорски и расистички светоглед.
Како понатаму? За воопшто да можеме да ја кажеме македонската приказна – точната, снажна и автентична приказна за која се залага Горан Стефановски, веднаш треба да ја прекинеме македонската апоптоза – тоа значи да го раскинеме договорот со Бугарија и потоа, пркосејќи им на ехо-коморите, на монополите на незнаење, на центрите на моќ и на изворите на македонската апоптоза, да овозможиме македонството, под што се подразбира прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, и второ, македонскиот национален супстрат што го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет да се рашири во Македонија и во светот. Предизвиците се големи, но, според моето мислење, враќање на името Македонија е единствениот исправен пат по кој денешнава генерација Македонци и македонски политичари треба да зачекори.