Фото: „Нова Македонија“

Албанија

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави и застана цврсто зад идејата за „формирање бекташка држава во Тирана“. По неговата изјава, која дојде како гром од ведро небо во албанската јавност, не престануваат реакциите во земјата. Во реакциите се наведува дека „тоа претставува држава во држава, закана по религиската хармонија, по која е препознатлива државата, па до тоа дека Рама сака да профитира на парламентарни избори идната година“…
Против оваа иницијатива веднаш се изјасни Муслиманската верска заедница во Албанија, оценувајќи дека тоа ќе ја наруши верската и меѓуверската хармонија во земјата. Потпретседателот на оваа заедница Лорен Лули во интервју за „Еј-би-си њуз“ изјави дека оваа заедница е против идејата за бекташка држава бидејќи ја нарушува верската толеранција во земјата. Тој најави дека сите верски заедници ќе го координираат својот став штом ќе бидат откриени повеќе детали од овој проект.
– Веќе остваривме контакти со други заедници и очигледно сѐ уште не им е јасно што се случува. Рекоа дека сѐ уште е рано да се има став и поради таа причина избраа да немаат комуникација со медиумите или официјален став – изјави Лули.
Реагираше и поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, за кого „идејата е иницијатива со изборна цел“.
– Рама ја искажа идејата за суверена бекташка држава во предвечерието на изборите, на едностран, несогласен, нејасен начин – рече Мета, кој како дополнителен аргумент додава одредба од Уставот.
Реагираше и лидерот на опозициската Демократска партија и поранешен албански премиер и претседател Сали Бериша, кој рече дека „создавањето суверена бекташка држава не е за верниците, туку за самиот премиер Рама“. Бериша порача дека треба да внимаваат на овој проект на премиерот Рама, бидејќи, според него, ова го прави за да ги оттргне мислите на граѓаните од измами и од антиалбански ставови.
Експерти по уставно право оценуваат дека е во спротивност со Уставот и оти тоа е кривично дело! Инаку, според пописот од 2023 година, во Албанија како бекташи се изјасниле 115.600 илјади од 2.402.113 жители на земјата. Р.С.